Во Скопје вчера се одржа Промотивната конференција за проектот WE MAKE: Женско претприемништво за конкурентност, финансиран од Европската Унија, спроведуван од ГТФ Иницијативата за одржлив раст од Хрватска и Здружението на бизнис жени.
На настанот беа детално објаснети сите проектни активности, а поканетите говорници дадоа своја поддршка и мотивација за потенцијалните жени претприемачки.
Проектот WE MAKE е финансиран преку ИПА програмата и се спроведува во текот на целата 2018 и дел од 2019 година, со времетраење од 16 месеци. Организациите спроведувачи активно ќе реализираат повеќе проектни активности, во неколку фази, со постоечки и нови општествени партнерства, заедно со сите релевантни и засегнати чинители, за подобрувањето на можностите на младите жени и девојки, во ИKТ и СТЕМ секторот, како и во зелената економија и социјалното претприемништво, за вработување и самовработување.
Исто така, проектот подразбира и поддршка на жените претприемачки за вмрежување, извоз и кластеринг, како и поврзување со институциите и граѓанските организации во избраните општини од осумте плански региони, каде проектот се реализира: Битола, Струга, Велес, Тетово, Куманово, Штип, Струмица и Скопје.
Проектните активности предвидуваат обуки, во осумте плански региони, преку нестереотипна и иновативна програма за кодирање, со коишто ќе бидат опфатени мин. 500 средношколци. Преку проектните интервенции и ресурси ќе се овозможи поддршка со обуки за нови технологии, ICT/STEM/Green/Social, старт-ап, извоз и кластеринг, на 150 потенцијални старт – ап жени и девојки, а преку повратни информации и менторство, понатаму ќе произлезат и најмалку 15 нови бизниси на жени.
Во тек на проектната реализација ќе биде воспоставен и достапен за пристап и употреба WE MAKE веб портал, којшто предвидува функционален виртуелен инкубатор, hub за извоз и за онлајн тренинзи, како и редовно информирање на сите заинтересирани, постоечки и потенцијални претприемачки, за сите новини и отворени можности.
Проектот треба да придонесе кон зголемување на конкурентноста на економијата во земјата, преку поддршка на различен екосистем за претприемништво, вклучувајќи ги жените и граѓанското општество.
Со проектот се предвидува поттикнување и поддршка на актуелните и потенцијалните жени претприемачи преку зголемена и подобрена употреба на технологија, иновации, вмрежување и извоз, како и градење на капацитетот на националната асоцијација за женско претприемништво – Здружението на бизнис жени и Платформите за зајакнување на екосистемот за претприемништво, преку имплементација на Националната Стратегија за развој на ЖП 2018-2022.