Пандемијата ги одвраќа жените од претприемништвото

Во август 2019 год, Светскиот економски форум објави статистика што би требало да не` освести: ако трендовите продолжат, ќе бидат потребни 208 години да се затвори родовата празнина во САД, пишува Лесли Фејнзаиг, основач и извршен директор на Алијансата на жени основачи, за вебсајтот за претприемништво fastcompany.com.

Како лидер на истакната заедница на основачи на компании кои се жени или лица со поинакви родови идентитети, и како мајка на две мали девојчиња, извештајот го почувствувала на лично ниво. Таа се сеќава како размислувала дека ваквата ситуација е навистина лоша. „Никогаш во моите најлуди сништа немаше ни да претпоставам дека за само една година подоцна, нееднаквоста во однос на родот ќе стане многу, многу полоша,“ пишува таа.

Пред седум месеци, нашите животи беа пореметени од пандемијата предизвикана од Ковид-19. Денес, имаме јасни докази дека целосната сила на пандемијата врз економијата во САД ја поднесуваат жените.

Минатиот месец, 865 000 жени ги напуштиле работните места, што е четири пати повеќе од бројот на мажи. Ризичните инвестиции за компании основани од жени, од историска гледна точка, секогаш биле бедни, со помалку од 3% од средствата наменети за ризични инвестиции вложени во компании основани од жени. За да биде оваа погубна слика целосна, новите податоци од Алијансата на жени основачи, организацијата што ја предводи Лесли, посочуваат дека се` помалку жени основаат компании, тренд што се должи на пандемијата.

Пандемијата погодува повеќе аспекти од животот на жените претприемачи истовремено

Во септември, тимот на Алијансата спроведе анкета помеѓу мешовита група на жени професионалци и лица со поинакви родови идентитети со голема веројатност дека поседуваат претприемачки аспирации, вклучувајќи и 38% лица од малцинствата. Пред пандемијата, 87% од учесниците во истражувањето имаа големи шанси да основаат сопствена компанија. Шест месеци подоцна, 51% од испитаниците се изјасниле дека ги одложиле или целосно напуштиле нивните планови.

Главната причина за оваа промена е финансиската нестабилност: 48% од тие кои ги промениле плановите, го сториле тоа бидејќи им требаат редовни примања; други 20% од учесниците во анкетата се потпираат на постојаните корпоративни бенефити, вклучувајќи и здравствено осигурување. Еден испитаник кажал: „Се чувствувам многу нестабилно во поглед на финансиите и иднината. Речиси имам 32 години и сакав да почнам бизнис со пријател во Њујорк, да купам мала куќа, па дури и да планирам семејство со мојот партнер. Сега ќе се фокусирам на мојата работа по договор и ќе ја заборавам компанијата, ќе останам во нашиот стан, НЕ планирам да имам деца, и ќе видам како работите ќе се одвиваат следната година“.

Недоволните можности за пристап до капитал за жените основачи исто така прави трик: основачите на стартап компании кои работат со полно работно време имаат тешкотии во поглед на пристапот до финансии, но без финансиски средства, тие не можат да ја напуштат работата за да се посветат на нивната стартап фирма со полно работно време. Ова важеше пред пандемијата, а жените припадници на малцинствата уште повеќе беа погодени од овој тренд. Сега е полошо. „Се борам за да ја донесам мојата стартап фирма на ниво на кое ќе вреди да се инвестира во неа, како тезга на страна,“ вели една жена која сака да биде основач на компанија од Ричмнонд, Вирџинија. „Да ја напуштам работата без да обезбедам финансиски средства е ризично. Тоа е како приказната за јајцето и кокошката и е крајно неодговорно, со оглед на тоа што јас го „носам лебот„ дома во моето семејство“.

