Професионалната „тезгарска“ економија можеби ја чува тајната за брзото иновирање

Според една скорашна статија на Financial Times, брзината и длабочината на влијанието на Ковид на профитот и загубата на компаниите е толку апокалиптично што 20% од сите европски претпријатија ќе го потрошат целиот нивен работен капитал, што во голема мера ќе ја поткопа нивната способност да придонесат назад во обновениот раст, пишува Крис Лок извршен директор за иновации во Rainmaking, за блогот sifted.eu, посветен на промоцијата на иновативни стартап компании во Европа.

Пандемијата има влијание на тимовите на корпорациите кои работат на иновации. Во една неодамна спроведена анкета на повеќе од 300 извршни директори, значително голем дел од нив се изјасниле дека ги намалуваат буџетите наменети за иновации. Тие исто така кажале дека недостатокот на средства ги спречува ефикасните иновативните активности внатре во самите бизниси.

Но постои начин како да се одржи иновирањето, дури и со овие ограничени буџети. Одговорот лежи во растечката „тезгарска“ економија. Се` повеќе и повеќе, овој вид економија не се сведува само на обезбедување возачи и такси возила, туку се однесува на луѓе кои ги нудат нивните професионални вештини.

Ако компаниите можат да го поддржат трендот да создаваат пазар за талентирани луѓе, тогаш тие можат да спроведуваат иновативни проекти  дури и во времиња полни предизвици.

Можноста да се пристапи кон талентирани професионалци на побрз и поисплатлив начин отколку регрутирање вработени, може да помогне да се поттикне забрзана иновација. Тоа им овозможува на компаниите да направат промена од спроведување 3, 4 експерименти до имплементација на 30 – 40 иновативни проекти, со тоа што брзо ќе создадат разнолики тимови од целиот свет и ќе надминат голем број од вообичаените внатрешни предизвици кога прават обиди да распределат вработени на овој вид потфати.

Има неколку начини на кои компаниите можат да го применат овој пристап.

Искористување на талентот во заминување

Свесни сме дека организациите прават значително намалување на нивната работна сила, па тогаш како може тимовите кои работат на иновации да помогнат да се создаде пат за оние работници кои ќе бидат отпуштени но кои сепак ќе добијат тренинг за стекнување нови вештини за да можат полесно да најдат работа во иднина? Тие кои заминуваат и кои сакаат самите да создадат стартап компанија би требало да ја имаат можноста да пристапат до постоечки патенти или лиценци или области што претставуваат предизвик и да понудат поддршка и можна шанса за идни инвестиции или партнерства. Одличен пример за ова е Нокиа. Пред 9 години, Нокиа намали 45% од работните места. Тогаш го формира Bridge – претприемачки канал за вработени кои имаат идеи за основање стартап бизниси. Од нејзиното основање, овој принцип на работа им помогнал на над 100 стартап фирми. Од тие компании, речиси 20% оствариле комерцијални договори со Нокиа бидејќи работеле на решавање клучни предизвици со кои се соочувал бизнисот и всушност придонеле да се забрзаат иновациите.

Користење мрежа на минати вработени

Ангажирањето на таленти кои веќе ја познаваат организацијата може да помогне да се заобиколат некои од тешкотиите што можат да ги имаат партнерите во една стартап фирма во поглед на корпоративната бирократија. Поранешни вработени можат да донесат некои од новите вештини што ги стекнале откако ја напуштиле компанијата за да решат некои од предизвиците што веќе добро ги разбираат.

Создавање нов пазар

Постоечките платформи што поврзуваат професионалци со хонорарни ангажмани не водат грижа за нивниот сет вештини, оттука има можност да се создаде таква платформа што ќе овозможи пристап до талентите од целиот свет и што ќе направи поповолни услови за иновирање во досега невидена мера за организацијата и брзо да одговори на променетите барања на пазарот. Ernst & Young почнаа да применуваат ваков начин на размислување уште во 2015 година. Џеф Вонг, извршен директор за глобални иновации во компанијата ги препозна бараните работници како „лост кој можевме да го повлечеме пред пет години“ до „клучен дел од нашата стратегија“. Во 2017 година неговиот тим ја создаде GigNow, платформа која се користи внатрешно за да се пронајде талентиран професионалец кој веќе има договор со компанијата. Платформата сега се користи во 35 земји и има 36 000 регистрирани работници. Тој вели: „Низ светот има толку многу проекти што претходно не можевме да ги работиме, но сега можеме – бидејќи сега имама база на таленти“.

Сепак, за да бидеме јасни во поглед на примената на оваа стратегија, постојат неколку критични работи што треба да се земат предвид.

Потребен е нов бизнис модел

Дневница или хонорар за сработен проект не е одржлив пристап, тоа не го создава ниту пак го привлекува вистинскиот вид талент што е потребен за тој иновативен потфат да биде успешен. Компаниите ќе треба да научат да се чувствуваат удобно со моделите со доделување удел од сопственоста и можни заеднички инвестиции.

Тимот што работи на иновации ќе треба да ги менаџира другите тимови

Главниот тим кој работи на иновации прави промена од активна работа на самата иновација кон менаџирање на тој процес. Ова е значајна промена, и овој пристап значи дека за да биде потфатот успешен, главниот тим треба да менаџира други тимови и портфолио, а да не биде тој што е задолжен за потфатот. Значи, главниот тим ќе треба да стекне различен сет вештини.

Не станува збор за бинарен избор, реалноста е дека постојат пазари каде овој пристап е полесен за изведување, и други пазари каде ваквите потфати можат да бидат долгорочна визија, така што лидерите во иновативните активности ќе треба да ги идентификуваат пазарите каде да започнат со работа.

Потребно е обука

За да се подобрат шансите за успех треба да бидете сигурни дека секој го има основниот сет потребни вештини, алатки и најважно, потребниот начин на размислување. Ако се спроведе како што треба, обуката може да помогне да се надградат вештините на поголем број лица и да се создаде постојан канал на талентирани професионалци од места како што се универзитети и истражувачки институти.

Сега е вистинското време да бидете пионери со овој пристап, бидејќи компаниите се соочуваат со брзо пореметување и затоа е потребно бизнисите брзо и да еволуираат. Новите бизнис модели и развојот на нови производи на пазарот може да се постигне побрзо, ако тимовите кои работат на иновации станат поагилни и имаат способност побрзо да одговорат на предизвиците и на поголем број нови бизнис можности.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -