Ако баш морате да патувате со авион, еве како да го направите тоа на најбезбеден начин

Немојте да патувате со авион во моментов, освен ако апсолутно не морате, поентира Лос Анџелес Тајмс.

Искрено, не ни излегувајте од дома ако не морате. Пандемијата на коронавирус се` уште го тресе светот. Пациентите кои завршуваат во болница и смртните случаи се намалуваат, но стапката на трансмисија расте, и во Калифорнија барем, јавните здравствени установи се` уште не прогласиле дека е безбедно да се лета.

Постојат причини зошто некои луѓе се` уште мораат да патуваат со авион, како што е итен медицински случај со член на семејството, или селење поради нова работа. Едно истражување објавено неодамна покажа како новиот коронавирус се проширил на два меѓународни лета претходно годинава. Но двата инциденти се случија пред авиопревозниците да воведуваат задолжително носење маски. Патувањето со авион е малку побезбедно сега, но не значи дека не постојат ризици. Ако апсолутно морате да патувате, земете ги предвид корисните совети што ќе ви покажат како тоа да го сторите на најбезбеден можен начин.

Пред летот

Прво и пред се`, не патувајте ако имате какви било симптоми на Ковид-19. Не патувајте ако неодамна сте имале симптоми и сте правеле тест ама се` уште не сте ги добиле резултатите, дури и да се чувствувате подобро. Повеќето авиопревозници во голема мера ја проширија можноста за смена на летот без да плаќате дополнителни пенали. Искористете ја оваа флексибилност. Ниту едно патување не вреди да ги загрозувате другите лица на аеродромот, во авионот и на вашата дестинација.

Кога одбирате лет, земете ги предвид правилата за седење во авионот. На почетокот на пандемијата, се чинеше дека сите авиокомпании јасно и гласно изјавуваат дека седиштата во средината ќе бидат оставени празни за да се запазат правилата за социјална дистанца. Но фотографии споделени на Twitter брзо докажаа дека не сите го мислеле тоа што го изјавувале.

„Веќе сме шест месеци во оваа ситуација, и веќе знаеме кои авиокомпании всушност го прават тоа што го кажуваат,“ вели Зак Хонинг, уредник во вебсајтот за патувања the Points Guy.

Тој вели дека Delta и JetBlue се дрежеле до правилото да ги остават седиштата на средината празни, додека пак Southwest се` уште им дозволува на патниците да ги одбираат седиштата, иако ја скратија продажбата на билети за да можат седиштата во средината ефикасно да останат непродадени.

Ако треба да патувате со различни авиопревозници, исто така можете да се јавите и да замолите да го купите седиштето до вас, за да остане слободно.

Секоја авиокомпанија бара патниците да носат маски на лице. Пола Канон, виролог и професор по молекуларна микробиологија и имунологија на медицинскиот факултетот Кек при Универзитетот во Јужна Каролина, вели дека таа ги претпочита маските KN95, но дека најдобра маска е таа што цврсто стои на вашето лице, која можете да ја носите долг период без да ја допирате, приспособувате или да се чешате под неа.

Постојат одредени шпекулации дека носењето очила исто така го спречува ширењето на Ковид-19, со тоа што не им дозволува на ситните честички да влезат во телото преку очите. Нема да ве боли ако ги носите очилата за време на вашето патување, доколку ги имате. И ако треба да носите очила или визир, дополнително врз вашата маска, најверојатно нема да бидете единствениот таков патник на аеродромите. Не постои нешто такво како премногу сериозен патник во ова време.

„Да бев во авионот и луѓето да носеа маски, визири и кеси врз главите, јас ќе мислев дека тоа е супер, се надевам дека тој ќе седне до мене,“ вели Канон.

Дан Услан, кој е еден од двајцата главни служебници за спречување инфекции во Универзитетот Калифорнија Лос Анџелес, напишал емаил според кои патниците треба да се водат, односно да ги почитуваат трите едноставни правила: мијте ги или чистете ги рацете често, носете маска, внимавајте на социјалната дистанца постојано. Одржувајте го сопствениот „меур“: ако некој премногу се приближи до вас, замолете го да се оддалечи.

На аеродромот

Носењето маска и одржувањето на социјалната дистанца се подеднакво важни и на копно и во воздух. Кога ќе стигнете на аеродромот, поминувате низ безбедносни проверки, процедури за качување во авион и во разните продавници и ресторани наидувате на лути патници, или такви на кои им е здосадено чекањето.

Можеби ќе паднете во искушение да се опуштите со пијалак во барот на аеродромот, и без да носите маска додека го консумирате, но запомнете дека секој пат кога маската е доле, ризикот се зголемува. Од безбедносни причини, прескокнете ја навиката да испиете коктел пред полетување или да каснете нешто.

Кога ќе дојде времето да се качите во авионот, немојте да брзате да застанете во ред. Хонинг вели дека поголемиот број авиокомпании ќе ви дозволат да ја погледнете апликацијата за местата за седење во авионот додека летате и додека сте онлајн. Ако има попразно место во авионот, можете да ја прашате стјуардесата да ве смести на тие седишта.

Мостот што води до авионот е најверојатно поризичен од самиот лет, вели Канон, бидејќи има малку вентилација и луѓето често пати се тискаат. Повторно, немојте да се плашите да ги замолите лицата околу вас да ја запазат безбедната дистанца, или почекајте додека не влезе последниот патник.

Внатре во авионот

Пред да седнете, со влажни марамчиња поминете го појасот, држачите за рацете, конзолата за телевизорот, предната и задната страна од малата масичка на седиштето, и се` останато што би можеле да допрете. Иако површинските трансмисии на коронавирус не претставуваат толкав проблем колку што се веруваше на почетокот, сепак е добра идеја да ја чистите површината на предметите што ги допирате што повеќе можете.

Откако еднаш ќе седнете, искористете ја предноста на системот за вентилација на авионот кој ќе исфилтрира голем дел од честичките на вирусот и ќе го уништи остатокот, вел Канон. Вклучете ја вентилацијата и наместете ја да дува директно во вашиот нос. Понесете јакна или џемпер и избегнете ја потребата да допирате ќебе од авион кое и други го користеле.

Авиокомпаниите имаат правило за носење маски, но секому му е дозволено да ја симне маската за да јаде и пие. Хонинг вели дека чул дека некои луѓе ја користат таа прилика и го одолговлекуваат јадењето на оброците што повеќе можат.

Доколку за време на вашиот лет се послужуваат храна и пијалаци, почекајте додека луѓето околу вас завршат со јадење и ги вратат маските на лице, пред вие да ја симнете вашата, препорачува Хонинг. Или пак, воопшто немојте да ја вадите маската, за пиење користете цевка, и почекајте да јадете додека не пристигнете на вашата дестинација. Или воопшто немојте да пиете и јадете за време на летот.

Ако имате потреба да го искористите тоалетот, и одлучите дека малиот приватен простор е добра шанса да направите мала пауза од носењето маска, размислете повторно. Лицето кое го користеле тоалетот пред вас можеби ја имало истата мисла, и тоа пред него, итн. Кога последен пат сте биле во тоалет во авион и сте си помислиле: „Уау, овој мал, затворен простор е многу добро проветрен и полн со свеж воздух?“ Не ја вадете маската.

Во основа, останете си на место со маската на лице колку што е можно подолго за време на летот.

Откако ќе слетате, не брзајте да излезете – повторно, одржување на чист „меур“ околу вас е поважно од пристигнувањето на дестинацијата неколку минути порано.

Кога сте надвор од аеродромот, и сте пристигнале на дестинацијата, земете длабоко воздух, без маската. Сте го заслужиле тоа.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -