Стартап компаниите треба да научат да лобираат

Стартап фирми се` повеќе заглавуваат во некои строго регулирани индустрии, и крајно време е да почнат да ги сфаќаат тие одредби сериозно. Одамна поминаа деновите кога основачите на бизниси можеа „да се движат напред и да кршат се` пред себе“- да се сетиме на зборовите на Марк Зукенберг. Стартап компаниите сега менаџираат пари; одговорни се за образованието на децата; а некои од нив дури ги држат нашите животи во нивните раце што е случај со компаниите кои работат во технолошко-медицинската индустрија, пишува Николас Колин, ко-основач на фирмата за ризичен капитал  The Family и редовен колумнист во бизнис порталот Sifted.

Но, почитувањето на одредбите не е секогаш лесно. Повеќето правила се воспоставени одамна, многу пред појавата на интернетот и неговата можност да решава стари проблеми со нови решенија. Голем број работи што сега се возможни баш и не се вклопуваат во старите регулаторни правила што сме ги наследиле од минатото – без разлика дали станува збор за правила за добивање сертификати за такси возила или Законот за автопати од 1835 година, што ефективно забранува кој било во Велика Британија да вози електричен скутер на пат. За некои стартап компании, особено тие што треба да го усогласат работењето со правилата и одредбите во сектори како транспорт, финансиски услуги и здравствена нега, работите би требало да се одвиваат според овој тек: да се променат одредбите, а потоа да се расте бизнисот.

Во пракса, сепак голем број основачи на бизниси се опседнати со растот на бизнисот, што често пати забораваат на фактот дека наследните одредби им стојат на патот. Инвеститорите можеби се повеќе сконцентрирани на регулаторниот контекст, но тие често пати претпоставуваат дека регулаторите не се грижат многу за старите правила и ги ажурираат нивните рамки како што станува очигледно дека се можни нови пристапи.

Кршење се` пред себе и покрај се`?

Но, тоа е ретко случај, што пак значи дека основачите на бизниси имаат две подеднакво тешки опции. Едната е да продолжат да го развиваат бизнисот и покрај се`, знаејќи дека го кршат словото на законот и потпирајќи се на брзи решенија откако сите, вклучително и регулаторите, ќе сфатат дека потрошувачите го обожаваат нивниот производ. Другата опција се состои од инвестирање доволно ресурси во лобирање кај регулаторите за да се постигнат брзи регулаторни промени, што пак овозможува услови бизнисот да се развива.

Бидејќи вообичаено ја избираат втората опција, голем број претприемачи се изгубени кога станува збор за тоа како точно треба да им пристапат на регулаторите и да ги натераат да го променат мислењето. Некои ги позајмуваат лекциите од Uber и Airbnb за организирање на нивната заедница корисници за да кренат џева, со надеж дека избраните јавни службеници сфаќаат дека некаде треба да попуштат.

Друг пристап е здружување со други стартап компании во истата област, ангажирање агенција за лобирање и истрајност за време на сите потребни состаноци, сослушувања, бели документи и други формалности, како што прават Heetch, Kapten (кои се споија со Free Now) и SnapCar, кои веќе одамна лобираат во Франција за да се заштитат од нападите на такси индустријата.

Третиот пристап се состои од регрутација на високо-профилни советници со врски во владините кругови, нивно исплаќање преку мешавина од удел во фирмата и хонорари, и потпирање на фактот дека тие ќе можат да ги убедат нивните пријатели министри или бивши претседатели на одбори да создадат простор за иновативни модели овозможени од технологијата. Но, ваков пристап може да даде негативни ефекти и да ја дискредитира самата идеја за која регулаторите треба да обезбедат повеќе слобода за иновативните претприемачи.

Кога претприемништвото се судира со бруталниот свет на заднински политики, ризикот е голем за основачите на бизниси кои завршуваат со повеќе проблеми отколку што првично претпоставувале. Ако работите одат по надолна линија, и сте имале еден проблем (регулаторни прашања), сега завршувате со 2 проблеми (регулаторни прашања и проблеми поврзани со односите со јавност).

Таквите епизоди откриваат дека светот на стартап компаниите треба да стане посериозен во играта со лобирањето и регулаторите. И во оваа тешка игра, сите треба да ја играат доделената улога.

Што треба да се случи

Прво, основачите треба да имаат помалку наивен став кон регулаторите и одредбите. Премногу често тие не сфаќаат дека многу владини службеници не се толку чувствителни на ветувањата на технолошкиот напредок. Напротив, тие се фокусираат на одржувањето ред, создавањето работни места, угодувањето на избирачкото тело поради конфликт на интереси, и секако победа на следните избори. Уште полошо, поголемиот дел основачи на бизниси ја сфаќаат владата како џиновски бирократски хаос што во најдобар случај е нерелевантен, а во најлош е отровен. Крајно време е да научат да се стават себеси на местото на регулаторите и да сфатат дека владината бирократија може да се претвори во сојузник, ако се ангажирате во соодветна и благовремена соработка со нив.

Второ, инвеститорите треба да сфатат дека од нив зависи да ја завршат тешката работа. Во САД, најеминентните компании за ризичен капитал имаат искуство со голем број регулаторни проблеми па можат релативно лесно да одлучат дали треба да го чуваат грбот на основачот на стартап компанијата. Тоа го прават со инвестирање во промислено лидерство и во соработување со еминетни регулатори. Дополнително, тие вложуваат доволно капитал во компаниите од нивното портфолио така што можат да си дозволат да ангажираат голем број адвокати, лобисти и компании што работат на справување со регулаторните предизвици.

Дали постојат такви инвеститори во Европа? Секако не многу, вели авторот.

На крај, самите владини службеници треба да се разбудат и да се сетат дека приспособувањето на одредбите е моќен лост од гледна точка на индустриските политики. Ова особено важи за Европа. Кина ја има самата големина на нејзиниот домашен пазар. САД има неприкосновена моќ на финансискиот систем кој е во можност да пренасочи големи суми пари во стартап светот. Она што Европа го има, како споредба, се моќни влади кои можат да го подигнат регулаторниот лост како што тие сметаат дека треба. Премногу често, тоа го прават за да ги заштитат наследните корпорации со одржување на назадни одредби. Наместо тоа, тие би требало да целат кон ниски бариери за влез и да направат простор за нови бизнис модели што ги овозможува технологијата.  

Се` додека владите делуваат како непријатели на стартап компаниите, сите пари што се префрлуваат во справувањето со регулаторите, има шанси да бидат залудно потрошени. Но ако владините лидери одлучат да ја отворат бирократијата кон прифаќање и поддржување на претприемачите, тогаш можеби сите фактори во екосистемот – основачи, инвеститори, професионалци – кончено ќе можат да ги жнеат наградите од нивните инвестиции во лобирањето за промена. Се надеваме дека ќе можат да стигнат таму без да треба да ангажираат поранешен премиер да им помогне.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -