Ризиците од Ковид-19 што некои бизниси можеби не ги земаат предвид

Компаниите сега се соочуваат со двојна закана. Од една страна, средината со постојани промени која некогаш делува крајно хаотична ги зголемува ризиците за бизнисите, а од друга, таа создава повеќе можности за сајбер-криминалците, пишува Wired.

Имајќи го ова на ум, Wired во соработка со Accenture (компанија кога обезбедува професионални услуги во доменот на ИТ, безбедност и закани) одржа тркалезна маса со цел анализа на брзо менувачкиот пејзаж што носи нови, непознати ризици. Идејата позади оваа дискусија беше да се испитаат најголемите ризици и да се анализираат стратегиите што компаниите ги користеле за да останат безбедни за време на пандемијата, пред да можат да продолжат да наоѓаат начини како да се справат со ризикот и станат отпорни како што светот се враќа кон попозната шема на работа.

Работењето од дома може да доведе до сериозни сајбер-ризици

Поради неопходност, приспособувањето на работата од дома се случи многу брзо. Еден учесник ја опиша итноста од работа на далечина како „бизнис по вообичаен тек со поглед надвор“, додека други ја замислуваат како „огнено крстење“ и „корона тобоган за проценка на ризик“.

Дел од проблемот има физичка природа. Во време од неколку недели, компаниите мораа да го префрлат персоналот од сигурни сопствени мрежи до домашни мрежи кои најверојатно се помалку сигурни и кои дури можат да бидат споделувани со луѓе кои работат за конкуренцијата. Во трката да се имитира канцелариската средина, вработените почнаа да користат веќе достапни алатки добиени од трети лица и лична технолошка опрема која не е оценета и проверена од страна на нивниот работодавач.

Во свет во кој податоците се основата на се` што правиме, ова јасно значи дека постои зголемен ризик од прекршување на правилата за користење податоци, што може дури да биде од егзистенцијална важност за компаниите. Вработените ретко имаат задни намери, но многу е лесно поинаку да се конфигурираат домашните мрежи и виртуелните приватни мрежи, а притоа безбедносните подесувања целосно да не бидат разбрани. Резултатот од ова може да бидат упади (на пример преку фалсификувани електронски пошти), истекување и крадење на сензитивни компаниски податоци – активности кои стануваат лесно изводливи.

Компаниите се приморани да го преиспитаат сопствениот бизнис модел

Паралелно со физичката промена, целосните начини на водење бизнис набрзина беа преосмислени како што компаниите стануваа флексибилни и се приспособуваа. „Осмислувањето на бизнис моделот одново е нешто што се случува во сите функции на сите организации во моментот,“ истакнува Грег Вилијамс, главен и одговорен уредник на Wired. Поради оваа причина, важно беше да се зголеми и отпорноста и степенот на приспособување во исто време, и тоа брзо. Ова што се случува е мултидимензионален матрикс на промена.

Голем број бизниси веќе ги имаат некои од неопходните алатки. Компаниите ги научија тие алатки за време на претходните кризи и големи промени како што беше нападот во Њујорк на 11 септември, и протестите на Блискиот Исток што се случија во 2011 год; уште повеќе, владите станаа многу повешти во користењето мерки за справување со дигиталниот тероризам. Компаниите исто така развија методи како да се справат со сајбер-закани и се навикнати да обезбедуваат безбедност за клучните членови на тимот од дома.

Пандемијата не` тера да бидеме се` повиртуелни

Сепак, пандемијата е многу поразличен вид на криза. Како што вели Џонатан Лаф, ко-основачот на CyLon: „Нашите основни претпоставки сега се ставени под прашање – дали се` уште ќе работиме во канцеларии и дали услугите како што се образование и основна здравствена заштита ќе станат целосно виртуелни искуства?“

За многу организации, на краток рок, ова значи потреба од итна помош од обезбедувачите на ИТ услуги; на среден рок, тоа значи забрзување на програмите за дигитална трансформација. Секако, компаниите истовремено се борат со други проблеми. Дејв Палмер, директор за технологија во компанијата Darktrace која се бави со сајбер-безбедност и вештачка интелигенција посочува: „Видовме дека некои организации сметаат дека поголем предизвик претставува водењето на другите низ овој период на промени, додека истовремено ги менаџираат трошоците и буџетите на сопствените вработени“.

На подолг рок, многумина најверојатно ќе останат да работат од дома, целосно или делумно во текот на долг временски период. Ова значи поголема површина за напад и поголем ризик по однос на податоците. Очигледен пример е фактот дека порано можевме да ги чуваме мобилните уреди во шкафчиња во канцелариите, а сега треба да развиваме протоколи што ќе им помогнат на тие што работат на далечина да бидат безбедни.

Нови предизвици и за регулаторите на интернет просторот

Џеки Фокс, генерален директор на Accenture Security за Ирска истакнува: „Луѓето работат во нивната домашна средина што може да ги зголеми ризиците во поглед на области како што се алатки за соработка и домашна безжична мрежа која може да биде небезбедна или споделувана со други кои можат да донесат ризици.“ Таа додава дека оваа појава е интересна од регулаторна гледна точка и во однос на тоа како поттикнува нови проценки на ризикот.

Компаниите мора да бидат активни на неколку фронта, почнувајќи од одново обмислување на ризикот во однос на работата на далечина во голема мера, до размени во поглед на безбедноста и приватноста, до тренинзи за вработените и зголемување на свеста.

Џорџ Маркоте, генерален директор на Accenture Applied Intelligence за Велика Британија и Ирска вели: „Постои зголемен ризик во однос на податоците и интелектуалната сопственост, и треба да го приспособите тоа и да создадете поголема отпорност и протоколи за справување со ризик во таа насока.“ Додава: „Голем број од нашите клиенти исто така откриваат дека регулаторната рамка во однос на податоците продолжува да се менува и дека перспективите на луѓето и вредностите во поглед на користењето на нивните податоци исто така се менува, не само во кризата, туку постојано.“

Како и секогаш, станува збор за рамнотежа меѓу безбедноста и продуктивноста на вработените. Така што, како би требало компаниите да го постигнат овој баланс? Прво, треба да сфатат на кој начин нивниот бизнис се променил за време на пандемијата и како се менуваат заканите. Тука треба да размислат да се консултираат со експерти, бидејќи играта помеѓу ИТ ризиците и бизнисот е комплексна. Тие исто така треба да заземат прагматичен пристап, и да препознаат дека не можат да се елиминираат сите ризици. Ова значи дека компаниите треба да сфатат како се користат податоците и каде се ризиците најголеми. Исто така, прашањето во врска со намалување на ризиците и користењето на личните податоци ќе се наметне самото од себе. Наместо едноставно воведување разни политики, компаниите треба да се насочат на тоа да постигнат општ договор со нивните вработени.

На крај, станува збор за препознавање на фактот дека светот на бизнисот се движи низ најголемото пореметување од Втората Светска Војна, па заземањето на холистички, добро информиран став за тоа како ризиците се протнуваат во оваа состојба е особено важно, бидејќи потоа ќе можат да воведат соодветни противмерки, кои ќе имаат силно влијание а ќе бидат ефикасни по однос на трошоците.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Како да бидете лидер кој вработените го почитуваат

Само што сте го вработиле совршениот работник. Неговата или нејзината целокупна деловна моќ е голема колку и неговото или нејзиното функционално знаење....
- Advertisment -