Подемот на алгоритмите: како вештачката интелигенција го трансформира одржливото инвестирање

Во свет во кој одржливоста е клучен фактор во носењето инвестициски одлуки, вештачката интелигенција може да обезбеди подлабока јаснотија и увид во потребните информации од морето податоаци.

Одржливите акции се во пораст. Компании и поединци се` повеќе бараат начини како да ги вложат парите со цел да извршат влијание на средината преку спроведување на одржлива стратегија.

Без разлика дали станува збор за тренд што е поттикнат од начинот на размислување на социјално освестените милениумци, или едноставно доаѓа од препознавањето на важноста на менаџирањето со ризик, инвеститорите се` повеќе бараат начини да генерираат мерливо влијание или на животната средина или на општеството, а истовремено да добијат и солиден финансиски поврат. Добрата вест е дека има се` повеќе вакви можности на пазарот.

Одржливо размислување

Франческа Споери, постдипломец на факултетот за бизнис во Копенхаген се насочи кон професионално инвестирање во компании и проекти со пошироко влијание, и таа верува дека „светот не е далеку од концептот во кој ризикот, повратот на средства и клучното влијание се прашање на насока кога станува збор за носење одлуки за инвестирање“.

Одржливоста станува се` повеќе влијателна и е една од клучните поенти во нејзината теза.

„Факултетот во Копенхаген ме опреми со алатки со кои стигнав до мојата сегашна позиција бидјеќи претходно работев со Морган Стенли во Лондон, и имав позицијата што немаше никаква врска со одржливоста. Знаев дека Копенхаген, како град, е плодна почва за ваков вид ескпертиза и дека факултетот е еден од најдобрите во Европа. Ги научив сите критични фактори во однос на одржливоста, како да размислувам аналитички за неа и што треба да се случи за да се направи промена. И денес можеме да видиме дека промената се случува – желбата за одржливи инвестиции е клучен двигател на пазарот,“ објаснува таа.

Но, инвеститорите исто така треба да бидат опремени со вистинските информации ако веќе носат информирани одлуки. Франческа додава: „Морате да копате многу подлабоко од финансиските извештаи кои ви ги даваат на увид, за да можете да ги разберете влијанијата на општеството и животната средина што една компанија ги има, а сето тоа влијае и на профитабилноста на долг рок“.

Кога традиционалниот пристап не функционира

Андреас Раше, продекан на факултетот за бизнис во Копенхаген и ко-уредник на книгата „Одржливо инвестирање: пат до нов хоризонт“, објаснува дека: „Инвеститорите традиционално бараат фактори што се поврзани со животната средина, општеството и доброто владеење кога ги носат нивните одлуки. Но овие фактори во голема мера се споделени со јавноста од самите компании. Ова води до позитивна пристрасност, и имаме истражувања што покажуваат дека речиси 90% од негативните инциденти не фигурираат во извештаите“. Прибирањето на податоците оди бавно, извештаите заостануваат позади вистинската позиција на компанијата и извештаите не можат соодветно да ги инкорпорираат факторите што не можат лесно да се измерат.

И иако една компанија може да изгледа како да остварува напредок во насока на одржливоста кога се ревидира на глобално ниво, сепак е тешко да се категоризираат податоците за да се добие слика за локалните позиции. Проблемите во некој посебен дел од бизнисот, или област во светот, може да не бидат воочливи. Скоро е невозможно некој аналитичар со премногу работа да ја покрие широчината и длабочината на податоците што се достапни за можеби 70 акции.

Како вештачката интелигенција може да помогне во носење одржливи одлуки за инвестирање?

Професорот Раше објаснува дека „вештачката интелигенција доаѓа до срцето на напорите на компанијата за одржливост, дури и до оние нешта што не можат да се дефинираат од билансот на состојбата. Информациите поврзани со одржливоста често пати се скриени и бараат поголем број различни пристапи за да се сфати суштината. Инвеститорите сакаат да го знаат профилот на ризик на една компанија наспроти нејзината одржливост. И вештачката интелигенција може да им помогне да одберат можности што најдобро се совпаѓаат со нивната инвестициска стратегија и вредности“.

Вештачката интелигенција им овозможува на инвеститорите да ги испитуваат огромните и различни сетови податоци на многу побрз начин и многу потемелно од што би било возможно поинаку, и да се сконцентрираат на точните информации од огромниот број интернет извори. Овие вклучуваат и социјални медиуми и извори за глобални вести за да откријат што се случува на терен или пак употреба на Џи-Пи-Ес или сателитски слики за да се утврди дали станува збор за злоупотреба на земјиште или уништување на шуми.

Професорот Раше истакнува: „Клучна е оваа способност да се комбинираат сите овие извори на податоци во реално време, да се „фати“ чувството и да се идентификуваат метрички податоци што недостасуваат или не се целосно точни. Тоа го одзема потпирањето на компанијата на извештаите на нивните биланси на состојби. Токму овие информации ги сакаат и им се потребни на тактичните инвеститори во одржливост кога носат одлуки“.

Инвестицики одлуки засновани на вештачка интелигенција – дали сме стасани таму?

Како што вештачката интелигенција и машинското учење продолжуваат да напредуваат тешко е да се замисли иднина каде тие не играат важна улога во одржливото инвестирање. Вештачката интелигенција може да ги надополнува традиционалните анализи со цел да се подобри носењето одлуки поврзани со срединското, општественото и корпоративното владеење, или да послужи како независен алат што може да го мотивира инвестициското портфолио. Но, како и со толку многу други технолошки пронајдоци, цената на вештачката интелигенција, потребниот талент и едноставно, визијата да се оствари ваква примена се чинители што го одолговлекуваат напредокот.

Раше дополнува: „Во моментов има лидери во инвестициските фондови кои ја прифаќаат вештачката интелигенција и тие веќе остваруваат подобар напредок од другите фондови со приватен капитал и имаат одличен поврат на средства. Гледаме дека визионерите прават потези сега, и нема да помине долго време кога и останатите ќе почнат“.

Извор: Financial Times во партнерство со факултетот за бизнис во Копенхаген

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

- Advertisment -