Рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот: тоа што навистина не` прави среќни може да ве изненади

Пронаоѓањето на вистинската рамнотежа помеѓу личниот и професионалниот живот воопшто не е нов проблем во нашето општество. Но, тензијата помеѓу двата аспекти на животот се засили поради пандемијата, а работниците се` повеќе размислуваат за природата на нивната работа, нејзиното значење и цел, и како тие влијаат на квалитетот на нивниот живот, пишува Лис Ку, виш предавач по психологија при Универзитетот Де Монтфорт.

Студии посочуваат дека луѓето ги напуштаат или планираат да ги напуштат нивните работодавачи во рекородно високи бројки во 2021 год. Но, ако сите размислуваме каде и како работата се вовира во нашите животи, тогаш кон што треба да целиме?

Лесно е да се верува дека само ако не работиме, или само ако работиме многу помалку часови, ќе бидеме посреќни, ќе живееме живот исполнет со хедонистички искуства во сите здрави и нездрави форми. Но, тоа не објаснува зошто некои пензионери работат хонорарно или зошто луѓе кои добиле на лотарија веднаш се враќаат на работа.

Постигнувањето на совршената рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот, ако воопшто постои нешто такво, не се сведува на кога, каде и како работиме, туку треба да дадеме одговор на прашањето зошто работиме. Тоа значи дека потребно е да ги разбереме изворите на среќа што можеби не ни се толку очигледни.

Обидите да се најде рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот се заслужени. Работата постојано и позитивно е поврзана со нашата добросостојба и претставува голем дел од нашиот идентитет. Запрашајте се себеси кои сте и многу брзо ќе почнете да опишувате што работите.

Нашите работи можат да не` обезбедат со чувство на способност, што пак придонесува кон добросостојбата. Истражувачи покажале, не само дека трудот води кон валидација, туку дека во случај овие чувства да се најдат под закана ние сме особено привлечени кон активности што бараат напор – често пати некој вид работа – бидејќи тие активности ја покажуваат нашата способност да ја обликуваме средината и го потврдуваат нашиот идентитет како способни поединци.

Работата како да не` прави посреќни во околности кога претпочитаме слободно време. Ова беше покажано од серија умни експерименти во кои учесниците имале избор да бидат мрзеливи (да чекаат во соба 15 минути да започне експериментот) или да бидат зафатени со нешто (да пешачат 15 минути до друго место за да учествуваат во експеримент). Многу мал број учесници одбрале да бидат зафатени, освен ако не биле принудени да одат на прошетка или имале причина за неа (им било кажано дека на другото место имало чоколадо).

Сепак, истражувачите откриле дека тие кои ги поминале 15те минути во пешачење биле значително посреќни од тие кои поминале 15 минути во чекање – без разлика дали имале избор, чоколадо или ниту едното ниту другото. Со други зборови, зафатеноста придонесува кон среќата дури и кога мислите дека претпочитате да бидете мрзеливи. Животните тоа го сфаќаат инстиктивно: во експерименти, повеќето претпочитаат да работат за храна отколку да ја добијат за џабе.

Среќа и добросостојба

Идејата дека работата, или правењето напор во некои задачи, придонесува за нашата општа добросостојба и е тесно поврзана со психолошкиот концепт за „евдаимонична среќа“. Овој вид среќа потекнува од оптимално функционирање и ослободување на нашиот потенцијал. Истражувањата покажуваат дека работата и напорот се централни кај овој вид среќа и го објаснуваат задоволството и гордоста што ја чувствуваме кога сме завршиле некоја исцрпувачка задача.

Од друга страна на рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот се наоѓа хедонистичката среќа и релативната оскудност на негативни чувства какви што се тагата или гневот. Знаеме дека хедонистичката среќа нуди емпириска ментална и физичка здравствена корист и дека слободното време е одличен начин да се постигне хедонистичката среќа.

Но, дури и во царството на слободното време, нашата несвесна ориентација кон зафатеноста демне во позадина. Скорашна студија предлага дека навистина постои нешто такво како премногу слободно време – и дека нашата субјективна добросостојба всушност опаѓа ако имаме повеќе од пет часа слободно време дневно. Легачење на плажа излегува дека не е клучот за долготрајна среќа

Ова може да објасни зошто некои луѓе претпочитаат да прават значителен напор во текот на слободното време. Истражувачите го поврзуваат тоа со собирање необични искуства, или пробување единствени но непријатни па дури и болни искуства – на пример, престој во хотел од мраз или пак трка за издржливост во пустина. Луѓето кои вака го трошат слободното време обично зборуваат за исполнување лични цели, правење напредок или зголемување на бројот на остварувања – а сите овие се карактеристики на евдаимоничната среќа, а не на хедонизмот со кој вообичаено го поврзуваме слободното време.

Вистинската рамнотежа

Оваа ориентација се поклопува со нов концепт во студиите за добросостојба: дека богата и разновидна искуствена среќа е третиот елемент на „добриот живот“, дополнително на хедонистичката и евдаимоничната среќа.

Во девет земји и десетици илјади учесници, истражувачите неодамна открија дека повеќето луѓе (над 50% во секоја земја) се` уште претпочитаат среќен живот типизиран од хедонистичката среќа. Но, околу една четвртина претпочитаат живот исполнет со значење отелотворен во евдаимоничната среќа, а мал но сепак значаен процент луѓе (од 10 до 15% во секоја земја), одлучиле да водат богат и разновиден искуствен живот.

Со оглед на овие различни пристапи кон животот, можеби клучот за долготрајна добросостојба е да размислиме кој животен стил најмногу ни одговара: хедонистички, евдаимонски или искуствен. Наместо да ги спротивставуваме приватниот и професионалниот живот, вистинската рамнотежа се наоѓа помеѓу овие три извори на среќа.

Извор:The Conversation

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -