Што прават добрите лидери кога доаѓаат на местото на лошите

Секој лидер кој е поставен на висока позиција што претходно била заземена од некој друг се соочува со истиот предизвик: мора да се справи со постигнувањата и неостварените цели на лидерот во заминување. Кога вашиот претходник бил успешен, вас ќе ве судат според неговите/нејзините постигнувања.

Но кога доаѓате на местото на неквалитетен или контроверзен лидер, можеби ќе треба да преземете одговорност за грешките на вашиот претходник, додека истовремено ќе треба да работите на создавањето нова визија за организацијата. Лошото лидерство може да и` наштети на институцијата, без разлика дали станува збор за влада или корпорација, а често пати лидерите мора да преземаат агресивни дејства за да го спасат претпријатието. На крај, сето ова мора да се направи во рамки на организацијата, која што може да е и скептична и исцрпена.

Справувањето со сите овие тензии може да биде предизвик дури и за најискусниот лидер. Како извршен обучувач и консултант, во текот на повеќе од две децении, сум помогнал десетици лидери да испливаат од ваквата транзиција. Сум видел лидери кои се исправаат пред предизвиците, но исто така сум видел и борби и тешкотии, дури и кога лидерите имаат најдобри намери. Со неколку основни стратегии, можно е не само да и` помогнете на компанијата да продолжи понатаму по неквалитетното раководење, туку и да ја трансформирате организацијата и да му помогнете на секој вработен да го оствари личниот потенцијал, пишува Ендру Блум, основач и извршен директор на The Trium Group, компанија која нуди услуги за трансформациони промени преку стратешко планирање, лидерство и компаниска култура.

Признајте ги придонесите на претходниот лидер

Добрите лидери создаваат поделба меѓу минатото и иднината. Многумина се склони да дојдат на лидерска позиција игнорирајќи ги нивните претходници, или полошо, окривувајќи ги претходните лидери за сите грешки и предизвици со кои се соочува организацијата. Ова е вистинско искушение ако вработените го гледаат вашиот претходник во лошо светло.

Но, добрите лидери ја признаваат и прифаќаат минатата реалност, како и големата веројатност дека секој лидер, без разлика колку бил неквалитетен, сепак направил нешто добро. Најверојатно ќе се сретнете со вработени кои го поддржуваат претходното лидерство и тие ќе имаат комбинирани гледишта за тоа што не било направено како што треба и што треба да се направи поинаку. Новите лидери се учени да прифатат се` што е позитивно од нивните претходници, додека истовремено отворено дискутираат за траумата и штетата што ја предизвикале во претпријатието.

Понекогаш, причината зошто си заминал претходникот не е сериозна, но сепак треба да биде адресирана. Неодамна работев со еден извршен директор кој требаше да направи транзиција во голема меѓународна компанија. Бизнисот беше сериозно погоден од пандемијата и како резултат на тоа деловната стратегија мораше драстично да се промени. Одборот одлучи дека претходниот извршен директор не е вистинската личност за следната фаза.

Како што се справувавме со транзицијата, новиот извршен директор постојано ја истакнуваше благодарноста кон неговиот претходник кој помогнал да се развие компанијата и постигнал неверојатно ниво на успех. Но, тој едноставно не беше вистинското лице кое можеше да ја заврши работата сега.

Успешното лидерство е умешноста на држење рамнотежа меѓу овие две наизглед спротивставени вистини. Претходниците секако не биле мрзеливи, но тие исто така не биле ефикасни. Добрите лидери мора директно да ги прифатат обете вистини, на автентичен начин и со интегритет.

Овозможете визија за иднината со создавање простор за простување

Дејствијата на повеќето лоши лидери се, во некој степен, вкоренети во добри намери. Но често пати, дури и најдобрите намери имаат несакани последици, или предизвикуваат колатерална штета.

Прифаќањето на празнината меѓу намерите и резултатите на претходниот лидер може да биде едноставно како кажувањето: „Разбирам дека претходните извршни директори имале големи соништа за оваа компанија, но нивните методи (или пристап, или стил) не функционираат“.

Често се судиме себеси преку нашите намери, а другите преку нивните дејства. Ако другите ги потсетите за овој факт, тогаш тоа не го аболицира претходниот лидер, но го очовечува претходното лидерство и создава простор за прошка.

Во овој контекст, проштевањето создава простор за нова визија и насока и им дозволува на луѓето да се ослободат од минатото и заедно да тргнат кон иднината. Незадоволството има сопствена тежина што често пати не` води до повторување на шемите и дејствијата од минатото. Проштевањето често пати има спротивен ефект и создава простор за нови можности.

Во еден пример, му помогнавме на еден извршен директор да ја заземе позицијата од еден динамичен, но контроверзен основач на технолошка компанија. За да создаде простор за прошка, новиот лидер одржа состанок со сениорскиот тим фокусиран на 3 прашања: Што сакаме да задржиме од претходниот начин на работа? Што сакаме да оставиме? Што ново сакаме да создадеме?

Тимот откри дека многу од нивните методи се ефективни и дека тие филозофии биле овозможени од претходниот лидер. Сепак, имаше и работи што требаа да се напуштат. Овој избалансиран поглед дозволи да се искажат чувства и на почит и на прошка во однос на претходниот лидер, додека напорите за начините како да се продолжи напред исто така добија зелено светло. Немаше негација на минатиот лидер и процедурите што биле воспоставени, без разлика дали биле добри или лоши. Околностите се менуваат, а тоа значи дека лидерите треба да еволуираат и да се приспособуваат.

Разберете ги искуствата на вработените

Многу лидери се двоумат кога треба да се гледаат себеси само како корективната сила за нивните претходници, без да вложат време во разбирањето на целосното влијание на претходниот режим или со тоа што не успеваат да ги вклучат нивните тимови во креирањето на иднината. Не станувате автоматски добар лидер само затоа што сте ја презеле позицијата од претходникот или само ако имате различна гледна точка од директорот во заминување. На крајот на краиштата, станувате добар лидер со тоа што ќе раководите поинаку и на инклузивен начин.

Слушајте ги луѓето кои ги почувствувале негативните ефекти на претходниот лидер и искористете ја таа информација при креирањето на вашата визија. Експлицитно прашајте ги поединците или тимовите во компанијата како можете сега да им помогнете; што најмногу им треба, и што се надеваат дека вие треба да сторите како лидер. Лошите лидери не ги поставуваат тие прашања, но добрите лидери секогаш го прават тоа.

Луѓето се создадени да можат да продолжат понатаму и кога се чувствуваат вистински разбрани често пати прават чекори напред по сопствена волја. Овој процес не треба да се брза, но ако им приложите визија за тоа како може да биде, повеќето со задоволство ќе го напуштат минатото. Не можете да ги терате луѓето да одат напред, но можете да им покажете дека работите можат да бидат поинакви со слушање и уважување на тешко научените лекции.

Со прифаќање на празнината меѓу дејствијата и намерите на претходниот лидер, посветеноста на вашата сопствена визија и прашањата до вработените за нивните потреби, не само што успешно ќе го замените неквалитетното лидерство, туку и самите ќе станете многу поефикасен лидер. Лидерите кои се посветуваат на овие практики ќе ја отклучат енергијата и мудроста на луѓето кои ги водат. А со тој чекор, вработените ќе помогнат во создавањето иднина што е поинаква од минатото и која има смисла за сите.

Извор: Harvard Business Review

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

- Advertisment -