Претприемништвото и потрагата по трајна среќа

Доаѓа момент во животот кога стануваме свесни за реалноста на нашата зрелост. Кога сме млади, мислиме дека зацртаните цели или постигнатите успеси се еднакви на зрелост. Но мудрите знаат дека не е така – стекнувањето возачка дозвола, отселувањето од домот на родителите, бракот, па дури и добивањето деца не се магични настани што го сигнализираат преминот во зрелото доба, цени Кристофер Мајерс, извршен директор на Colorado Lending Source, за бизнис порталот Entrepreneur.

Верувам дека вистинската зрелост пристигнува ненајавена и без голема врева. Нејзиното пристигнување не е обележано со некаква општествена цел, туку со бавното сфаќање за она што е важно во животот, објаснува Мајерс.

Последната деценија од животот како претприемач ја посветив на работа со малите бизниси и на долго и на широко сум пишувал за претприемачкиот пат. За тоа време, постигнав невиден успех, очајни лични неуспеси и се` што доаѓа помеѓу. Речиси секој момент од возењето на лудата железница е зачуван преку моите текстови и работата на телевизија, и за мене е фасцинантно како тие записи ги отсликуваат промените што сум ги доживеал.

Без никаков сомнеж, најпопуларната статија што изврши најголемо влијание што кога било сум ја напишал беше во 2016 год, и во неа стануваше збор за депресијата меѓу претприемачите. Четири години подоцна, статијата е прочитана од повеќе од 4 милиони луѓе, а многумина ми се обратија за личен совет. Тоа искуство ме прави понизен и ми го отвори очите.

Откако ја напишав таа статија, продадов бизнис, имав неколку успешни инвестиции и неколку тешки неуспеси. Денес го поминувам времето како раководител на компанија која работи со доделување заеми за корисни цели, и служам како советник во одбрани фирми, но и пишувам и предавам на Државниот универзитет во Аризона. Исто така научив многу тешки лекции кои за возврат ја променија мојата перспектива на животот, среќата и успехот.

Верувам дека оваа релативно нова промена во перспективата ми го посочи моментот во кој навистина станав возрасен човек. Таа согледба, заедно со тековните промени што во моментов ги искусуваме на социјално ниво, е причината зошто почувствував дека сега е соодветно време да ги проширам концептите за кои веќе пишував.

Денес, ги советувам претприемачите да не се обидуваат да ја „добијат“ битката со депресијата и анксиозноста, и ги охрабрувам да целат кон „еудаимониа“.

За оние кои не се запознаени со терминот, станува збор за антички филозофски концепт што стоиците го дефинирале како „живот во договор со природата“. Модерната публика ќе ја препознае идејата како вистинска, одржлива среќа без разлика на околностите.

Разбирањето на концептот на „еудаимониа“ и што значи во пракса е клучот за надминување на предизвиците и несигурностите со кои се соочуваме сега и во иднина.

Amor fati

Фридрих Ниче го исковал терминот „amor fati“, што во превод значи „љубов за личната судбина“. Концептот дека треба да го прифатиме тоа што не е во наша контрола се појавил многу пред Ниче, и најверојатно потекнува од стоичкиот филозоф Епиктет.

Без разлика на вашето духовно верување, не може да се порекне дека она што ќе се случи ќе се случи. Можеме да се обидуваме да им доделиме значење или некаква моќ на работите што ни се случуваат, но во реалност, единственото нешто што можеме да го контролираме е нашата реакција на овие настани. Ништо што ни се случува, објективно гледано не е ниту добро ниту лошо само по себе. Напротив, нашиот одговор го одредува влијанието што тие работи го имаат на нашите животи.

Amor fati е концепт што има длабоко лично значење за мене, истакнува Мајерс. На почетокот на 2020 год, го искусив првиот голем неуспех во мојата кариера. Комбинација на фактори, вклучувајќи го и Ковид-19, доведе до затворање на логистичкиот концепт што требаше да функционира по барање на клиентите, и кој се обидував да го воведам во Северна Америка. Инвестирав многу во бизнисот, и во поглед на финансии и во поглед на личен напор. Затворањето беше голем удар по мојот џеб, како и на моето его.

