Прилагодете се на новата ситуација без одложување и со отворен ум за нови можности

Какви емоции и доживувања можат да се јават додека истовремено се привикнуваме на новиот начин на живот за време на коронавирус, се прилагодуваме на работењето од дома, и паралелно ги играме улогите на професионалец, мајка, партнерка. Овие теми беа во фокусот на денешниот онлајн настан – „Како да се справите со последиците од животот во време на коронавирус“, во организација на иницијативата Women in Adria и ЦЕЕД клуб на жени претприемачи и менаџери.

Поврзано:

Целта на настанот беше учесниците да извлечат што поголема корист за квалитетот на сопствениот живот и да применат конкретни совети како полесно да се надминат новонаметнатите правила, ограничувањата во поглед на движењата и комуникацијата со другите, како и горливите егзистенцијални прашања што нè мачат повеќето од нас.

На настанот говореше Деспина Стојановска, која е психолог и системски и семеен психотерапевт, професионален обучувач на возрасни. Таа, нејзиното долгодишно искуство од работата со целни групи на индивидуална, брачна, семејна или групна психотерапија, го пренесе пред учесниците фокусирајќи се на неколку клучни емоционални состојби и на методите како да се справиме со негативните последици од истите.

Страв и лутина – емоции кои неизбежно се јавуваат

Во време на светска пандемија, лутината и стравот се најнедобредојдени емоции, но неизбежно е тие да се јават бидејќи се основни чувства кај секое човечко битие. Кога сме соочени со бура од информации, од официјални извештаи на светските релевантни институции, до безброј теории на заговор, природно е да се јави чувство на страв од непознатото. Затоа, од особена важност е да сте свесни кои извори на информации ги селектирате, кому му верувате и кого го слушате, образложи Стојановска.

„Стравот во време на Ковид – 19 е страв од разболување, но уште поприсутен и посилен страв е можеби стравот од нерешавање на егзистенцијалните проблеми кога економијата работи со намален обем и темпо, голем број лица ги губат работните места, а компаниите се приморани да работат со трошоци сведени на минимум,“ кажа таа.

 Лутината е исто така често присутна емоција, и според искуството на Стојановска, во овие два месеци, бесот е најчесто насочен кон Системот, начините со кои властите се справуаат со ширењето на коронавирус, услужливоста на институциите, чувството дека не работат организирано и сл. Она што можете да го преземете разумно да ги надвладеете овие емоции е да се соочите со нив наместо секој пат кога ќе искусите лутина и страв да обвинувате фактори кои се надвор од вас.

Чувството на прегореност е честа емоционална состојба

Уште една емоционална состојба што може да се јави во контекст на сегашната промена на начинот на живот е чувството на прегореност (burnout). Тоа може да се јави поради итната потреба што поскоро да се прилагодиме на работењето од дома, а во тој процес да ги ангажираме нашите т.н. отпорни снаги.

„Новата реалност ги ангажира овие снаги, но тие имаат рок на траење, и бараат посебна негува за да можеме да ги искористиме и подоцна во текот на животот. Способности како истрајност, постојаност, одговорност, одржување рутина и дисциплина се такви отпорни снаги кои ни требаат за да истраеме во најтешките периоди. Доживуваме прегореност кога енергијата што ја вложуваме кон надвор е поголема од онаа што ја вложуваме во она што нас лично нè прави среќни. Прегореноста е опасна затоа што може да доведе до апатија, чувство на отсуство на радост поради која било причина и недостак на контакт со светот што нè опкружува,“ предупреди Стојановска.

Еден начин како да ги обновите вашите позитивни способности или да ги негувате, е одењето во природа, барем колку е тоа возможно во овие услови. Најлесен начин да се испразните од чувството на натрупана лутина и прегореност е да одберете осамена карпа и да се извикита на цел глас. Следна варијанта на истиот „вентил“ е да ја поставите главата во перница и да викате колку можете посилно. Дури и симболичното фрлање на предмет на кој можете да наидете во природа, камен или стапче, може да ви помогне да се ослободите од ваквите чувства што ја црпат позитивната енергија.  

„Понатаму, доколку се осетите дека бесот поради прегореноста преовладува со вашето расположение, тогаш обидете се да примените некои од техниките за смирување, како што е првилно, длабоко, смирено дишење. Навикнете се на фактот дека ситуацијата вам ви делува пострашна одошто навистина е, и дека вас ве мачи само мисла која е страшна, доколку стравот е веќе присутен во вашето секојдневие,“ советуваше таа.

Обратна ситуација

Во фокусот на излагањето на Стојановска беа и позитивните примери на лица кои одлично се снаоѓаат со времето поминато во наметната само-изолација, чии бизиси не заостануваат, па дури доживуваат и подобрување. Во овој случај, станува збор за лица кои се во допир со самите себе, со сопствените вредности и аспирации, и тие луѓе најчесто знаат како да им помогнат и на другите да се чувствуваат така.

„Затоа, слушајте ги вашите пријатели или блиски кои имаат различно искуство од вашето во поглед на поднесување на новите правила на живот. Убаво е да можете да се вклучите во такви отворени дискусии каде ќе се информирате за она што другите го прават, а што функционира. Во овој контекст, обидете се позитивните практики во време на само-изолација да продлжите да ги применувате и по завршетокот на Ковид-19 периодот. Ова ќе ви помогне да направите полесна транзиција кон поранешниот начин на живот.“

Надминете го стресот од работењето од дома

Стресот од менувањето на начинот на работа од канцеларија, во домашни услови може да создаде голем број фрустрации, како што се совладување на различни технологии и техники за комуникација и работење на далечина, видео конференции итн. Понатаму, може да ве фрустрира верувањето дека членовите на семејството не разбираат до крај колку ви е напорна работата па не наидувате на разбирање од нивна страна. Или пак, додека работите од дома во исто време се случуваат и онлајн часовите на вашите деца, и вашиот сопруг има состанок во исто време како и вие..

Она што може многу да помогне во ваква ситуација е подготовката на план и распоред за работа заедно со членовите на вашето семејство. Овде не станува збор за изработка на детален акциски план, туку на едноставен распоред на задолженија и обврски и договор за тоа кои се вашите приоритети во дадена временска рамка во текот на денот.

„Направете распоред на активности, ако треба, залепете го и на врата за да може сите да го гледаат, но поставете јасни граници кој дел од домот го користите вие додека работите и во кое време,“ посочи Стојановска.

Рутината е една од најефикасните начини да го надминете стресот. Што повеќе се придржувуате на рутината толку повеќе ќе го намалите стресот. Препорачливо е, додека работите, до вас да имате бележник, или агенда, и внимателно да ги забележувате сите задолженија и обврски, со цел намалување на хаосот од информации во глава.

Но, за да извлечете најмногу позитивни промени од животот во време на Ковид-19, според Стојановска, насочете се и на новите можности што секојдневно се нудат во насока на олеснување на работењето од дома, примена на нови бизнис модели, пренасочување на нешто што верувате дека е покорисно или попотребно. Затоа, доколку сте лидер на тим, менаџер во компанија, или ја раководите вашата сопствена компанија, не заборавајте ја важноста на отворената и искрена комуникација со вработените во ова време на целосно поинакви животни услови. Споделувањата на лични чувства и емоции со колегите овозможува мир за секој член на тимот или колективот. Тогаш испраќате порака дека сте во тек со она што се случува во животот на вашите колеги и дека ја следите динамиката и промените во тимот и во работата.

Во ова време кога некои од најсоновните потреби, како тие за блискост и припадност, ни се физички оневозможени, не заборавајте дека прилагодувањето започнува со отворена комункација, заклучи таа.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -