Тајната на одржливиот раст е препознавање на трендовите пред време

Претприемачите мора да бидат постојано будни и внимателни. Секој ден, тие се фокусираат на тоа како да ги направат своите клиенти среќни и се грижат нивниот бизнис да функционира непрекинато. Но претприемачите мора да одржуваат рамнотежа помеѓу секојдневните грижи и обврски и идните можности. Претпоставката за она што би им било потребно на муштериите во иднина – најчесто пред тие да знаат што им треба – е тајната на одржливиот развој, пишува Ендру Медал за Entrepreneur, претприемач и бизнис ангел.

Пандемијата на Ковид-19 погоди илјадници бизниси од различни индустрии. Никој не може да биде сигурен како и кога економијата ќе ја поврати претходната големина, и повеќе од 100 000 мали бизниси во САД се затворени засекогаш, известува Вашингтон Пост. Сега е клучно основачите да бидат флексибилни, да се подготвени да се борат и да туркаат напред, да бидат посмели и малку поголеми визионери.

Медал пишува дека неодамна слушнал за приказната на компанијата SimplePractice. Предвидувањето на Хаувард Спектор е една од причините зошто платформата за електронски здравствени досиеја доживува брз раст за време на пандемијата. Спектор, кој е коосновач и извршен директор на компанијата, се запишал на факултет со идејата да стане терапевт, но тогаш увидел дека постоечките системи на електронски здравствени досиеја се комплицирани, нецелосни и лошо дизајнирани. Тој ја изградил компанијата за да ги комбинира решенијата што им се потребни на здравствените работници, како што се закажување прегледи, документација, наплата и комуникација со клиентите, во една единствена, прекрасно дизајнирана и лесно достапна платформа.

Медицина на далечина е областа во фокусот на Спектор, но побарувачката била мала. Пред две години, тој и неговиот тим почнале да забележуваат се` повеќе самостојни апликации на пазарот и одлучиле да ги додадат нивните функции на платформата. „Сфатив дека треба да бидеме први во ова, така што го поставивме како приоритет во нашиот план,“ вели Спектор. „Ако не го направевме тоа, сега ќе патевме“.

SimplePractice ги охрабрува нејзините клиенти да користат видео конекција за да обезбедат постојана нега за пациенти во рурални средини или за пациенти кои не можат да стигнат на преглед поради гужва во сообраќајот, невреме и слично. Околу една четвртина од клиентите на компанијата ја чувствуваа предноста на услугата, се` до појавата на пандемијата.

Оттогаш, скоро 90% од муштериите почнале да ја користат функцијата на платформата што дозволува видео врска со лекарот. Клиентите на SimplePractice потрошиле 5 милиони минути користејќи ја оваа можност во месец Јануари, а во Април таа цифра се искачила на 144 милиони минути. „Исто така видовме масивен раст на нови клиенти на почетокот на Март, и веруваме дека тоа првенствено се должи на фактот што ја интегриравме можност за ,здравје на далечина’ на нашата платформа,“ објаснува Спектор.

SimplePractice продолжува да ја зголемува понудата и неодамна додаде чекалница и можност за споделување на содржината од екранот на корисникот на платформата. „Нашата работа никогаш не е завршена,“ продолжува тој. „Секогаш гледаме напред во тоа што ќе се случи следно, какви функции бараат нашите муштерии, и какви функции им требаат. Намерно создадовме силна претприемачка култура што ја почитува индивидуалната способност за прилагодување и креативно решавање проблеми“.

Лекцијата тука лежи во способноста за забележување трендови во индустријата и вложување време и пари во тие трендови, дури и ако станува збор само за нивно тестирање.

Воведување модели што ги нарушуваат индустриите во нови сектори

Основачите визионери понекогаш добиваат идеја за бизнис преку примена на размислувањето на компаниите што нарушуваат одредена индустрија во нивните конкретни области. Ова особено важи за економии во состојба на очај. Сетете се на 2008-09 год, кога Убер усвои модел за такси услуги, спарен со технологија. Или кога Venmo го искористи пристапот на PayPal и го направи полесен за користење од страна на корисниците и подобро приспособен за користење преку мобилен телефон. Способноста за приспособување е исплатлива и за основачите на Jurny, паметно технолошко решение со примена во угостителството, и за Vooks, платформа на која во живо можат да се споделуваат анимирани детски книги.

Компании како, Airbnb, Uber и Postmates што ја користат технологијата за да овозможат промена кон услуги конципирани според побарувачката го инсприрала коосновачот и извршен директор на Jurny, Лука Замбело, да ја истражи можноста тој бизнис модел да се примени во угостителската индустрија, која е позната по бавното присвојување нови технологии. Медал дознал како Замбело и неговиот коосновач развиле технологија која им помага на хотелите и повеќе семејни сопственици на згради да ја зголемат ефикасноста и профитабилноста на празните единици додека ги консолидираат операциите, а со цел гостите да можат да го планираат и да уживаат во нивниот престој со ограничена интеракција на едноставен начин.

За сопствениците на недвижен имот, Jurny делува како сеопфатна услуга што вклучува внатрешен дизајн, регрутација на нови вработени, маркетинг, менаџирање на чистењето, поддршка на клиентите и безбедност. Гостите ја користат нивната апликација за да пронајдат достапни единици, одберат датуми, да го резервираат нивниот престој, да се регистрираат на рецепција и да се одјават, и да имаат пристап до се` што им треба за време.

Двајцата основачи често патуваат и ја обожаваат идејата за можноста да направите се1, од резервација до регистрација за само неколку секунди, без да треба да чекате или да влегувате во интеракција. Решението што го минимизира контактот е идеално за лицата кои патуваат за време на пандемијата, а приходите на компанијата се четири пати повисоки од просекот во индустријата. Искуството што Jurny го нуди, каде на прво место е ставена технологијата, им овозможува да се справат со мерките за одржување социјална дистанца и со намалувањето на можните контакти. Лекцијата во овој случај е дека не морате да измислувате револуционерен бизнис модел за да ја нарушите индустријата. Нарушувањето може да се преслика од други места. Пронајдете индустрии што се застарени и применете докажан модел во таа индустрија.

Ова време се покажа како идеално и за Vooks. Извршниот директор Маршал Бекс, поранешен креативен директор за Nike, ја добил идејата за платформа во стилот на Нетфликс за детски книги откако забележал дека неговата ќерка не сака читање, туку ужива во гледање видеа. Бекс и неговите тројца други коосновачи, ја отворија компанијата пред околу две години како првата платформа во светот на која во живо се споделуваат детски книги во кои текстот е оживеан со анимации .

За брзо време Vooks стекна голем број следбеници, од едукатори до познати личности, а неодамна и Мишел Обама ја пофали компанијата. Од почетокот на пандемијата, растот на фирмата е несопирлив. Vooks доживеа рекорден месечен раст во поглед на претплатници и дневни корисници. Сега има околу еден милион регистрирани корисници во 175 земји. Наставниот кадар во 95% од основните училишта во САД и Канада го користат Vooks. Лекцијата тука е дека треба да се гледаат проблемите што ги имаат луѓето во вашата сегашна сфера на интерес. За ова треба да сте роден набљудувач и да имате вештина да создавате решенија на постоечки проблеми.

Додека сите гореспоменати компании искусија забрзан и неочекуван раст во последните неколку месеци, можеме со релативна сигурност да се обложиме дека тие ќе продолжат да нижат успеси. Нивните основачи докажале дека можат брзо да одговорат на околностите што се менуваат и да забележат можности, додека лојалноста што нивните производи ја влеваат кај клиентите со голема веројатност нема да заврши кога ќе заврши пандемијата. Новата нормала за претприемачите е дека нема нова нормала. Морате да бидете флексибилни и упорни.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот: тоа што навистина не` прави...

Пронаоѓањето на вистинската рамнотежа помеѓу личниот и професионалниот живот воопшто не е нов проблем во нашето општество. Но, тензијата помеѓу двата аспекти...
- Advertisment -