Работењето на далечина ќе опстои во далечна иднина

Мерките за спречување на ширењето на коронавирусот го забрзаа преминот кон работа на далечина, така што бројот на Европјани кои работат на овој начин се зголеми од постоечките 5% на 40%, а враќањето кон „традиционалната“ работа како во времето пред пандемијата нема да се случи во голема мера, велат експертите по социјални науки и технологија, Ксавиер Генага и Џорџ Тилеш. Тие ќе бидат едни од панелистите на Европските денови на истражување и иновации, виртуелен настан што ќе се одржи помеѓу 22 и 24 септември оваа година.

Како овој факт ќе го промени начинот на кој работиме?

Работењето на далечина буквално експлодира во 2020 год, а проценките покажуваат дека речиси 40% од вработените лица во Европската Унија почнале да работат на далечина со полно работно време како резултат на пандемијата. „Она што беше благ тренд кој полека се случуваше се забрза во многу краток временски период,“ вели Ксавиер Генага кој работи за истражувачката служба на ЕУ, т.е. Заедничкиот истражувачки центар, и е ко-автор на извештајот од 2019 год за променливата природа на работата и вештините во дигиталната ера.

Претходната година, околу 5% од луѓето во ЕУ работеле редовно од дома, стапка која се нема многу променето од 2009 год. И секако, некои сектори имаат поголемо искуство со работа на далечина од други. Лицата кои работат на овој начин вообичаено се искусни професионалци, како наставници, информатичари и менаџери.

Постојат и регионални разлики. Во 2019 год, работењето на далечина беше почеста појава во северните европски земји како што се Шведска, Финска и Данска, и овие земји се соочија со најголем процент работници кои брзо преминаа кон работење на далечина за време на пандемијата. Ова делумно се должи на фактот дека има повеќе работни места во сектори што можат да извлечат корист од работењето на далечина. Сепак, според Генага, културните разлики играат важна улога бидејќи во јужна Европа голем број работни места се се` уште уредени на потрадиционален начин.

„Таквите работни места можеби не се организирани на начин на кој можат да поддржат работа на далечина бидејќи не им веруваат на нивните вработени на исто ниво како некои компании во северниот дел на Европа,“ вели тој. „Мислам дека тоа во иднина ќе се промени во голема мера како резултат на пандемијата“.

Промената кон работа од дома би можело да има предности за вработените. Со тоа што нема да поминуваат време на пат од и до работното место, вработените можат да се здобијат со повеќе слободно време и да постигнат подобра рамнотежа помеѓу работата и животот.

Доказите покажуваат дека во нормални времиња, продуктивноста не страда, туку дека дури може и да се подобри.

Сепак, треба да се земат предвид и одредени ризици. Скорашен извештај налага дека луѓето можеби треба да работат подолго време и да одат на пократки или помалку паузи од она што е препорачано во европските насоки кога станува збор за ваков вид работа, бидејќи е потешко да се надгледуваат работните часови. Секако, социјалната изолација исто така може да претставува проблем.

„Забележавме дека луѓето се чувствуваат осамено и депресивно и дека им треба социјална интеракција за да имаат поизбалансиран живот, “ истакнува Генага. Неговиот тим во моментов го истражува ова прашање со цел изнаоѓање начини како да се помогне.

За време на пандемијата, работењето на далечина често пати требаше да се искомбинира и изведе заедно со активности поврзани со детската грижа поради затворањето на училиштата, а во многу случаи овие многубројни улоги се играат од страна на жени. Неодамнешна анкета спроведена во Франција открива дека во најголем дел жените биле тие кои велеле дека работењето на далечина има негативно влијание на нивното ментално здравје. Ова се должи на дополнителните преземени семејни обврски за време на пандемијата.

„Треба сите заедно да му пристапиме на ова прашање и да видиме каков вид мерки треба да преземеме за жените пак да не бидат казнети поради нивниот род,“ вели Генага.

По пандемијата

Сепак, откако еднаш пандемијата ќе заврши, работењето на далечина има големи шанси да продолжи. Технолошките компании како Google веќе најавија дека нивните вработени ќе работат од дома до летото следната година. Според Џорџ Тилеш кој е светски консултант за вештачка интелигенција и автор на „Меѓу мозоците“ – книга за сегашното и идното влијание на вештачката интелигенција, малите компании ќе го следат овој тренд.

Работењето на далечина е привлечно за бизнисите бидејќи се кратат трошоците. Една анкета покажува дека некои вработени дури се сложуваат да имаат намалена плата доколку им е дозволено да работат од дома. „Мислам дека човечката природа има тенденција да се држи до едно нешто откако ќе сфати дека тоа нешто функционира,“ вели Тилеш.

Голем број компании можат да се и` се обратат на вештачката интелигенција за помош во преминот кон работењето на далечина, особено преку системи во реално време што можат да надгледуваат како работи еден вработен. Технологиите за надгледување што водат сметка за тоа што прават работниците, како што се мониторинг на меилови и кој има пристап до евиденција и кој може да ја менува, веќе постојат. Но овие технологии можат да станат пософистицирани и пошироко распространети.

Компаниите исто така ќе треба повторно да ја осмислат сајбер-безбедноста. За време на пандемијата, голем број вработени користат надворешни платформи за видео конференции за комуникација и се откри дека некои од нив лесно можат да се хакираат. „Организациите беа многу внимателно со нивниот избор на можности за видео конференции што ги користат работниците на далечина за да го минимизираат ризикот од хакирање и губењето на сензитивни информации,“ вели Генага.

Дигитални вештини

Обезбедувањето нов тренинг на вработените исто така може да биде проблем бидејќи многу луѓе ги немаат потребните вештини за работа на далечина. Еден извештај на ЕУ на пример, открива дека една третина од работната сила во Унијата има многу ограничени дигитални вештини или пак никакви. Сепак, поголемиот број работни места во иднина ќе бараат барем скромни компјутерски вештини.

Големите компании веќе прават чекор напред со цел да им помогнат на невработените лица да се стекнат со дигитални вештини. Во јуни, Микрософт ја промовира неговата програма за закрепнување од Ковид-19, и како партнер на ЛинкдИн, ќе идентификува работни места што се бараат, како и потребните вештини за нив. Потоа ќе обезбедат слободен пристап до релевантни едукативни материјали за секој кој е заинтересиран.

„Овој вид иницијативи каде индустријата го прави првиот чекор, и надежта дека и владата ќе и` се приклучи на овој пат, е патот по кој ќе се движи иднината,“ вели Тилеш.

Генаге мисли дека ЕУ исто така ќе почне да обезбедува тренинг во следните 18 месеци како дел од нејзините напори да овозможи закрепнување од кризата предизвикана од коронавирус. „Мислам дека ќе има многу програми наменети за овозможување нови вештини за невработените и надградување на вештините на вработената популација,“ вели тој.

Ако работењето на далечина останува, тоа може да има длабоко влијание на регионалната распределба на работни места. Во моментов, во главните градови има многу повеќе високо-платени работни места во споредба со другите региони во една земја. Но Генага мисли дека работењето на далечина може да доведе до спротивен тренд. „Многу луѓе во рамки на компаниите може ќе одлучат дека можат да ги извршуваат работните обврски од некоја подалечна локација, што може да биде и рурална,“ вели тој.

Компаниите исто така можеби ќе одлучат да го намалат канцеларискиот простор. Откако се олабавија карантинските мерки во некои случаи канцелариските капацитети се намалија од 30% на 50%. Иако сегашните рестрикции во голема мера се спроведуваат во насока на почитување на социјалната дистанца, компаниите можеби ќе сфатат дека тие можат трајно да го намалат бројот на вработени што работат од канцеларија. Според Тилеш, канцелариите нема целосно да исчезнат, но ќе им треба простор за околу 30% од нивните вработени да бидат на исто место во исто време.

Долгорочно гледано, приспособувањето кон работа на далечина би требало да биде предност доколку се појави следна здравствена криза или слична ваква ситуација. „Организациите што веќе воведоа работење на далечина во голема мера ќе бидат подготвени пак да ги воведат тие методи уште поефикасно и поефективно,“ истакнува Генага.

Извор: horizon-magazine.eu

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

- Advertisment -