Влијанието на пандемијата врз грижата за децата и нивното образование ги зголеми овие проблеми за мајките. Седумдесет проценти од испитаниците кои имаат деца кои одат во училиште сега се одговорни за менаџирањето на процесот на учење на далечина, а една петина од нив ја изгубиле целосно или делумно детската нега. И иако поголемиот број од учесниците во анкетата се` уште се вработени (84%), и живеат со партнер (70%), 45% од нив известуваат дека се целосно или повеќето време одговорни за дополнителните обврски поврзани со грижата за домот и за постарите членови на семејството.

„Основањето фамилија ме натера да се прашувам дали е возможно да ја оставам мојата корпоративна работа и да продолжам со мојата тезга на страна со полно работно време,“ вели еден испитаник. Друг додава: „Се справувам со полно работно време и држење предавања, ја обезбедувам грижата за моето тригодишно дете бидејќи маж ми работи со полно работно време и оди на факултет за неговиот докторат. Ако престанам, тоа би било големо враќање назад во поглед на мојата кариера. Така што, работам постојано, доцна во ноќта, рано наутро, седум дена неделно“.

Посебни околности создаваат посебни можности

Една светла точка во ова тмурно сценарио е податокот дека 14% од учесниците во истражувањето основале компанија во периодот по почетокот на пандемијата, иако не планирале. Ефектот е дека инвеститорите на ризичен капитал продолжуваат да гледаат компании основани од жени меѓу понудите за надградба на нивното портфолио, иако не во толкав голем број.

Некои од овие нови основачи на старап компании, тие што немаат деца, кажуваат дека основале фирма бидејќи имаат повеќе слободно време од претходно. Други пак започнале бизнис поради неопходност, откако ја загубиле нивната претходна работа со полно работно време. Но поголемиот дел, цели 64%, започнале компанија бидејќи пронашле можност и одлучиле да не чекаат. Еден „тазе“ основач кажал: „расната дискриминација и фактот дека постојано ме користеа, беа константа во мојата кариера. По убиството на Џорџ Флојд одбивам да ги прифаќам тие работи повеќе. Дадов отказ во рок од две недели и ја зграпчив приликата“.

Нема да го знаеме ефектот на овие две групи – тие кои го одложија основањето сопствена компанија и тие кои ги забрзаа нивните планови за стартап бизнис – се` додека не се објават макроекономски податоци со детали за новооснованите компании во 2020 година. Во меѓувреме, сликата што ја гледаме оддава засилена привилегија за едни, а тие кои не можат да си дозволат да живеат без редовни примања се тие кои имаат најголеми шанси да станат претприемачи. Ова го прави претприемништвото уште помалку достапно. Ова не е нов проблем, и има влијание врз имигрантите, припадниците на малцинствата, и секој кој доаѓа од помалку привилегирана средина.

Едно нешто што Лесли го научила од заедницата на повеќе од 1700 стартап компании е дека претприемачите кои ги искачуваат најстрмите ридови се исто така најупорните, најистрајните и најпосветените професионалци. Повеќе истражувања на екосистемот покажуваат дека жените претприемачи се далеку поефикасни од нивните колеги мажи. На пример, Консулатантската групација Бостон откри дека жените основаат компании што генерираат два пати повеќе приходи за секој долар што е инвестиран во нив. Организацијата Прва рунда капитал од Сан Франциско извести во 2015 година дека жените кои основаат компании во нивното портфолио се поефикасни од мажите за 63%. Листата е неисцрпна…

Паметните инвеститори треба да посветат внимание и да бараат жени основачи уште почесто од претходно. Позади реалните проблеми со еднаквоста што Лесли ги открила преку анкетата спроведена од страна на нејзината организација, стои фактот дека со големи пореметувања доаѓаат и големи можности. Голем број од гигантските компании денес почнаа со работа помеѓу 2008 год и 2010 год, за време на Голема рецесија: Uber, Instagram, Whatsapp, AirBnB, Venmo, Slack, и Square. Затоа, најверојатно, највозбудливите компании од следната генерација ќе се основаат оваа година или наредната, во најтешките времиња. Лесли би се обложила дека успешни ќе бидат оние компании кои се раководени од жени.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -