Пет начини како, како претприемач, да го надминете сомнежот во себе

Претприемништвото е една од најтешките работи. Работиме 24/7 за да бидеме еден чекор пред конкуренцијата која сака да не` искористи и да земе уште поголемо парче од тортата. Проблемот е што често пати, не треба да внимаваме и да се пазиме од конкуренцијата, па дури ни од пазарот, пишува Алекса Дагостино, основач и извршен директор на Marketing By Modification, LTD, за бизнис порталот Entrepreneur.

Себе-саботирањето е една од најголемите причини зошто претприемачите се откажуваат од остварувањето на сопствените сништа и одлучуваат да живеат обичен, просечен живот. Дали вашиот внатрешен критичар го става под знак прашалник секој ваш потег или некои настани што се случуваат на пазарот ве тераат пак да се прашувате дали сте донеле добра одлука да основате бизнис, постојат многу работи што можат да ве сопрат на патот до врвот.

За среќа, повеќето од нив се ограничени на нашите умови, така што не би требало да е толку тешко да се ослободите од нив, барем теоретски. Кога учите како да не паднете во замката на себе-саботирањето, ќе можете да го издигнете вашиот живот и да ги уништите сите пречки на вашиот пат веднаш штом се појават.

Во продолжение се пет начини како да се вратите на правиот пат кога чувствувате дека сомнежот полека ве преплавува.

Сетете се зошто сте во бизнисот

Сте го започнале бизнисот поради некоја причина. Можеби сте направиле и огромен чекор во животот за да го остварите овој сон, како што е напуштање на старата работа или земање заем од банка. Откако сте ги направиле сите тие жртви, тешко би било да се вратите назад во светот поради кој сте се труделе толку многу да го напуштите.

Но, дури и вашето патување да не вклучува одлуки што го менуваат животот, или не сте го започнале бизнисот за да избегате од светот што сте го презирале, сепак постојат работи што сте сакале да ги остварите, без разлика дали тоа е промена на вашиот сопствен живот или нечиј друг.

Вистината е дека ако одлучите сега да се откажете, не само што ќе треба да се соочите со реалноста и да се вратите на вашиот стар живот, туку и ќе спречите други да се чувствуваат посреќни. Така што, ако не сакате да го направите тоа за вас самите, барем размислете за луѓето на кои сте им потребни и направете го тоа за нив.

Размислете за исходите

Откако ќе размислите зошто сте го основале бизнисот, време е да размислите што ќе се случи ако останете и успеете да стигнете до крајната цел. Вообичаено, исходот е многу јасен и сте знаеле што сте сакале од самиот почеток. Но, исто така е важно да замислите што ќе се случи ако престанете.

Дали приоритет било менувањето на вашиот сопствен живот или на некому друг, ако одите во спротивна насока, светот ќе се врати во првобитна состојба и вашите соништа да го промените никогаш нема да дадат плод. Често, оваа тмурна слика ќе ви биде доволна за да продолжите понатаму.

Ставете дополнителен акцент на луѓето на кои сте им потребни и не се фокусирајте само на вашиот живот. Многу е полесно да се постигнат големи нешта ако исходот влијае на многу луѓе. Бидете сигурни да бидете конкретни за тоа како нивните животи ќе се сменат и како воопшто сте станале дел од нивната слика.

Фокусирајте се на она што е важно

Кога размислувате за работите што ви сметаат, сфаќате дека често пати тие се банални. Поголемиот дел од времето, тоа се можни најлоши сценарија и веројатноста да се случат во реалноста е многу мала, но сепак во нашата природа е да се фокусираме на негативностите.

Станува збор за многу повеќе од оптимизам. Станува збор за фокус на нештата што ви се најважни. Некои од тие баналности можат да станат реалност и да ве натераат да направите еден чекор наназад. Со фокусирањето на поважните нешта, ќе направите десет чекори напред во исто време и ќе бидете пред конкуренцијата.

Одредувањето што ви е најважно и потоа фокус на тие нешта ќе ви помогне да негувате претприемачки начин на размислување и да живеете посреќен живот. Голем дел од тие принципи не се ограничени само на бизнисот и можете да ги искористите секаде каде што сакате да постигнете слични резултати.

Престанете да се споредувате со другите

Често, главата ви е исполнета со сомнежи кога гледате некој кој заработува повеќе од вас. Проблемот е што не го знаете неговото/нејзиното патување. Дури и таа личност да е јавно лице и да постојат многу информации за неговиот живот на интернет, тие ретко ја отсликуваат реалноста.

Тоа е поради тоа што животот на тоа лице е различен од вашиот и работите што сега ви се чинат дека се случиле без некаков посебен напор всушност им биле потребни години да ги реализираат. Но тоа е засведочено од најтесниот круг луѓе на тоа лице. Сетете се дека сте на ваше сопствено патување и многу луѓе кои се во далеку понеповолна положба ве гледаат на истиот начин на кој вие ги гледате вашите идоли.

Без разлика каде сте, остварувањето на вашите сништа не е прашање на АКО, туку на КОГА ќе станат реалност. Наместо да се споредувате со другите, искористете го времето за да ги затворите празнините помеѓу вас и луѓето на кои сакате да личите.

Ценете се себеси

Ова не` носи до последната поента, која е еднакво важна. Кога знаете дека вашето патување не може да се спореди со ничие друго и сте го прифатиле како такво, време е да одите еден чекор подалеку и да се прифатите себеси за да можете да извлечете најголема корист од околностите.

Без разлика на вашата ситуација сега, единственото лице одговорно за нејзината промена сте вие и како вие го гледате светот ќе одреди колку долго ќе трае овој процес. Престанете да се фокусирате на работите што ги немате и забележете се` што е присутно во вашиот живот и како можете да го искористите тоа.

Вашиот начин на размислување ќе го поддржи секое ваше дејство што е предвидено да ве доведе до посакуваните резултати. Без да се грижите за основите, можеби ќе изградите империја, но ќе биде нестабилна и кога ќе дојде лошо време, ќе се струполи.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот: тоа што навистина не` прави...

Пронаоѓањето на вистинската рамнотежа помеѓу личниот и професионалниот живот воопшто не е нов проблем во нашето општество. Но, тензијата помеѓу двата аспекти...
- Advertisment -