Искуството воопшто не беше пријатно, и секако дека си дозволив време да си ги излижам раните и да се соземам. Но, сега кога имам подлабоко разбирање за тоа искуство, можам да видам дека тоа беше феноменална лекција. Болката што ја издржав ме научи на основни и клучни деловни лекции и ме примори да станам подобар сопруг, татко и лидер. Денес, тоа искуство го сметам еднакво на здобивање неверојатно скапа мастер диплома по бизнис администрација.

Многумина се шокирани од фактот што можам да се осврнам на еден толку трауматски настан како да е неутрален и дури да најдам вредност во искуството. Сепак, научив дека таквата перспектива е клучна за постигнување еудаимониа. Не можев да ја избегнам ситуацијата, и иако беше болна, сепак имав избор или да потклекнам на притисокот или да најдам радост во околностите со кои бев соочен. Ова може да изгледа како потфат на врвна отпорност на површината, но јас тоа не го гледам така. Напротив, го гледам како избор за кој јас ја имав моќта да го направам.

Голем број претприемачи ќе се соочат со тековни предизвици, и многумина нема да имаат безбедносна мрежа како јас. Сепак, без разлика на околностите, сите мораме да се запрашаме себеси: како ќе одговорам? Ќе ни се случуваат работи. Некои ќе ни бидат од корист, други ќе не` назадуваат. Нашата единствена опција е да реагираме и таа реакција зависи од нас.

Заменете ги помалите, пониските нешта за повисоки идеали

Бруталната вистина за еудаимониа е дека работите што мислиме дека не` прават среќни – лесен пат, богатство, комерцијален успех – не не` прават среќни. Прашајте кој било претприемач кој ја продал компанијата или дошол до пари; тие го прават животот поудобен, но не води кон вистинска промена во однос на среќата.

Вистинската среќа доаѓа со себе-откривање, постепено подобрување и смисла за цел. Сфаќам дека ова е мала утеха за некој кој се соочува со затворање на бизнисот или загуба на домот поради пандемијата. Тие се непријатни и болни искуства, но тие не го менуваат фактот дека единствениот аспект на ситуацијата што е под ваша контрола е вашата реакција.

Запомнете, еудаимониа не е исто што и еуфорија. Зборуваме за усвојување долгорочен пристап кон вистинска среќа, а не краткотрајна утеха. Патот напред ќе биде неудобен и проблематичен за поголемиот дел од нас, но ако се фокусираме на пронаоѓање радост во нашата ситуација, ќе имаме корист на долг рок.

Лесно е да се изгуби перспективата, особено кога сме уплашени или кога се чувствуваме депресивно. Максимата која треба постојано да си ја повторуваме е „и ова ќе помине“. Можеме и ќе најдеме радост кога учиме од секој можен детаљ од ситуацијата во која се наоѓаме. Мудроста, храброста, умереноста и правдината не доаѓаат брзо, ниту евтино. Напротив, нив ги заработуваме со крв, пот, солзи и истрајност.

„Изборот на Херкулес“

Можеби најдобрите примери за долготрајна и наследна вредност на еудаимониа доаѓа од синтагмата „изборот на Херкулес“. Во оваа приказна, грчкиот херој Херкулес среќава две жени додека патува низ напуштен пат.

Првата жена, убава и сјајна, се вика Какиа и тврди дека нејзините пријатели ја викаат „Еудаимониа“, т.е. среќа. Таа му ветува на Херкулес пат кој истовремено е лесен и пријатен и крајна дестинација каде тој ќе може да го користи трудот на другите. Другата жена, скромна и силна, се вика Арете и патот што таа го нуди е долг и макотрпен. Ако Херкулес одлучи да оди по нејзиниот пат ќе се соочува со маки на секој чекор. Објаснувајќи го нејзиното размислување, Арете вели: „Боговите не им даваат на луѓето нешто навистина добро или вредно за восхит без болка и труд“.

Секако, Херкулес го одбира патот на Арете и ги отфрла лажните ветувања на Какиа/Еудаимониа. Тој сфаќа дека вистинскиот пат до среќата доаѓа низ маки и напор, и индивидуален суд дека треба да се направи правилното нешто.

Кога се соочуваме со проблеми и тежок период, секој од нас треба да направи избор како Херкулес. Доаѓањето до вистинскиот избор не е лесно, и нема веднаш да се исплати. Сепак, откако еднаш ќе сфатите дека потрагата по трајно задоволство, еудаимониа, е единствениот вид потрага што вреди, не само што ќе бидете посреќни на долг рок, туку конечно ќе имате сертификат дека сте постигнале зрелост.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -