Препораки за израмнување на теренот за игра за жените претприемачи

Талал Рафи, колумнист за Форбс кој работи како експерт од индустријата за проекти на Светска Банка што поддржуваат технолошки инкубатори при универзитети вели дека веќе има наголемо пишувано како жените би биле неверојатна економска сила доколку би имале пристап до соодветен терен за игра во бизнис светот. Денес, креативноста и иновативноста се клучни, и жените можат и треба во голема мера да придонесуваат во новите идеи и бизниси, бидејќи реално тоа доведува до економски раст, истакнува тој.

Неодамна, Рафи присуствуваше на тркалезната маса во Чатам Хаус во Лондон за формулирање на препораките за овозможување поголеми можности за жените претприемачи. Голем број согледби од експертите во индустријата беа споделени на тој настан. Подолу во текстот се неколку препораки за тоа како Рафи смета дека сите чинители можат да придонесат и да ги охрабрат жените претприемачи на нивниот пат.

Помош за жените сопственици на бизниси да го поттикнат растот во нивните стартап компании

Според искуството на Рафи, во светот на многу места се гледа концентриран фокус на охрабрувањето на жените да започнат сопствен бизнис, што е несомнено важно. Но тој смета дека поддршката за скалирање на бизнисот е занемарена.

Во 2019 год, Националната асоцијација на жени сопственички на бизниси откри дека најголемиот предизвик за жените претприемачи е како да поттикнат развој на сопствениот бизнис. Реалноста говори дека голем број жени сопственички на бизнис се соочуваат со тешкотии во однос на скалирањето бидејќи искусуваат многу пречки кога станува збор за раст.

Има неколку активности што можат да се преземат со цел овозможување подобра поддршка за развојот на бизнисите во сопственост на жени. Рафи верува дека едно можно решение би било акцелераторите да стават приоритет на стартап компании во сопственост на жени. Корпорациите и развојниот сектор што ги менаџираат акцелераторите можат во голема мера да им помогнат на жените во скалирањето на нивниот бизнис.

Освен обезбедување работен простор, акцелераторите можат исто така да им помогнат на жените претприемачи да пронајдат инвеститори и нови пазари. Корпорациите што управуваат со акцелератори можат да вложат во бизниси во сопственост на жени што се во согласност со активностите на нивната компанија, како и да споделат експертиза и инфраструктура за слични стартап фирми во кои имаат удел.

Еднаков пристап до финансии за жени

Пристапот до финансии е област во која жените се соочуваат со сериозни неповолности. Во 2017 год, тимови составени само од жени за основање стартап компании обезбедиле само 2% од средствата на инвестициските фондови, додека тимовите составени само од мажи добиле околу 80% од овие средства. Уште повеќе, едно истражување открива дека иако презентирањето на бизнис идејата било исто, сепак инвеститорите претпочитале да вложат во презентациите преставени од машки глас. Истото се случува и кога станува збор за доделување заеми за започнување бизнис. Жените претприемачи често пати се соочуваат со проблеми кога треба да обезбедат заем од банка.

Еден начин да почне да се менува ваквата ситуација е жените еднакво да фигурираат во одборите на корпорациите. Според The Wall Street Journal, жените заземаат само 20% од седиштата во корпоративните одбори според индексот Расел 3000. Лидерската структура во најголемите компании е се` уште препуштена на мажите, што пак може да влијае врз размислувањата на инвеститорите. Рафи верува дека е особено важно корпоративните одбори на банките и институциите што се занимаваат со инвестиции на ризичен капитал да се осигураат дека имаат еднакво присуство на жени во нивните тимови.

Дополнително, комисијиите што ги одобруваат овие инвестиции би требало да ја запазат родовата рамнотежа со цел да им се помогне на стартап компаниите во сопственост на жени да ги добијат инвестициите што ги заслужуваат, без притоа да бидат ограничени од субјективност во одлучувањето.

Создавање култура што ги поддржува жените претприемачи

Технолошката индустрија доживеа експлозивен раст. Денес на Њујоршката берза доминираат технолошки џинови, како Apple, Google, Amazon и Microsoft. Рафи предвидува дека економскиот раст и создавањето богатство во иднина првенствено ќе дојдe од технолошката индустрија.

И покрај дострелот на технологијата, сепак жените се далеку помалку застапени во оваа индустриска гранка. Истражувањеto од 2017 година, спроведено од PricewaterhouseCoopers откри дека во Велика Британија, само 5% од лидерските позиции во технолошката индустрија се зазмени од жени. Во САД, само околу 25% од  софтверските позиции им припаѓаат на жени, истакнува извештајот за 2020та година на Националниот центар за жени и информатичка технологија. Жените кои се во оваа индустрија, но и во многу други, во голем број искусуваат дискриминација по основ на полот на работното место.

Постојат неколку важни чекори што компаниите треба да ги направат со цел да создадат култура на работното место која овозможува поквалитетна поддршка за жените. Но Рафи смета дека има едно нешто што секој може да го направи, а тоа е споделување на успешните приказни на жените претприемачи во технолошката индустрија. Искажете ја вашата поддршка за овие професионалци и охрабрете ги вашите колеги да го направат истото.

Уште повеќе, бизнис лидерите можат да одвојат голем дел од нивните буџети за набавки и да ги пренасочат кон бизниси во сопственост на жени. Бизнис лидерите би требало исто така да стануваат партнери со бизниси во сопственост на жени и да се осигураат дека овие сопственички на бизниси имаат еднаков пристап до можности, како на пример конференции и настани што ќе им овозможат да се вмрежуваат.

Растот на женското претприемништво е важен

Според истражувањето на Глобалниот институт Мекенси, подобрувањето на еднаквоста на жените, до точка во која тие играат идентична улога како мажите, може да придонесе со 28 трилиони долари во глобалната економија. Оваа бројка е скоро целосната сума на американската и кинеската економија заедно, истакнува студијата. Иако постојат многу програми што помагаат во унапредувањето на родовата еднаквост на работното место, родовата еднаквост во претприемништвото исто така би требало да биде врвен приоритет.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -