Пандемијата создаде нова генерација одлични претприемачи

Хенри Лангер има 12 години. Има тиркизна коса, живее во Лос Ангелес и има со што да се занимава по дома – две миленичиња прасиња, две кучиња, мачка, камелеон, гуштер леопард – сите спасени животни. Сега има намера да посвои игуана. Но, но нема пристап до фудбал, бејзбол, и неговите пријатели, работи што не можат да се заменат со училишните повици на Зум. Кога стана јасно дека целосното затворање ќе трае долго, тој имаше потреба да прави нешто, а и сакаше да заработи. Така тој основа компанија за рачно правено чоколадо – „Слатките на Хенри“. „Навистина сакам да печам слатки и обожавам чоколадо,“ вели тој. „На почетокот беше тешко да не ги јадам“, известува Лиз Броди, колумнист за бизнис порталот Entrepreneur.

Без рептилите и прасињата, за време на карантинот слични приказни се појавија низ целата земја.

Клое Ханс, 12 години, ја основа компанијата „Козметика што се смее“ во подрум во Чикаго со нејзината најдобра пријателка Оливија. Во Филаделфија, 10-годишниот Мика Хариган започна кампања „СпонзорирајМе“ и претвори училиштен автобус во камионче на кое продава лимонада. Во Остин, Каролин Џонс, 14 години, постави виртуелна продавница на Depop за да продава алишта од нејзиниот шкаф. („Знам дека доста луѓе го прават тоа од март 2020 год,“ вели таа). И во Њујорк, Џа’лин Патмон, 10 години, го запозна неговиот кварт со „Фабриката за слајм на Џа’лин.

Со помош на родителите

Бизнисите се толку многу привлечни за младите, што се претворија во роденденски подароци. „СаНија отсекогаш сакала да биде сопствен газда,“ вели Тифани Хендерсон-Марси за нејзината ќерка која е заинтересирана за козметологија. Па така, минатиот јули, кога СаНија наполни 15, Тифани и` купи ДОО за да и` помогне да отвори продавница за козметички производи и „да направи сонот да стане реалност“.

Дали е можно пандемијата да делува како инкубатор за следната генерација претприемачи? Тешко е точно да се каже, но дефинитивно изгледа како нешто да се случува. Апликациите за добивање даночен број се вивнаа до небото од почетокот на Ковид-19; тоа значи дека Американците започнаа 4,4 милиони нови бизниси лани, посочуваат податоците од истражувањата спроведени од Институтот за меѓународна економија Петерсон – што е рекордно зголемување од 24% од 2019 година. Пописот не ги следи апликациите за нови бизниси според возраста, па платформи како Кикстартер, СпознорирајМе и Инстаграм велат дека немаат податоци или сознанија да споделат. Така што, тешко е да се прецизира колку од новите бизниси се поврзани со деца.

Претприемништвото за деца е подобро од ТикТок

Сепак, експертите велат дека историски гледано, кризните ситуации секогаш ги поттикнувале претприемачките активности – и оваа особена криза доаѓа со одредени, единствени фактори сосредоточени на децата. Голем број родители претприемачи кои ги жонглираат обврските поврзани со работата и грижата за децата се нетрпеливи да им понудат на нивните ќерки и синови нешто различно од видеа на ТикТок и нови видео игри, што значи дека подигањето бизнис е привлечна диверзија. Во меѓувреме, културата во голема мера ги топи старите нормални однесувања и ги заменува со нови и се чини дека е поттикната од свежиот порив на духот на стартап компаниите. За амбициозните млади луѓе, сите овие околности искомбинирано создаваат една од најголемите лекции за претприемништвото: непредвидливи времиња се преполни со можности.

Неопходноста е мајка на иновацијата

За време на Големата рецесија од 2008 год и 2009 год, апликациите за добивање матичен број на фирма за нови бизниси паднаа. Но, според истражувањето чија цел е да анализира други податоци во „Весникот за економија и менаџерска стратегија“, стапката на претприемништво всушност се покачила. И покрај кризата со домувањето и проблемите со исплаќањето кредити, истражувањето открива дека скокот го извеле луѓето кои немале работа и кои барале начин да преживеат. Една од можностите што ги искористиле тогаш е инаков начин да заработат од нивните домови и возила, итајќи кон ерата на „споделување на големо“. Всушност, тие околности ги родија денешните компании – еднорози, вклучувајќи ги Uber, Airbnb, Slack, Pinterest…

Иако ова што се случува сега е многу различно, „секогаш кога имате голема промена, без разлика дали е тоа пад на економијата или нешто како Ковид, тоа предизвикува нови потреби,“ вели Рашми Менон, претприемач кој работи во Институтот за претприемачки студии Зел Лури, при Универзитетот во Мичиген. „Потребите се во основата на една стартап компанија, така? Ако тие не задоволуваат некаква потреба, тогаш немате бизнис. Кога се` се одвива на истиот начин како и секогаш, потешко е да најдете нови можности. Дури и да ги најдете, големите компании едноставно ќе капитализираат на нив, и тешко е да се влезе во нив“. Стартапите исто така имаат корист од падот на економијата бидејќи ресурси како талентирани професионалци и канцелариски простор стануваат поевтини, и големите носители на должност стануваат послаби. Ова е делумно причината зошто гледаме цела плејада виртуелни економии како се појавуваат за време на пандемијата а во врска со пазарување намирници, здравствена нега и работа.

Најпретприемачка генерација до сега

Ако децата и тинејџерите го прифаќаат духот на новите трендови, тие им пристапуваат како генерација која покажува највисок степен претприемништво во споредба со која било друга, смета Ерик Џонс, потпретседател за корпоративен маркетинг во WP Engine.

Тој секоја година спроведува анкета за да разбере што ја предизвикува Генерацијата Зед, и неговите најнови податоци покажуваат дека 62% од припадниците на оваа генерација (на возраст од 6 до 25 години) планираат да започнат бизнис, во споредба со 50% од припадниците на генерацијата милениалци. „Тие цел живот се изложени на социјалните медиуми,“ вели Џонс. „Така што идејата како да се брендираат е можеби поинтуитивна кај нив, поприродна. И таа способност е супер важна за кој било претприемач“. Тој имал прилика од прва рака да добие сознанија бидејќи е татко на Каролин, тинејџерката која продава алишта од нејзиниот шкаф. „Научи како се` да прави на ЈуТјуб,“ додава тој.

Вистина е. Сите онлајн видеа и нови алатки што им овозможуваат на возрасните да започнат бизнис им ја олеснуваат работата на родителите да ги насочуваат нивните деца во таа насока. „ЈуТјуб ги содржи сите видеа туторијали што можете да ги посакате,“ вели Хенри Лангер, момчето со чоколадната компанија, кој често пати го посетува ЈуТјуб за да научи како се прават чоколадни тартуфи. „Тој е претприемач по природа, како мене,“ вели неговата мајка Мередит Блејк, која основа агенција чија работа е да смислува кампањи со големо општествено влијание поврзани со социјални каузи. „За време на пандемијата, не правеше други работи, не спортуваше и тоа тешко му падна, и помислив дека му треба активност на која ќе се фокусира. А можев да го научам како да создаде бизнис“. На нејзино изненадување, бизнисот стана многу поголем од што замислувала, благодарение на промоцијата на чоколадни колачи со лице на прасе за време на денот на заљубените.

„Доби нарачка од 85 долари, и јас му реков, ,супер, сега ти требаат намирници вредни 42 долари,“ вели таа. „И беше преплашен. Во еден момент, откако побара повеќе помош, му кажав дека треба да ме направи партнер и да го делиме профитот. Тој одговори дека не сака. Тогаш му кажав, ,Ќе треба да донесеш тешки одлуки бидејќи така функционира вистинскиот свет’. Имавме разговори за инвеститори и маргини. На крајот го прими сето тоа и почна сам да разбира“.

Метју Вагстаф, основач на виртуелната продавница Young Entrepreneur во Рочестер, Њујорк, забележал уште еден аспект на пандемијата што е одговорен за жарот кај децата. „Искрено, мислам дека родителите со кои разговарам патат од Ковид-замор, и навистина се обидуваат да се грижат за главниот приходен канал во домаќинството,“ вели тој. Тој се прашува дали децата ја апсорбираат анксиозноста и се обидуваат да дојдат до нивни сопствени решенија. „Не знам дали мотивите на децата се да ги поддржат родителите или сакаат нешто забавно, но има мала група која навистина знае што прави; имаат нивен вебсајт, и се активни на социјалните медиуми и прилично ангажирани“.

Тој ја знае моќта на претприемништвото од прва рака, и од неговата заедница и од неговото семејство. Тој исто така работи како деловен стратег, има сопствена линија за облека, и започна да организира настани за деца што вклучуваат тезги како на зелен пазар за да можат децата да ја почувствуваат возбудата од продавање сопствени производи. Пандемијата му ги поремети плановите минатата година, но со многу маски и ракавици, успеа да организира два. Неговиот син Мејсон кој има 8 години, има бизнис со колачиња, и неговата 18-годишна ќерка Медисон, има компанија за накит што ја започна кога имаше 7 беа меѓу учесниците на настаните.

За СаНија Хендерсон, која доби ДОО за нејзиниот роденден, нема збор дека стресот одиграл улога во нејзиното претприемништво. „Ќе ви го кажам ова,“ вели нејзината мајка Тифани. „Имаме четворица членови во нашето семејство кои всушност починаа од Ковид-19. Почнав да се чувствувам како иднината да не ни е ветена. Помислив дека ако успеам да ја натерам ќерка ми да започне бизнис во индустријата каде се гледа себеси, ако нешто ми се случи мене, таа сепак би имала предност на почетокот.“

За само три месеци, продавницата на ќерка и` ги отвори вратите. „Од една страна беше ужасно,“ вели СаНија за нејзините лични губитоци. „Но продавницата? Тоа навистина е добро за мене“.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

- Advertisment -