Фокусот на новиот начин на работа би требало да е на резултатите (не на часовите поминати на компјутер)

Како што се забрзува револуцијата на работното место, стануваме сведоци на темелно преиспитување на дефиницијата за флексибилност на компаниите. Дебатата веќе не се фокусира единствено на работењето од дома, па дури и на хибридната работа. Поради генерациската побарувачка и промената на работната средина преку ноќ, флексибилноста исто така се трансформира. Од неограничени политики за користење годишен одмор, до асинхрони распореди, компаниите се приспособуваат со зголемено темпо. Имајќи ги овие сеизмички промени на ум од особена важност е организациите одново да дефинираат како го ценат успехот и да имплементираат модел за мерење на ефикасноста на вработените што се фокусира на резултати, а не на тоа колку време сте поминале пред компјутер, смета Каролин Мур, виш потпретседател за човечки ресурси во Auth0.

Една од најголемите погрешни претстави е дека времето поминато на биро е еквивалент за успех и дека луѓето се помалку ефикасни кога не работат во канцеларија. Ефикасноста и успехот не можат веќе да се промислуваат во однос на бројот на сработени часови. Напротив, фокусот би требало да се стави на тоа како вработените одговараат на јасните очекувања поставени од менаџерот на самиот почеток на работниот процес. Додека процесот по себе е важен, крајниот резултат е тој што вистински ја поттикнува организацијата да оди напред.

Создавањето успешна компаниска култура во денешната работна средина бара доверба, флексибилност и филозофија за работа што се заснова на резултати, а не на часови поминати пред компјутер. Во продолжение се неколку совети за создавање работна средина која се надоградува и развива постојано.

Поставете конкретни мерни механизми

Со цел точно и ефикасно мерење на резултатите, менаџерите мораат да воспостават конкретни и јасно дефинирани мерни методи за нивните тимови. Непроменливи крајни рокови, дадени бројки и врсти излезни резултати се главните елементи на моделот на работа што се фокусира на резултатите. Кога конкретните метрики се поставени за поединечниот вработен, тогаш тоа му овозможува да работи во рамки на одредена потребна структура за да ги оствари целите, и создава средина во која резултатите самите говорот како еден вид проценка.

Кога ги поставувате мерните методи треба да внимавате да не ги оптоварувате луѓето со задолженија. Важно е да запомните дека метриката е и скалабилна и „сварлива“ – одбегнете да им поставувате невозможна количина мерни механизми на вашите вработени. Тимовите можат да се подготват за успех со имплементирање на добро дефинирани цели и процеси за постигнување клучни резултати. Таков врвен процес јасно ги дефинира целите на тимовите низ целата организација, во сите сектори, како и кај секој вработен кој придонесува кон остварувањето на тие цели, придружуван од механизам за мониторинг на напредокот. Овој начин на работа ги прави тимовите одговорни и ја поттикнува работата да се движи напред повеќе од која било претходно дефинирана количина на време поминато пред компјутер.

Охрабрувајте отворена и емпатична комуникација

Во работна средина на далечина или во хибриден модел, има потреба од емпатична и отворена комуникација од страна на лидерската структура и членовите на тимот. Ова е особено важно за време на пандемијата, кога линијата помеѓу професионалниот и приватниот живот е целосно заматена. Сетете се дека луѓето се прво човечки суштества, а потоа вработени. Раководете со емпатија и обидете се навистина да разберете кои се вашите соработници и што им е потребно – застанете во чевлите на вашите колеги и разберете дека на сите им се случува живот. Имањето емпатија во комуникацијата дозволува вработените да бидат чуени, да се чувствуваат почитувани и да бидат повеќе продуктивни.

Одбегнувајте постојани проверки

Од клучна важност е сите лидери да воведат практики на добро и правично менаџирање за да бидат сигурни дека нивните тимови се на вистинскиот пат и дека не чувствуваат дека треба да се докажуваат колку вредат со „време поминато на биро“ и бројот на часови што го поминуваат во работа онлајн. Иако многу малку лидери би практикувале микроменаџирање денес, вработените често пати се чувствуваат поинаку. Работата според моделот фокусиран на резултатите отфрла некои од главните чекори на кои менаџерите можеби се навикнати да прибегнуваат со цел да го следат процесот. Иако проверките во текот на целата имплементација на проектот се важни, менаџерите би требало да одбегнуваат да практикуваат надмоќ ако сакаат навистина да ги ползуваат бенефитите од овој вид флексибилен работен стил.

Обезбедете конкретни повратни информации

Во работна средина која се фокусира на резултатите, од особена важност е менаџерите да обезбедат повратни информации за произведените резултати. Бидејќи вниманието се префрли од целокупниот процес, евалуацијата треба да се заснова на излезните резултати на секој вработен. Редовни кратки состаноци лице-в-лице се клучни за можноста вработените да дадат и добијат повратни информации. Создавањето конкретен простор за отворена двонасочна комуникација може да помогне во создавањето доверба и поддршка за повеќе иновации. Повратните информации треба да бидат конкретни и да даваат насоки за тоа какви дејства треба да се преземат. Повратните информации исто така треба да се засноваат на мерните резултати за работењето на одреден вработен што се дадени на увид и поставени уште од самиот почеток.

Со евалуацијата на вработените според произведените резултати наместо според часовите поминати на биро, компаниите можат да создадат работна средина во која вработените се стимулирани и мотивирани, зголемена со нивните резултати, подобрени репортирање од страна на тимовите и флексибилна компаниска култура. Дополнително, клучната корист од овој модел на работа фокусиран на резултатите е културата што се создава, која дозволува работата да биде природен дел од животот, а не одделно нешто.

Се чини дека голем број компании денес имаат добра компаниска култура напишана на хартија или во нивните резимеа, а знаеме дека компаниската култура е нешто многу подлабоко од материјалната корист како што се слободни денови. Станува збор за грижа и за правење приоритет од тоа како вработените се чувствуваат во врска со нивната работа и добросостојба. Кога една компанија се концентрира на резултатите наместо на времето поминато на биро, вработените ја чувствуваат таа флексибилност и можат да создадат рамнотежа помеѓу професионалниот и приватниот живот, што на крајот на денот го поттикнува постигнувањето најдобри резултати.

Веруваме дека работата е нешто што го правите, а не место што го посетувате, и гледаме како други компании го усвојуваат овој начин на размислување и позитивните секундарни ефекти. Работната средина се менува, физичката канцеларија не е веќе неопходна за бизнисот, и шемата од 9ч до 5ч изумира. Традиционалниот начин на мерење на успехот во часови не е одржлив во новиот деловен свет. Дали вие се` уште го практикувате?

Извор: Fast Company

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

- Advertisment -