Барате бизнис идеја? Почнете со целта

Дали некогаш сте сакале да добиете нова бизнис идеја? За некои претприемачи, идејата доаѓа природно – можеби поради познатата индустрија, или имало нерешен проблем што основачот го искусил на прва рака. Но, не секој амбициозен основач има јасна идеја за тоа што тој бизнис би требало да прави. Па, каде да почнете? – ги прашува читателите Елоиз Скинер, основач на The Purpose Workshop, консултантска фирма за социјален импакт и на технолошката стартап компанија  One Typical Day, автор и наставник кој работи во областа на образованието и социјалното влијание.

Голем број училишта за бизнис ќе препорачаат веќе испробана формула: најпрво почнете со идентификување проблем во светот или во вашиот живот; а потоа дојдете до решение. Секако дека има и други методи, како што се проценка на личните вештини и способности, употреба на методологија за креативно размислување (design thinking), спроведување истражување на пазарот, итн. Но, еден елемент често пати е занемарен, или оставен како идеја на која треба подоцна да се размислува.

Тој елемент е смислата за цел. Не станува збор само за движечката сила на вашиот бизнис; туку и можноста дека таа исто така може да биде и семе за бизнис идеја.

Целта пред проблемот

Во оваа алтернативна формула, смислата за цел, и индивидуална и корпоративна, доаѓа на прво место и помага во водење на остатокот од процесот. Заборавете на скицирање на вашата корпоративна мисија како додаток што го правите во последната минута од вашата презентација пред потенцијални инвеститори. Наместо тоа, пред да почнете со што било, обидете да си ги поставите следните прашања:

Која е мојата лична цел?

На која цел би сакал да работи мојот бизнис?

Кои крајни цели ја придвижуваат мојата амбиција?

Кога ќе добиете првични мисли, проверете дали би можеле да одите уште подлабоко. Можеби сте чуле за методот на „Петте зошто“, што првенствено се користеше во корпоративен контекст со цел да се стигне до сржта на проблемот. Тука исто така можете да го примените на вашето сопствено патување на пронаоѓање цел. Запрашајте се: „Која е мојата лична цел?“ Дојдете до одговорот. Потоа предизвикајте го тој одговор со прашањето „Зошто?“ Повторете го тоа пет пати, како начин да се приближите до сржта на тоа што ве мотивира и поттикнува. Ова е клучно – не само лична иницијатива за сопствена свесност, туку и како есенцијален аспект на вашиот бизнис план.

На пример, ајде да кажеме дека ќе почнете со следниот одговор: „Мојата цел е да бидам успешен на работа“. Зошто? Можеби поради тоа што би биле среќен ако работите се одвиваат добро со вашата работа. Зошто? Можеби затоа што можете да видите како вашата работа ќе влијае на другите и тоа ви дава чувство на гордост. Зошто? Бидејќи сакате да работите нешто што е значајно. Зошто? Бидејќи сакате вашата работа да придонесува во светот или да му врати на некој позитивен начин. Зошто? Можеби сакате да мислите дека светот ќе го оставите како подобро место и важно ви е вашата работа да ги отсликува вредностите во кои верувате.

Нема вистински или погрешен пат за работа според овој метод. Тој е само алатка што ќе ви помогне да ги истражувате вашите намери во длабочина. Не мора да дојдете до одговор дека ќе го менувате светот. Ако има значење за вас (на пример, живот со автентичност, грижа за вашето семејство или поврзување со вашата заедница), тогаш тие елементи треба да се вклучени во одговорот.

Да се вратиме на бизнисот

Ајде да кажеме дека сте откриле основна смисла за цел или сте ја анализирале вашата лична мисија со малку повеќе детали. Што е следно? Има неколку начини на кои можете да ја искористите смислата за цел да го води вашиот бизнис план.

Најпрво, можете да се вратите на традиционалниот модел на изнаоѓање проблем на постоечки пазар и потоа да барате решение – но овој пат, барајте го решението низ призмата на цел. Поширок пример би бил, ако вашата цел би била „да создадете среќа за другите“, тогаш можете да го анализирате проблемот со пазарот низ оваа перспектива. Како можете да изнајдете решение за вашиот проблем што не би имало само функционален исход фокусиран на профит, туку и да послужи на вашата цел за максимизирање на сопствената среќа? Употребата на перспективата на целта може да ве одведе по различен пат во пристапот на проблемот.

Второ, можете да ја искористите смислата за цел за конкретно формулирање на вашата бизнис идеја и да го лоцирате вашиот пазар, проблем и решение. Земете ја за пример козметичката компанија Glossier која ја поремети индустријата. Нивната изјава за корпоративната мисија е да ја „демократизираат убавината“ и да „дадат глас преку убавина“. Резултатот е компанија фокусирана на потрошувачот со акцент на инклузивноста. Но, ако почнете само со изјавата за вашата мисија, тогаш ќе можете да имате бура на стотици други идеи што работат кон истата цел. Ова е процес на креативност и ако размислувате за генерирање бизнис идеи за себе, можете да ја искористите личната смисла за цел како почетна точка.

На крај, можете да ја подредите постоечката бизнис идеја на таков начин да ги отсликува вашата лична мисија и цел. Ајде да кажеме дека веќе сте го согледале проблемот на пазарот, сте нашле решение, сте го валидирале тоа решение со потрошувачите и сте почнале да го развивате бизнисот. Смислата за цел е се` уште важен дел од вашата стратегија, без разлика во која фаза на развој се наоѓате. Во оваа подоцнежна фаза, обидете точно да одредите која потреба ја задоволувате кај вашите клиенти или корисници. Ова би можело да оди и едно ниво подлабоко од самиот производ или услуга. Размислете за вредностите, искуствата и личната врска. Оттаму можете да работите наназад за да видете кој вид цел опслужува вашата компанија.

Целта на целта

Која е поентата на целата оваа работа на пронаоѓање на цел? Кога станува збор за претприемачки животен стил, долги работни часови, истрајност, изнемоштеност – дали смислата за цел помага? Всушност, истражувањата покажуваат дека вистина помага.

Истражување неодамна објавено во Harvard Business Review предлага дека претприемачите со смисла за „хармонична страст“ (т.е. мотивирани од работното место бидејќи им дава смисла на задоволство и лично поистоветување) се помалку склони да споделуваат искуства на преоптовареност отколку претприемачите со смисла за „опсесивна страст“ (т.е. мотивирани од работно место поради статусот, парите или друг вид надворешни награди).

Од практична гледна точка, создавањето силна корпоративна цел во мојата стартап компанија ми овозможи јаснотија во секоја подоцнежна фаза на процесот – од презентирање на бизнисот пред можни инвеститори до формулирање на деловната стратегија, но и во поглед на стекнување визија за иднината.

На лично ниво, имањето смисла за цел може да ве обезбеди со енергија и поттик што ви се потребни за да продолжите да работите на вашиот бизнис, ден по ден, година по година. Кога ќе избледи почетната возбуда кај нов проект, останувате со тешката, постојана работа на развивање на вашиот бизнис, но ќе имате солидна основа на значење, мисија и цел што ќе ве поддржуваат на тој пат.

Извор: Entrepreneur

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -