ФИТР: Со нови критериуми за жени претприемачи покажан е рекорден интерес за поддршката

Рекорден број, односно над 2.000 домашни компании подигнаа апликациски пакети на јавниот повик за брзо прилагодување на Ковид-19, објавен од страна на Фонд за иновации и технолошки развој. Предлог проекти за првиот циклус финансирање доставија 166 компании.

Домашните фирми бараат речиси 90% од предвидениот буџет од 200 милиони денари, поради што ќе се бараат дополнителни средства, најави директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски. Вкупниот инвестициски циклус е речиси 300 милиони денари од кои 39% или 112.000 денари се учество на самите компании.

„Резултатите од овој прв циклус покажуваат дека дел од домашната економија веќе размислува за заздравување и има конкретни инвестициски планови. За неполни 45 дена имавме над 2.100 подигнати апликациски пакети што е индикатор дека домашната економија овој период на преживување го трансформира во период на размислување како да се развива. Тоа што веќе во првиот циклус ќе бидат искористени речиси 90% од средствата, значи дека во секој следен циклус Фондот во соработка со Владата ќе работи на обезбедување дополнителен износ на средства” нагласи Деспотовски.

Статистиките за жените претприемачи се менуваат на подобро

Дури 88% од апликантите продолжуваат во следните фази на евалуација и оценување, додека 12% отпаднале како неподобни. Посебно охрабрува фактот што 76% од нив за првпат аплицираат во Фондот, 16% аплицирале претходно, но не добиле средства па повторно се обидуваат, а само 8% користат или користеле средства. Компаниите ќе инвестираат во 15 различни области, меѓу кои продажба, трговија и дистрибуција, здравство, екологија, земјоделие, а за првпат не доминира ИТ секторот. Особено е позитивно тоа што со овој повик има зголемен интерес кај компаниите од сите региони, како и зголемен број на компании со жени претприемачи.

„Ова е особено важно бидејќи го пилотираме за првпат и сме успеале да ги мотивираме домашните компании од сите региони да аплицираат. Гледаме и поголемо вклучување на жените, односно 56% од апликантите се во сопственост или се менаџирани од жени. Ова покажува дека со добра политика и добро таргетирана мерка можеме да поттикнеме процеси кои ќе дадат конкретни резултати и ќе поттикнуваат економска активност. Бројките покажуваат дека сме успеале во тоа,“ нагласи Деспотовски.

Воведен е дополнителен критериум за жени претприемачи

Со овој повик за првпат беше воведен дополнителен критериум за оценување и повеќе поени за компании со жени во управувачката, односно сопственичката структура и за компании кои доаѓаат од помалку развиените региони.

Во однос на обемот на компаниите, најзастапени се апликации од мали фирми, 51%, како и од микро претпријатија, 42%. За големите бизниси кои не се опфатени со поддршката, Деспотовски најави креирање на нов модел заедно со стопанските комори и Светската банка.

Се очекува до крајот на месец јули да заврши фазата на претселекција, а финалната селекција до средината на август, по што ќе бидат објавени официјалните резултати и ќе се потпишуваат договори. Во пресрет на вториот циклус Фондот заедно со Светска Банка и стопанските комори ќе им пристапи на сите 2.100 компании кои изразиле интерес за поддршка.

„Ќе бидеме отворени за сите нивни сугестии и предлози за дополнително унапредување на овој модел на поддршка. Следниот циклус кој е планиран за крајот на август, па тогаш ќе размислиме и за проширување на поддршката, и ќе разговараме за посебна мерка за извозната дејност. Во почетокот на септември, со вториот циклус на поддршка можеме да очекуваме продолжување на оваа поддршка и евентуално дополнителни мерки кои ќе произлезат од консултациите со коморите. Апелирам до сите домашни компании активно да се вклучат во овој процес, да дадат свое мислење, предлози и сугестии,“ нагласи директорот на ФИТР.

Овој повик на ФИТР е дел од третиот пакет економски мерки на Владата на РСМ и е наменет за брзо економско заздравување, за микро, мали и средни компании со потенцијал за успешно работење. Повикот беше отворен од 29.05 до 03.07.2020 година.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Што претприемништвото може да направи за вас

Започнувањето бизнис и влегувањето во светот на деловните зделки може да биде комплициран и застрашувачки процес, но тоа не е причина да...
- Advertisment -