Растот на работењето на далечина ги охрабрува стартап компаниите да бегаат од големите технолошки хабови

Мехран Ебадолахи ги посвети последните 11 години од неговиот живот во развивање на едукативна технолошка стартап фирма во Лос Анџелес. Но, адвокатот со диплома од Харвард планира да се приклучи на егзодусот претприемачи кои ги напуштаат скапите хабови за поддршка на стартап компании, со надеж дека ќе ги зголемат заштедите на нивните бизниси со тоа што ќе се преселат на друго место, пишува Пријамвада Матур за блогот pitchbook.com.

Ебдолахи, ко-основач и извршен директор на TestMax, компанија која нуди подготовка за разни меѓународни тестови за прием на факултет и сертификати, одлучи да го префрли седиштето на неговата компанија во Темпе, Аризона. Во споредба со Лос Анџелес, тој вели дека плаќа значително помалку за наем на простор, и заштедува околу четири илјади долари месечно.

„Сакаме да имаме канцеларии и да сме во можност да го ангажираме нашиот тим физички,“ вели Ебадолахи. „Вистинското откритие е: зошто канцелариите мора да бидат сместени во Лос Анџелес?“.

Технолошките хабови нудат услуги по висока цена

Од воведувањето на мерките за карантин што се имплементираа пред седум месеци, некои основачи на стартап компании во рана фаза делумно ги преместија нивните бизниси од хабови за стартап фирми како оние во Сан Франциско и Њујорк, каде цените се многу повисоки.

Зголемената побарувачка за ангажирање професионалци на далечина исто така ја прави одлуката за преселба полесна.

Кејт Листер, претседател на организацијата „Глобалната аналитика на работната средина“, што е консултантска компанија која работи на истражувања поврзани со работодавачите, вели дека компаниите драстично го намалуваат канцеларискиот простор во центрите на градовите или во регионалните хабови, со вербата дека голем дел од нивната работна снага ќе работи на далечина во иднина.

Речиси 70% од вработените со полно работно време во САД работат од дома за време на пандемијата, покажува скорашна анкета спроведена од гореспоменатата организација и Owl Labs, која содржи одговори од преку 2000 работници со полно работно време на возраст од 21 до 65 години. Еден од двајца испитаници вели дека нема да се врати на работните места што не нудат работа на далечина и по пандемијата.

„Ангажирањето талентирани професионалци на далечина е исплатливо, тоа исто така дозволува поголема разновидност и инклузија, што се покажало дека ја зголемува иновативноста,“ вели Листер.

Таа вели дека основачите и инвеститорите учат дека додека виртуелните состаноци можеби не ја имаат истата корист од средбата како таа лице-в-лице, заштедата многу често ги надминува трошоците.

Работата речиси целосно може да се организира на далечина

Способноста да се регрутираат инженери на далечина беше катализаторот за Ебадолахи да ја пресели компанијата од Лос Анџелес во Аризона. Во текот на последните неколку месеци, тој ангажирал 14 вработени на далечина кои живеат во далечни држави како Тенеси и Охајо.

Некои инвеститори сметаат дека трендот нема да трае

Како и многу други основачи за време на пандемијата, Ебадолахи исто така се обидува да дојде до финансии на далечина. Додека некои компании имале успех во наоѓањето дополнителен капитал, не сите инвеститори сметаат дека овој тренд ќе трае.

Адам Страк, основач на Struck Capital, фирма за ризичен капитал во рана фаза стационирана во Лос Анџелес, вели дека основачите размислуваат да се отселат од градот бидејќи веруваат дека склучувањето договори и одржувањето контакти со инвеститорите преку Zoom ќе бидат дел од новото нормално на долг рок, но дека тие најверојатно грешат.

„Доколку основачите во рана фаза сметаат дека екосистемите на ризичен капитал како што е Лос Анџелес немаат веќе што да понудат, тогаш можат да бидат погодени од прекумерно индексирање на моменталната ситуација,“ вели тој.

Но не сите инвеститори на ризичен капитал го делат истото мислење.

Некои основачи цврсто веруваат дека помалку извиканите градови имаат потенцијал

„Пандемијата со коронавирус ја оттргна географијата надвор од равенката на договорите со ризичниот капитал,“ вели Кејти Конет, извршен директор и партнер во Sofia Fund, компанија со седиште во Минеаполис која инвестира во бизниси раководени од жени.

Конет вели дека претприемачите се преселуваат во градовите Минеаполис и Сент Пол во Минесота во последните неколку години за да добијат подобар квалитет на живот. Пандемијата само го забрза овој тренд, бидејќи основачите во рана фаза продолжуваат да сфаќаат дека личното вмрежување не е повеќе интегрален дел од процесот на склучување договори, и дека менувањето на локацијата не мора да значи дека е компромис за способноста на основачот да дојде до капитал.

Егзодусот на стартап компании исто така се чини дека е дел од поголем преселнички тренд што може да се забележи во целата земја. Од април до август годинава, Њујорк и Сан Франциско видоа пад на пристигнувањата на стартап фирми за повеќе од 20% споредено неколку години наназад секоја година, посочуваат податоците од LinkedIn.

И не сите основачи го вртат грбот на етаблираните хабови.

Иако не е целосно подготвена да ја пресели нејзината компанија надвор од седиштето во Њујорк, ко-основачот на Kenzen, Хајди Леман, софтверскиот инженер на аналитичка платформа за здравјето кај индустриските работници, ги поминала последните неколку месеци во истражување на можностите за развој на нејзината компанија во Канзас Сити.

„Можеби малку се откажав од мојот стан во Њујорк и поголемиот дел од времето го поминувам на составувањето на тимот во Канзас Сити,“ вели Леман. „Немаше да го правам тоа ако не гледав потенцијал за мојата компанија таму“.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -