Што прават емоционално интелигентните лидери за да ги задржат работниците на далечина

Иако бројот на работници на далечина полека расте со години, Ковид-19 натера до сега невиден број вработени да се обидат ефикасно да работат од дома. За некои, ова беше добредојдена промена, но за други ваквиот чекор изискува тешко ментално и емоционално прилагодување, пишува Харви Дојсендорф, експерт, автор и говорник од областа на емоционалната интелигенција.

Еден од најголемите предизвици со кои се соочени вработените кои работат на далечина е поврзаноста и ангажманот со нивните организации и чувството дека нивниот работодавач разбира низ што тие поминуваат. Анкета спроведена во 2019 година од Businessolver откри дека 82% од вработените размислуваат да ја напуштат организацијата за која работат за компанија каде се негува поголемо чувство на емпатија. Емпатијата е огромен дел од емоционалната интелигенција. Повеќе од три четвртини од испитаниците кажале дека ќе работат подолги саати ако знаат дека нивниот работодавач се грижи за нив.

Во време кога интеракциите со физичко присуство се смалија поради оваа промена кон работа на далечина, важноста на емоционалната интелигенција и чувството на поврзаност само се зголемија. Тешко е да им дадете до знаење на вашите вработени дека се грижите за нив кога тимот е лоциран на различни места, што значи дека станува се` поважно за лидерите да направат дополнителен напор во оваа насока.

Во продолжение се неколку тактики што ги користат емоционално интелигентните лидери за вработените кои работат на далечина да продолжат да работат за истата компанија.

Не претпоставувајте дека се` е во ред

Кога вработените работат на далечина многу е потешко да се забележи кога некој има маки. Типичните надворешни сигнали на стрес, како што е промена во говорот на телото или себе-претставувањето пред други, лесно може да се скријат кога вработениот не е физички присутен.

Вработените кои се соочуваат со проблеми можеби се двоумат дали треба да посегнат по помош од нивните надредени (или други лица), од страв дека ќе делуваат зависни, изискателни или пак неспособни да ја работат работата за која се ангажирани. Со цел надминување на овие предизвици, емоционално интелигентните лидери треба да направат дополнителен напор и да побараат повратни информации од вработените и да одржуваат силни врски со членовите на тимот.

Одбираат да поминат време со вработените пред екранот

Иако времето поминато пред компјутерскиот екран не може да ја замени интеракцијата во живо, подобро е од комуникацијата по телефон или емеил. Барем можеме да го видиме лицето на другиот, што пак ни овозможува чувство на поврзаност. Емоционално интелигентните лидери можат да покажат дека се грижат за вработените со тоа што ќе ја ограничат употребата на емеил на споделување информации, а ќе користат видео повици за каков било вид подлабока дискусија.

Го зголемуваат личниот контакт

Лидерите треба да поминат повеќе време во редовна проверка на нивните вработени преку Zoom или други видео платформи. Во исто време, ова треба да биде направено на начин на кој директното репортирање не треба да претполага дека целта е да ја надгледувате нивната работа или се обидувате да микро менаџирате.

Емоционално интелигентните менаџери можат да ја стекнат довербата на нивните вработени преку отворено, транспарентно споделување на нивните проблеми. Слушањето исто така не` поврзува. Според Моше Коен, автор на „Како да преговарате кога преговорите ве прават нервозни“, поставувањето отворени прашања и слушањето без да прекинувате некого им овозможува на емоционално интелигентните менаџери да покажат почит за нивните соработници, додека истовремено ги откриваат сопствените грижи и ги поддржуваат нивните потреби.

Воспоставуваат мрежа за поддршка на нивните вработени

Не сите луѓе кои работат на далечина се соочуваат со истите проблеми. Некои треба да се грижат за нивните деца или постарите членови на семејството. Сега кога помина веќе една година, лидерите и лицата кои работат во човечки ресурси би требало да најдат можности за вработените со слични околности да се поврзаат еден со друг, дали преку програми за помош на вработените или преку врски со веродостојни надворешни организации.

Одржуваат виртуелни прослави

Дури и ако не можеме да се собереме во салата за конференции за да јадеме роденденска торта, или да се состанеме на пијалак после работа, нема причина зошто ваквите настани да не се одржуваат виртуелно. Лидерите сепак би требало да бараат можности да се препознаат животните пресвртници и постигнувањата на тимот.

Давањето забавни сувенири, како што се шолји за кафе или маички, исто така може да помогне во создавањето чувство дека вработените припаѓаат на одредена група дури и кога работат на далечина. Менаџерите исто така можат да бараат и идеи за тоа како да се поврзе тимот од самиот тим. Работите што можат да се направат на ова поле се ограничени единствено од вашата имагинација.

Извор: Fast Company

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -