САД: Ковид-19 ќе ја влоши нееднаквоста кај жените претприемачи

Ова се тешки времиња за водење мал бизнис во Америка. Субвенциите за платите завршија, а во исто време се намалуваат и исплатите за привремено невработените работници, што пак сопствениците на бизниси ги става во една неповолна ситуација под силен притисок да ги платат вработените, а шансите кај потрошувачите да купат нешто стануваат се` помали, пишува Лиса Куртис, основач на Кули Кули – социјална стартап фирма за здрава храна за Форбс.

Повеќе од 40% од малите бизниси најверојатно ќе прогласат банкрот оваа година. А сепак, како и толку многу аспекти на пандемијата, предизвиците не се еднакво распределни, па така бизнисите во сопственост на жени го носат поголемиот дел од товарот.

Негативни проекции

Според најновите податоци објавени од страна на Американската стопанска комора, бизнисите во сопственост на жени се посилно погодени од коронавирусот и од нив, најмалку се очекува да успеат да закрепнат во текот на следната година. И покрај пандемијата, мнозинството од мажите претприемачи се` уште го категоризираат здравјето на нивниот бизнис како „добро“, додека помалку од половина жени претприемачи го кажале истото, што е пад од 22% од јануари оваа година.

Како жена претприемач што го води сопствениот бизнис, Куртис вели дека не и` е лесно да разбере зошто толкав голем број на компании во сопственост на жени се соочуваат со предизвици. Првиот и најочигледниот виновник е разликата во големината на бизнисите во сопственост на жени и оние во сопственост на мажи.

И покрај фактот дека жените ја составуваат поголемата половина од работната сила со факултетска диплома и започнуваат бизниси со стапка што е двапати поголема од националниот просек, повеќе жени што Куртис ги среќава не веруваат дека е возможно тие да започнат бизнис што ќе направи повеќе од 1 милион долари профит. Статистички гледано, овие жени не грешат. Само еден процент од бизнисите во сопственост на жени ја остваруваат оваа цел, а дури уште помал процент успеваат да стигнат до надворешни инвестиции.

Помали шанси уште од сам почеток

Бизнисите во сопственост на жени добиваат помалку од 3% од расположливите средства во инвестициските фондови. Во 2019 год, Америка ја достигна најголемата до сега регистрирана сума на пари инвестирана во претпријатие во сопственост на жени. И ако се прашувате колкава е таа рекордна цифра, тогаш имајте на ум дека станува збор за 2,8% од сите расположливи средства за влог во новоосновани компании.

Уште еден аспект што дополнително го отежнува предизвикот е доминацијата на бизниси во сопственост на жени во секторите што се најсилно погодени од Ковид-19. Кај жените, шансите се поголеми да основаат бизнис заснован на производ или услуга, особено во индустрии како што се прехрана, фитнес, убавина и малопродажба. Додека некои бизниси со храна добро се справија за време на пандемијата – компании за дистрибуција на тоалетна хартија или гел за дезинфекција – фитнесот, убавината и малопродажбата се соочија со голем пад.

Детската грижа е само една причина плус..

Хелен Луис од весникот Атлантик храбро изјави на почетокот на пандемијата во март дека „коронавирусот е катастрофа за феминизмот“. Во меѓувреме, работите се влошија како што товарот на домашното образование падна непропорционално повеќе врз рамената на жените, а на повидок не се гледа сериозно и долгорочно решение за ова прашање. Болеста што многумина мислеа дека ќе ослабне во текот на летните месеци само го засили интензитетот на инфекции, каде што училиштата се под огромен притисок да ги отворат вратите за ученици на безбеден начин, со регистрирани 4,300 случаи во повеќе од 1,000 училишта во период пократок од еден месец. И станува збор за проверени случаи. Иако е тешко да се евидентира, товарот со детската грижа е несомнено дел од причината зошто се` помалку и помалку жени основачи на бизнис очекуваат нивните фирми да растат во следната година во споредба со нивните колеги мажи.

Коронавирусот го осветли американското општество, па сега јасно се гледаат пукнатините. Длабоки расни, родови, економски и здравствени нееднаквости остануваат изложени. Прашањето сега е што ќе правиме со сево ова. Дали ќе продолжиме и понатаму да водиме бизнис како ништо да не е и ќе гледаме како американското општество станува се` понееднакво. Или, од хаосот што оваа пандемија го предизвика, ќе изградиме поеднакво и праведно општество?

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Стартап компаниите треба да научат да лобираат

Стартап фирми се` повеќе заглавуваат во некои строго регулирани индустрии, и крајно време е да почнат да ги сфаќаат тие одредби сериозно....
- Advertisment -