Прашања што ќе ви го дадат одговорот за вашиот следен кариерен чекор

Нашите кариери многу ретко се одвиваат по линеарен пат.

Кај корпоративните работни места, педантно претставени во графикони и табели што покажуваат слоеви менаџмент и сениорски титули во рамките на една организација, се чини како да нашиот пат напред би требало да биде права нагорна линија. Но откако поминав повеќе од 20 години во мали и големи компании, и откако во текот на годините им помогнав на стотици тимови да напреднат во сопствените кариери, научив дека следниот најдобар чекор напред не е секогаш право пред мене. Понекогаш, она што се чини како чекор назад, или некаков страничен потег, всушност е возбудлива можност да го прескокнете местото каде што сте биле претходно. Всушност, сум видел луѓе кои стануваат поуспешни кога престануваат да се фокусираат на линеарноста, и почнуваат да искористуваат можности за кои гаат страст и се пред нив. Тогаш всушност работите и делувате најдобро, ја сработувате најдобрата работа и ги постигнувате најдобрите резултати, тврди Јохан Вред, маркетинг директор со технолошко образование и широко искуство во корпоративниот маркетинг, развој на бизнис и предпродажба, во моментов генерален директор за бренд, медиуми и рекламирање во SAP.

Како точно да ги одредите тие можности?

Или уште поважно, како да го надминете чувството дека сте заглавени?

Во продолжение се неколку прашања што мене ми помогнаа да одлучам каде да го насочам следниот чекор во мојата кариера.

Дали почнувате одново, или почнувате нешто ново?

Еден од најголемите предизвици што луѓето треба да ги надминат кога прават транзиција во нивната кариера е да го победат чувството дека „почнуваат одново“.

Ова е изненадувачки едноставно. Вашето патување замислете го како да носи „моментум“ со себе во форма на вештини, и тврди и меки. Да, можеби менувате насока, но не почнувате од нула. Тоа го правите со вештини што ќе ве донесат до вашата нова улога. На пример, сега сум на кариерното ниво 4.0 – почнав како кодер, продолжив во продажба, проследено со развој на бизнис и сега работам во маркетинг. Со секоја промена морав да научам целосно нови вештини, но тие беа надоградени на вештините што веќе ги поседував. Кодирањето ме научи како креативно да решавам проблеми, продажбата ме научи на уметноста на убедувањето, развојот на бизнис ми овозможи да стекнам начин на размислување долгорочно фокусиран на растот – а сите овие стекнати вештини ме направија успешен маркетер.

На површината, овие работни позиции не се подредија на некаков линеарен пат напред. А сепак, најдов начин да ги користам работите што ги научив од претходните работни места, што пак ми овозможија да имам единствена перспектива за можностите што доаѓаат.

Во што уживам? А во што не уживам?

Во вашата кариера, стекнувате нови вештини од едно до друго работно место. Што повеќе напредувате во вашето поле, толку полесно можете да паднете во стапицата: „добар сум во ова, така што ќе продолжам да го правам за да ја заработам следната можност, и покрај тоа што не го сакам“.

Ова е всушност ваш момент да стекнете контрола на вашата кариера и да донесете одлука во врска со тоа во кои вештини уживате и сакате да ги задржите во вашиот прибор со алати, а во кои вештини не уживате и сакате да почнете да се движите напред. На пример, познавам многу луѓе кои биле унапредени во менаџерски позиции бидејќи се одлични индивидуални придонесувачи. Тие продолжиле да работат како менаџери на луѓе бидејќи чувствуваат дека тоа било единствениот пат да придонесат кон растот, и покрај фактот што реално не уживаат во таа улога. Очигледно не биле свесни за тоа пред да станат менаџери и сега се чувствуваат како фатени во стапица помеѓу перцепцијата дека кариерниот раст треба да биде линеарен и нивното помалку од идеално искуство како менаџер.

Ако ја напуштите идејата дека вашата кариера треба да биде линеарно искачување по шемата и почнете да размислувате за оптимизација на вештините што веќе ги користите, ќе се изненадите колку брзо растот може да се случи.

Можам ли да почувствувам страст за можноста?

Голем дел од мојата кариера чувствував како таа да е резултат на тоа што сум на вистинското место, во вистинското време, но кога ќе погледнам наназад, всушност не било така. Ја искористив секоја добра прилика што ми се покажа и ја направив одлична.

„Следете ја вашата страст“, е популарен кариерен совет, но мислам дека тоа е само првиот чекор. Вториот чекор е да пронајдете начини да и` дозволите на страста да сјае низ што и да е тоа што го правите сега – за да можете да продолжите да „ја следите вашата страст“ низ целата кариера. И причината зошто го зборувам ова е бидејќи она за кое сега чувствувате страст ќе се смени со текот на времето.

Наместо да размислувате за тоа „дека го работите она што го сакате“ како дестинација, ве охрабрувам да го сфатите тоа како пристап кон се` што правите. На тој начин, ќе престанете да ја барате совршената можност и ќе ги препознаете можностите во сите ситуации.

Бегам од нешто или трчам кон нешто?

Ова е најважното прашање што можете да си го поставите себеси, и прашањето што секогаш ги охрабрувам луѓето да го постават кога доаѓаат кај мене со менторски прашања за нивната кариера.

Сите сме се нашле во ситуација што ни се чини неподнослива. Микроменаџер за шеф, работа што е досадна и не ве исполнува, или која било од милионите други причини поради кои не сакате да одите на работа наутро. Така што, кога ќе се појави нова можност, можеби ќе бидете во искушение да кажете „се` е подобро од ова!“. Но тогаш треба да бидете искрени за одговорот на ова клучно прашање.

Дали бегате од проблем? Или дали навистина се трудите да се движите во насока на нешто што го сакате?

Одбирањето на помалото зло ретко е најдобриот пат напред. Всушност, често пати е рецепт да се најдете во истата ситуација откако ќе заврши периодот на меден месец.

Други прашања што верувам дека се од помош:

  • Кои нови вештини би сакал да ги научам, и какви можности ќе ми дозволат да научам нови вештини?
  • Дали ќе бидам во можност да ја искористам мојата страст?
  • Дали оваа одлука ја носам само поради желбата да заработувам повеќе пари? Или има нешто повеќе што ме исполнува?
  • Дали има начин да проверам дали ќе уживам во овој нов кариерен пат што го истражувам пред да се посветам?

Како заклучок, се надевам дека сфаќате дека не сте сами. Сите поминуваме низ периоди на несигурност во нашите кариери. Таман ќе помислиме дека се` сме сфатиле, за потоа да ни стане јасно дека се движиме во целосно различна насока – некогаш поради избор, друг пат поради околностите. Но она што е најважно е да запомните дека никогаш не „почнувате од нула“.

Највредните вештини се универзални.

Извор: Minutes

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -