Што е франшиза и франшизно работење

Франшизата претставува форма на соработка меѓу продавачот на франшизата (франшизер) и корисникот на истата (франшизист). Франшизерот го нуди својот бренд и know – how, а за возврат наплаќа одреден надмест од давањето на франшизата, додека франшизистот на тој начин стекнува право и можност да го применува тој деловен модел.

Историски гледано, компанијата за производство на машини за шиење, Singer, во 1851 година прва почнала да дава франшизи за дистрибуција на нивните машини. До крајот на минатиот век, франшизата претставувала само право на дистрибуција и продажба на добра, а во денешни услови таа претставува целосен формат на работа и пренесување на целосен бизнис модел.

Во светот, околу 50% од малопродажбата оди преку франшизи. Франшизите се присутни во околу 80 индустрии, а нова франшиза се отвора на секои неколку минути (две во САД, шест во Европа). Франшизата е алатка за раст и ширење на бизнисот и е генератор за нови вработувања, смета Љиљана Кукец, претседател на хрватското Здружение за франшизно работење, франшизер и сопственик на компанијата Body Creator.

Овој вид на соработка најчесто е за подолг временски период, каде двете страни имаат права, обврски и одговорности едни кон други. Франшизата овзможува претприемачот да води сопствен бизнис под нечиј веќе етаблиран бренд.

“Франшизата всушност не се продава, туку се издава, затоа што има временско ограничување. Најчесто тоа е пет години, со право на продолжување. Услов е однапред во договорот да биде одредено колку чини продолжувањето, затоа што продолжувањето си има цена. Во некои франшизи нема, туку се продолжува автоматски, некои бараат по пет години повторно да се преуреди некој простор, да се инвестира во нова опрема…”, вели Кукец.

Основната обврска на продавачот на франшизата е да ја обезбеди потребната лиценца, со што се овозможува правна согласност за водење на бизнисот. Но, од франшизерот се бара и постојан трансфер на знаење за водење на бизнисот додека трае договорот за франшиза. Од друга страна, обврската на примателот на франшизата е да ги почитува и спроведува правилата на работа и редовно да го плаќа договорениот износ.

“Во франшизниот пакет влегува брендот, односно марка, процедурите за работа коишто мораат да бидат во пишана форма. Во пакетот спаѓаат и франшизниот договор, некои други правни документи за намера на купување, политиката на работење, маркетинг, како и постојано советување во текот на работата. Давателот на франшизата секогаш мора да биде присутен, не само за да ја следи работата на примателот на франшизата, туку да му помогне во даден момент. Кога зборуваме за име или марка, во пакетот мора да оди и заштита на интелектуална сопственост”, објаснува Кукец.

Популарноста на франшизата лежи во поддршката што им се нуди на претприемачите, а тоа е формата на работа што им нуди успешен модел, пренесување на знаење, искуство и логистика.

Фото: Pixabay

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -