Јавна расправа: Дали постои поволна клима за развој на женско претприемништво?

Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување во партнерство со Здружението на бизнис жени и ГТФ Иницијативата за одржлив развој од Хрватска Ве покануваат на настан – јавна расправа на тема: Дали постои поволна клима за развој на женско претприемништво?

Настанот е дел од проектот “Јакнење на придонесот и ефикасноста на граѓанските организации од женското претприемништво кон ЕУ интегративните реформи во областа на економската политика (We-Contribute)“. Јавната расправа ќе се одржи на 01 јуни 2018 година во Хотел Порта со почеток во 12:30 часот.

На настанот ќе бидат дискутирани теми кои се релевантни за женското претприемништво и што ги засега жените претприемачи структурирани во три дела:

  • Влада – Дали постои поволна клима за развој на женско претприемништво?
  • Финансии – Пристап до финансии и отворени програми за поддршка на претприемништво
  • Прашања – Кои се прашањата кои сакате да ги поставите до релевантни институции/Министерства кои се однесуваат на развојот на претприемништво?

Јавната расправа ќе поттикне дискусија помеѓу жените претприемачи од која ќе произлезат и прашања кои се битни за жените претприемачи во Македонија како и заклучоци за подобрување на овие тематики кои ќе бидат споделени до релевантните институции/Министерства.

Проблемите со кои се соочуваат жените претприемачи во Македонија се слични на оние со кои се соочуваат сите мали и средни претпријатија низ цела Европа – административните бариери, недостатокот на рамка за развојна политика, проблемите со пристапот до финансии и др. Процентот на бизнис жени во Македонија е се уште низок, што ја зголемува важноста за зајакнување на улогата на жените во процесот на донесување одлуки и нивно вмрежување, за да можат да бидат соодветно застапени и да станат дел од програмите за да добијат искуство и помош што им е потребна. На жените претприемачи им треба поголема поддршка, координација на веќе воспоставените структури и олеснување на мерките со кои се промовира економското зајакнување на жените. Во таа смисла, се овозможува централна координативна структура преку формирањето на НСЖП, која ќе служи како консултативна, политичка и застапувачка платформа за подобрени политики, инструменти и програми за женско претприемништво.

 Како дел од проектот беше формиран и Национален совет за женско претприемништво (НСЖП) кој е прв и единствен совет за женско претприемништво кој делува на национално ниво. НСЖП е доброволно, неформално обединување на активни актери од граѓанскиот сектор, креатори на политики и релевантни институции кои дејствуваат во областите на женско претприемништво.

Советот има за цел да обезбеди неопходна основа за влијание врз севкупниот развој на женското претприемништво во земјата, вклучувајќи ги и процесите на ЕУ интеграција преку воведување на ефикасен механизам за консултации, застапување и влијание.  

Основната идеја за формирање на советот е важноста на мрежното поврзување со цел да се создаде синергија на квалитет и влијание на силно застапување на интересите на жените претприемачи пред засегнатите страни на законодавната и извршната власт.

Националниот совет за женско претприемништво се планира да биде задолжен за идентификување и препорачување на решенија за прашања од клучно значење за развојот на женското претприемништво во земјата. Исто така, Советот има за цел да промовира примери на добри практики, за да обезбеди подобра координација на активностите поврзани со прашањата за женско претприемништво и да овозможи мрежно поврзување на жените претприемачи на национално и меѓународно ниво.

Акцентот ќе биде ставен на идентификување на меѓу секторските области значајни за процесите на интеграција во ЕУ. Посебно внимание ќе се посвети и на координирање на активностите со други платформи на граѓанските организации кои се занимаваат со прашања како што се родова еднаквост и еднакви можности.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

- Advertisment -