Прашања што треба да се постават ако сакаме жените претприемачи да постигнат брз развој

Идејата до кој степен среќата игра улога во личниот успех е тема за која пишувале многумина со текот на годините. Но кога гледам на сопствениот почеток како претприемач, кога одлучив да го скалирам бизнисот и да го апсорбирам приходот на мојот сопруг, сфаќам дека среќата ме донела само до таа точка. Но она што го направив со среќата, можностите што ги искористив и врските што ги создадов, беа факторите што навистина направија мојот бизнис да порасне, пишува Танја Далтон, основач на inkwell Press Productivity Co. за Entrepreneur.

И покрај зголемениот број на бизниси во сопственост на жени, жените основачи се` уште се соочуваат со недостаток од финансиски ресурси за формирање сопствена компанија и водење бизнис. Според MarketWatch, само 2,2% од сиот вложен ризичен капитал во САД е инвестиран во компании што се единствено основани од жени. Дополнително, компаниите со единствено мажи основачи добиваат финансиски средства и по првата рунда пичинг, и тоа 35% од времето. За компаниите со жени основачи, таа бројка изнесува помалку од 2%. Само 2% од бизнисите во сопственост на жени успеваат да заработат 1 милион долари во приходи, што е три и пол пати помалку од нивните колеги мажи.

За жените и некои мажи кои го читаат ова, наместо да направам список од совети како можеме да го решиме овој проблем, бидејќи тоа би бил голем потфат, мислам дека би било подобро да поставам некои провокативни прашања. Истите тие прашања сум си ги поставила себеси и се надевам дека ќе ве поттикнат и вие да бидете дел од решението, објаснува Далтон. Како што сакам да им кажувам на жените кои ги советувам, малите промени водат до големо влијание.

Како да ги прошириме мрежите на жени да ги прифатат СИТЕ жени претприемачи?

Кога го отворив бизнисот, се почувствував како се`да правев сама, без поддршката што ми беше потребна. Кога ги пронајдов женските групи за вмрежување, почувствував олеснување. Има големи шанси во вашата заедница веќе да постои мрежа составена единствено од жени.

Но, пред да го потрошите времето, енергијата и парите, ви препорачувам да си ја напишете домашната. Кои од овие мрежи навистина ќе направат разлика во развојот на вашиот бизнис? Која мрежа е вистинскиот избор за вас во моментот? Која мрежа ќе расте паралелно со вашиот бизнис?

Ели Браун, која исто така работи како советник и тренер на жени претприемачи, неодамна ја дискутираше оваа тема во нејзината радио програма. Тажниот факт е дека постои проблем со женските мрежи што не им дозволува на голем број жени сопственички на бизниси да растат. Повеќе претприемачки заедници за жени се создадени за хонорарни работници и почетници. Не ме сфаќајте погрешно, тоа е одлична можност за тие кои почнуваат. Всушност, овие заедници се и те како потребни. Но што се случува со оние како мене кои веќе имаат стекнато некакво претприемачко искуство? Како што вели Браун: „Жените кои се подготвени за повеќе се заглавени тука. Тие се фатени во циклус на странично вмрежување, наместо да одат нагоре“.

За среќа постојат и можности за жените основачи на бизниси кои веќе раководат со солидно развиени компании. Браун ја основала The Trust, приватна мрежа за жени претприемачи и бизнис кој генерира повеќе од 1 милион долари годишно.

Би сакала да видам повеќе мрежи како оваа во следните неколку години, бидејќи е потребна рамнотежа од мрежи што им се достапни и привлечни и на жените претприемачи кои започнуваат бизнис и за оние кои веќе го пробиле патот нагоре.

Како можеме да бидеме систем за поддршка за жените сопственици на бизниси?

Како што веќе споменав, понекогаш малите чекори можат да доведат до најголемо влијание. Кога размислувам за мојот почеток во претприемништвото, се потсетувам на двете жени кои ми дадоа шанса: Кимберли Вајли и Лора Новак Мејер. Тие веруваа во мене кога самата немав доволно верба во себеси и ја раширија новоста за мојот бизнис во нивните мрежи. Без нивната поддршка, ниту една количина среќа немаше да го помести бизнисот од нула.

Кога некому нудите ваша поддршка не значи дека имате голема обврска со која треба да се справите. Повеќето претпоставуваат дека група за поддршка е составена од луѓе кои ги познавате, но во неа можат да членуваат целосни странци. Во прилог се наведени видовите поддршка што би било добро да ги запомните кога размислувате и самите вие некому да пружите, мала или голема, поддршка.

Емоционална поддршка: започнувањето бизнис доаѓа со цела палета емоции, вклучувајќи стрес, анксиозност, па дури и осаменост. Овој вид поддршка е резервиран за оние кои ќе и` го чуваат грбот на жената и ќе и` бидат рамо за плачење.

Поддршка во вид на придонес: овој вид поддршка вклучува водење грижа за нечии идни и непосредни потреби. Тоа може да биде нешто ситно, како купување ручек на нејзино место, или големо, како одлука да инвестирате во нејзиниот бизнис. Двата примери се подеднакво важни.

Информациска поддршка: ова подразбира насочување, советување или менторство. Овој вид поддршка е особено потребен да дојде од жените и мажите кои веќе го изоделе патот, имаат успешен бизнис со години и можат да споделуваат мудрост.

Одговорна поддршка: особено сакам да имам партнер за одговорности, некој покрај мене кој ќе ме тера да бидам одговорна во поглед на моите зацртани цели. Дали вие можете да бидете таа? Да терате некого напред за да пронајде успех?

Дури и да не сте претприемач или вашиот бизнис да нема никаква врска со бизнисот на жената која ја поддржувате, има големи шанси дека можете да ја пополните празнината ако понудите некој од видовите поддршка наведени погоре.

Ако имате способност да бидете ментор на жена, дали ќе ја земете таа можност предвид?

Ако чекате некоја помлада жена да ве замоли да бидете нејзин ментор, најверојатно ќе продолжите да чекате. Анкета спроведена од Development Dimensions International открива дека жените не бараат ментори на проактивен начин. Неверојатни 63% од жените кои биле учесници во анкетата се изјасниле дека тие никогаш немале формален ментор.

Според стотиците жени кои беа дел од истражувањето, овој недостаток не женско менторство не се должи на нивната незаинтересираност да бидат ментори, туку на фактот што не се запрашани да бидат. Всушност, 54 % од жените кажале дека некој ги замолил да бидат ментори малку пати во текот на нивната кариера, додека 20% кажале дека никогаш не биле запрашани да менторираат некого.

Што можеме да заклучиме и да научиме од ова истражување? Ајде да престанеме да го одолговлекуваме проблемот, со тоа што ќе бидеме жртви на митовите за женското менторство. За жените кои се на виши менаџерски позиции, престанете да чекате официјална покана. За помладите жени кои навистина имаат потреба од ментор за напредок на нивната кариера, кажете го тоа гласно!

Го обожавам овој цитат на Медлин Олбрајт: „Постои специјално место во пеколот за жените кои не им помагаат на други жени“. Ајде сите да го дадеме нашиот удел во обезбедувањето помош за да ги промениме горенаведените статистики и да им помогнеме на жените да бидат посилни и подобри во бизнисот. Најдете начини да поддржувате и охрабрувате други жени сопственички на бизниси за да можеме сите заедно да растеме. Се надевам дека за десет години од сега нема да ги гледаме овие празнини на пазарот, и се почнува со овие неколку прашања.

*Во нашата земја, во рамките на ЦЕЕД Хаб Скопје, функционира ЦЕЕД Клуб на жени претприемачи и менаџери, а се нудат и услуги во поглед на менторство, пристап до финансии и друг вид бизнис услуги во зависност од потребите на компанијата. Повеќе информации за услугите на ЦЕЕД Хаб Скопје можете да најдете тука. За членството во Клубот, контактирајте не` на: [email protected].

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -