Славица Тасева:Кога го работите она што го сакате, нема тешкотии и проблеми, има само предизвици и се` правите со леснотија

Славица Тасева е кариерен советник, обучувач и експерт за човечки ресурси, чиј главен фокус е проценка, обука, мотивација и развој на луѓе и таленти. Својот кариерен развој го градела со неколку меѓународни серификати како GCDF Советник за развој на кариера, Points of You® Practitioner, NLP Master Practitioner, Certified KPI Professional и сертифициран обучувач за возрасни. Нејзина страст е кариерно советување и верува дека следењето на соништата и градењето на личните капацитети ја прават целата разликa. Таа е член на ЦЕЕД Клуб на жени претприемачи и менаџери и одговорна за активностите на огранокот во Скопје.

На својата професионална FB страница – Resources & Solutions by Slavica Taseva, таа споделува корисни информации, гледишта, пораки од областа на кариерно советување и човечки ресурси. Ја мотивираат мали нешта, убав збор, внимание, благодарност, понизност. Сака живост, разновидност, динамика, приказни, уметност…и спокој во себе.

Работиш како коуч за личен, но и организациски раст и развој и како консултант за професионална ориентација? Имаш диплома по политички науки и статистика, како стигна до оваа професија?

Работам како советник за развој на кариера, обучувач и консултант за човечки ресурси. Целокупното мое 20 годишно корпоративно искуство вклучуваше работа и комуникација со луѓе. Така открив дека мене ме интересираат луѓето и нивниот развој и работата со нив ме исполнува. Долго ги преиспитував моите најдлабоки желби, интереси, таленти и потенцијали, и решив да направам промена на својата кариера во друга област. Тоа бараше многу дополнителна едукација и надоградба на професионални вештини. Истовремено работев, истражував, учев и се сертифицирав во областа за работа со луѓе и едукација. И најважното надоградување како личност е верба во себе дека тоа што го правам може да им помогне и на другите да ги откријат своите потенцијали, изградат или зајакнат ресурсите кои ги поседуваат, а јас да им бидам поддршка во изнаоѓање решенија поврзани со нивната кариера, професија и бизнис.

Ја користиш методологијата Points of You – еден вид асоцијативна игра чија цел е да се разбереме себеси подобро и да стекнеме нови перспективи, т.е. гледишта. За што поконкретно станува збор?

Points of You е методологија за работа со луѓе, за работа со поединци, за работа со тимови, за работа со себе… Станува збор за помошни креативни алатки чие користење зависи од проблематиката што ја адресирате. Тоа се сетови од картички со фотографии или зборови, комбинирани со музика, книги со приказни и работа со метафори. Секоја од фотографиите е внимателно направена и доловува тема од секојдневниот живот или израз на лице. Таквиот квалитет на сликите овозможува тие да предизвикаат одредени реакции кои клиентот тешко сам би ги искажал со зборови, со што фотографијата добива магична моќ.

Работата со алатките Points of You им помага на луѓето да го отворат умот за нови перспективи и да размислуваат надвор од своите вообичаени гледишта. Може да ги користите сами, во парови или во група. Целта на работата со алатките е да го разбуди разбирањето на одредена ситуација или проблем, да ги согледаме од што повеќе различни перспективи, да стекнеме нов увид, да се фокусираме и да не` поттикне и инспирира да смислиме соодветен акциски план.

Што ја прави оваа методологија успешна и применлива и на личен план, и на ниво на тим и на ниво на организација?

Клучната основа на методологијата е асоцијативна игра со картичките кои треба да обезбедат интеграција или поврзување на двете хемисфери на мозокот: левата хемисфера (задолжена за анализа) и десна хемисфера на мозокот (задолжена за креативност, интуиција и емоции). Како резултат на симултана стимулација на двете хемисфери и интеграцијата на емоциите и разумот, доаѓа до краток спој – синергија со која накратко се премостуваат одбранбените механизми во нашата свест. Со моментот на несвесна збунетост, со соодветни насоки се исклучуваат внатрешните контролни програми и строги правила на вообичаен начин на размислување („како би требало да биде“), со што се отвора простор за истражување нови, поинакви можности и препознавање опции што во секојдневната рутина не би се земале предвид.

Секоја промена започнува токму тогаш кога личноста е подготвена да погледне на можноста од поинаква перспектива (point of view). Свесноста и целосната присутност и подготвеност на поединецот се првиот чекор во поместувањето на постоечката перспектива, а со тоа и на ефектот кон личен, професионален и/или организациски развој. 

Можеш ли да ни ги опишеш разликите во искуството кога работиш со поединци, со тимови или организации?

Во сите случаи битна е намерата што сака да се постигне, на последиците или ефектите што ќе произлезат од промената на подобро. Кои се` меѓу-зависности постојат, кои се послабите карики кои треба да се надоградат, кои нови вештини треба да се научат. Како сето тоа се вклопува во системот од кој сте дел или припаѓате, семејство, група, тим, организација. Кои се внатрешните фактори на кои можете да влијаете, а кои се надворешните на кои не можете и потребно е вие да се прилагодите.

Не можеме да натераме некој или нешто да се промени. Само ние може да се промениме и со промена на своето однесување да влијаеме на околината и да ја поттикнеме на различен одговор или акција. Притоа растеме и се развиваме во подобра верзија на себе.

Како тебе ти помогна примената на овие принципи во животот?

Јас сум љубопитна личност и сите случувања и изненадувања во животот се добредојдени. За мене секогаш може поинаку и подобро. Ако на овој начин не можам да остварам што сум замислила или не сум задоволна од резултатите, тогаш што можам уште или поразлично да направам. Што можам да научам од искуството, каде ми е просторот за развој без разлика дали станува збор за личен или професионален. Што треба да променам или ново да направам за да го добијам резултатот што го посакувам. Како и мојата работа со секој нов предизвик, ги откривам сопствените потенцијали, ги зајакнувам ресурсите и изнаоѓам нови решенија.

Јас многу сакам да помагам и да го пренесувам  моето знаење на други и би била задоволна да го дадам мојот придонес кон заедницата дури и ако тоа значи дека сум помогнала само на една личност. Кога ќе видам дека мојата работа придонела, помогнала или била поддршка на некого и јас се чувствувам исполнето и си потврдувам дека го правам она за кое што сум родена.

Можеш ли да посочиш примери или интересни анегдоти за успешна примена на методологијата или да ја опишеш најголемата постигната промена?

Иако примената на оваа методологија навидум изгледа како игра, сепак нуди процес кој има одредена цел, а тоа е како да стигнеме кон целта на побрз и поефективен начин. Секоја промена е чекор напред. На пример, интровертни личности со помош на методологијата се отвораат и почнуваат да зборуваат. Во групна работа може да се слушне нечие друго видување на работите кое го крие решението кое не би ни паднало на памет. Или, неизговорени работи се гледаат асоцијативно на фотографиите кои ги избрале учесниците. Честопати слушам и сум сведок на зборовите „Не ми се верува, картичката ме избра мене“ или „Еј еве го одговорот“. Помагаат во визионирање, поставување цели, даваат јаснотија итн.

Што се подразбира под термините кариерно советување и професионална ориентација?

Кариерата претставува континуирано доусовршување и личен раст на поединецот во посакувани кариерни патеки кои го следат целиот живот. Во кариерата се вклучени образование, обука, тренинг и доусовршување, како и неплатени и платени работни искуства.

Кариерното советување е вид советодавна помош и поддршка на лицата кои бараат работа, размислуваат за промена на работното место, се справуваат со предизвици поврзани со работата и професијата, или пак размислуваат за развој на нивната кариера. Станува збор за проверен систем на работа преку кој поединците полесно се соочуваат со предизвиците поврзани со сопствената кариера и ги истражуваат можностите за остварување на своите професионални цели. Се работи индивидуално и групно, при што на структуриран начин се истражуваат можностите за остварување на кариерните цели, се градат капацитетите и се носат информирани одлуки.

Професионалната ориентација е помош и поддршка на млади лица  во истражување на нивните избори во врска со понатамошно образование и кариера.

Самозапознавањето е првиот и еден од клучните чекори во планирањето на кариера. Дава можност да ги откриеме нашите интереси, вредности, вештини, лични карактеристики и јаки страни. Младите, вообичаено, многу малку време посветуваат на она што ги интересира, што сакаат и што можат да работат или на она што најмногу ги мотивира. А голема е веројатноста дека ќе се направи лош избор на идното образование или професија доколку не се земе предвид важноста на овие работи. Од исклучителна важност е младите да посветат повеќе внимание и време за да се запознаат себеси. Професионалното кариерно советување со сигурност ќе даде одговор на прашањето: Која е вистинската професија за мене?

Кариерното советување вклучува и поддршка на повозрасни лица во нивниот транзициски период на пензионирање. Им помага на постарите луѓе да се соочат со промените, да водат исполнет живот, фокусирајќи се на позитивните аспекти и активности што можат да ги прават.

Што според тебе е точно, ние ја бираме кариерата или таа не` бира нас? И зошто е важно соодветно да ја насочиме кариерата во животот? На крајот на денот, станува збор за работа за која добиваме плата за да можеме да живееме како сакаме.

Не би рекла дека работите се црно-бели. И ние ја бираме кариерата и таа не` бира нас. Станува збор за тоа дали добро се познаваме себеси и колку добро знаеме што сакаме да работиме, за што сме талентирани и што ни носи радост и задоволство во работата. Кога ова ќе го осознаеме, следно е да се насочиме на истражување на можностите што се пред нас и како да ги реализираме, да испланираме кои следни чекори треба да ги преземеме за да стигнеме до целта што сме си ја поставиле. Ова е процес што одново и одново го повторуваме со секој кариерен предизвик со кој се соочуваме, почнувајќи од рана возраст и избор на образование, до одговор на прашањето „Што сакам да бидам кога ќе пораснам?“. Мора да разбереме дека кариерата е интегрален и многу битен дел од животот која делува и на други аспекти и улоги кои ги имаме. Ако сме задоволни и се чувствуваме исполнети од нашата работа тоа се рефлектира и на другите области од нашиот живот.

Ако анализираме од аспект на трудот што го вложуваме за кој добиваме плата за да можеме да живееме како сакаме, тогаш запрашајте се колку време во текот на денот поминувате на работа и освен плата што друго ви носи работата? Работата за која сте ангажирани треба да се заврши, но како би било секојдневно да го работите она за што не ви е грижа колку би заработувале. Кога го работите она што го сакате, нема тешкотии и проблеми, има само предизвици и се`правите со леснотија и ентузијазам

Каде се гледаш себеси за 10 години?

Како успешен коуч, тренер и консултант за кариерен, личен и организациски раст и развој.

Кој e најчестиот совет што им го даваш на клиентите?

Мојата животна цел е да го живеам животот во својот полн потенцијал и автентичност. Да ги следам поривите на сопствената душа и да правам најдобро што можам и умеам, притоа останувајќи верна на себеси.

Сите ние имаме таленти и сопствени патувања. И сите сме и слични и различни. Сите сме на свое и заедничко патување. Се дружиме, учиме, работиме, соработуваме, помагаме, споделуваме, охрабруваме, насочуваме, поддржуваме, се радуваме, славиме, тагуваме….. Споделувањето и поддршката ја зголемуваат силата.

Треба да преземеме одговорност за она што се случува во нас и надвор од нас. Како што сме дел од проблемот, така сме дел и од решението. Моќта и потенцијалите за нивно решавање ги поседуваме во нас самите, и прашањето е што ќе направиме во врска со тоа.



поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

- Advertisment -