Пандемијата може да влијае на нашата способност да носиме едноставни одлуки

Како некој кој во минатото се соочил со ментални проблеми, на мојата целокупна отпорност низ пандемијата, би и` дал оцена 3+. Не е одлично, но е оценка со која го поминувате одделението. Пред неколку недели, се најдов себеси на многу ниско место, и во таа состојба нешто чудно ми се случи, нешто што претходно го немав доживеано, споделува Џаред Линдзон, новинар и јавен говорник кој живее и работи во Торонто (Канада), чиј фокус на интерес е иднината на работните места, регрутација талентирани професионалци, технолошки иновации, како и претприемништво и технологија.

Во средината на февруари имаше една особено ладна недела. Властите потврдија дека бројот на заразени лица со Ковид-19 во мојата област останува на највисоко ниво со месеци, и пред да почнат напорите за вакцинација на населението, се чинеше дека работите многу ќе се влошат пред нештата да станат подобри. Работните обврски се зголемуваа, а јас се трудев да најдам доволно висок степен мотивација за да ги сработам.

Мојата вереница и јас моравме да работиме на четвртата или петтата промена на плановите за свадба, но јас едвај да имав време и енергија да се посветам на тоа. Во исто време, се чувствував и како да ја губам комуникацијата со пријателите и семејството, и не можев да ја поднесам идејата дека треба да водам уште еден разговор со компјутерскиот екран.

На крајот на еден особено тежок ден, мојата вереница ме праша дали сакам да гледам филм, а јас целосно се смрзнав. Мојот мозок како да се вртеше околу замислена оска надвор од контрола во одговор на едно многу основно и просто прашање.

Почнав да пресметувам колку долго ќе трае филмот, дали ќе ми се допадне, што друго требаше или сакав да правам таа вечер, дали на тв имаше спортски натпревар што сакав да го гледам, дали да се сретнам виртуелно со пријател со кој се немав видено долго време, дали требаше да донесам одлука поврзана со свадбените планови од која морав да бидам ослободен. Додека сето ова ми се случуваше во глава, на мојата вереница можев да и` понудам единствено бледо зјапање во некаква замислена точка што траеше многу долго време. На крај, почнав да чувствувам притисок во главата и почувствував како тежината на овој избор е слична со минатите искуства со навистина важни и животни одлуки, како на пример во кое училиште да се запишете или дали да прифатите понуда за работа.

Но знам дека сум еден од многумината кои искускуваат слични состојби на „одлучувачка парализа“ во случаи кога треба да се донесат мали одлуки за кои нема релативно големи последици.

„Чувството што го добивам од разговорите со други ми вели дека е многу чест проблем, и минатиот март или април и јас имав многу слично искуство,“ вели Дафна Шохами, невролог на отсекот за психологија при Универзитетот Колумбија во САД, и дел од Институтот Зукерман за однесувањето на умот и мозокот. Шохами го сподели тоа искуство во програма на Си-Ен-Ен минатиот април, велејќи дека и таа се замрзнала кога требала да одлучи што да подготви за вечера. „Тоа не треба да е тешка одлука – не ми се чинеше дека одлуката ќе има некакви тешки последици – но секоја одлука што требаше да ја донесам ја чувствував критична, како преголема одговорност и како голем предизвик“.

Шохами потенцира дека носењето одлуки и онака е енигматичен процес, и додека психолозите и невролозите разбираат до некаде како правиме секојдневни избори, голем дел од тој процес се` уште е мистерија.

„Се чини дека е едноставно, кога одлучувате што да јадете или кој филм да го гледате или што да правите, но не е очигледно или секојдневно како тоа нашиот мозок доаѓа до тие одговори,“ објаснува таа. „Кога сме во ситуации на голема несигурност, одеднаш ни е јасно дека секоја наша одлука е коцка и тоа е добро“.

Шохами објаснува дека во несигурна средина, секоја одлука бара дополнителни когнитивни ресурси, и со тек на време, тие ресурси можат да се потрошат до точка каде и некои банални избори стануваат комплексни.

„(Панедмијата) ни донесе несигурност до ниво на кое не сме навикнати,“ вели таа. „Би аргументирала дека сме изложени на тие нивоа на несигурност постојано, бидејќи нашиот свет е несигурен, но сега е очигледно дека ја чувствуваме несигурноста на начини на кои вообичаено не го правиме тоа“.

Она што истражувачите можат да го кажат за процесот на носење одлуки со некој степен сигурност е дека тој може да претпри негативни влијанија предизвикани од стрес, особено кога сме изложени на него подолги временски периоди.

„Стресот го намалува нашиот капацитет за работна меморија, така што имаме помалку когнитивни ресурси од кои можеме да влечеме секакви различни опции, дури и за работи кои навидум немаат последици,“ објаснува Арт Маркман, професор по психологија и маркетинг на Универзитетот во Остин, Тексас и редовен колумнист за Fast Company. „Дури и малите одлуки бараат одредена количина когнитивен напор, а ние имаме ограничена количина во текот на денот што ја трошиме дури и пред да го завршиме“.

Како да ја надминете одлучувачката парализа

Маркман препорачува неколку стратегии со кои можете да ја надминете одлучувачката парализа, дури и во тешки или стресни околности. Првата е прифаќањето на идејата дека одлуките не се запишани во камен, и дека одбирањето е само првиот од многуте чекори на патот на остварување одреден исход.

„Правиме одлуката да порасне во некој многу позначаен дел од исходот отколку што е навистина, бидејќи голем дел од она што ни овозможува да успееме во речиси се` што правиме е како постапуваме откако ќе ја донесеме одлуката, наместо самата одлука, “ вели тој. „Ако имате гледна точка дека се` е навистина процес, тогаш тоа всушност отстранува голем дел од стресот поврзан со носењето одлуки“.

Маркман додава дека воспоставувањето предвидливи рутини може да помогне во намалувањето на когнитивниот товар на секојдневни одлуки и остава повеќе ментални ресурси за поважни избори. „Предвидливоста создава чувство на удобност, а сметаме дека има чувство на неудобност па дури и анксиозност кога работите се непредвидливи,“ вели тој.

Исто така важно е да се препознаат нашите уникатни одговори на стресот за да можеме рано да идентификуваме предупредувачки сигнали и да ги надминеме соодветно пред да излезат од контрола, вели авторот и консултантот за лидерство Диана Хендел.

„Некои луѓе стануваат тивки, некои пак се надразливи и иритабилни, некои се повлекуваат, така што разбирањето на нашиот личен одговор на стресот ни дозволува да препознаеме кога се случува за да не не` преземе потоа,“ вели таа.

Хендел препорачува редовни проверки за да се проценат знаците на стрес, и преземање одредени дејствија кога ќе се појават. Таа вели дека еден од најефикасните начини да се избегне прибегнување кон сопствената анксиозност е одвојувањето време да се прифати и признае реалноста во моментот.

„Станува збор за зголемување на свесноста за вашето опкружување,“ вели таа. „Некои луѓе ќе идентификуваат 20 работи во нивниот видокруг и ќе ги кажат наглас, или ќе го истегнат вратот и опуштат рамената, па дури и ќе газат со нозете силно“.

Хендел вели дека исто така несакајќи го задржуваме воздухот кога сме под стрес, и додава дека едноставна вежба со земање правилно воздух може да го намали стресот и да го олесни когнитивниот товар на носењето одлуки.

Не отпочнав ниту една од овие наведени активности кога бев парализирана од една едноставна одлука пред неколку недели, додава Линдзон, но сепак можев да најдам начин да ја надминам состојбата. И` ветив на мојата свршеница дека ќе го гледаме филмот следниот ден, и наместо тоа, ја искористив вечерта да се опуштам и гледам спорт сам. Во деновите што следеа, бројот на заразени лица почна да опаѓа, температурата почна да оди нагоре, работата делуваше полесна за справување, и нашите свадбени планови почнаа да се остваруваат еден по еден. Не бев сфатил дека имам одлучувачка парализа се` додека не почнав да истражувам за оваа статија, но исто така не и` посветив многу време и внимание на мојата парализа, што според Маркман е клучно.

„Ако се најдете себеси во ситуација во која искусувате одлучувачка парализа, немојте да се преокупирате со тоа,“ вели тој. „Можете да го претворите ова од моментална тешкотија во нешто што носи многу повеќе увезени грижи од типот на ,што не е во ред со мене?’. Одговорот е се` е во ред. Само бидете љубезни кон себеси и не грижете се премногу“.

Извор: Fast Company

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -