Нов тренд меѓу професионалците: виртуелни сесии за продуктивност

Кога Клое Томалин е внесена во сопствената работа, таа си потпевнува. Ја врти косата со прстите. Деновиве, дури може да заборави дека ја следи меѓународна публика.

„Многу сум загрижена дека ќе стиснам некое копче и 30 луѓе ќе имаат слика од мене како пеам од аголот на екранот,“ вели таа.

Томалин, која работи како маркетер хонорарец, е член на Caveday – стартап фирма која тврди дека ви помага да постигнете значајна работа преку модерирани сесии за „длабок фокус“ на Zoom. Се регистрирате за сесија од еден или три часа, споделувате што сакате да постигнете додека го поминувате времето со групата туѓинци, и потоа седите пред камерата додека микрофоните се неми, дознава британскиот бизнис портал Wired.

По поминати 50тина минути (што е предложениот оптимум за одржување фокус според една анализа за продуктивноста издадена во 2014 година од страна на DeskTime), вашиот „водич низ пештерата“ ви се јавува на Zoom за да ви каже како напредувате. Инаку, и не морате да ја чувате вклучена опцијата да ги гледате останатите пред вас на екранот – едноставното знаење за присуството на другите помага да бидете одговорни. Некои луѓе кажуваат дека се два до три пати попродуктивни. За ова плаќаат 20 американски долари по сесија, или 40 долари месечно за членство во „најфокусираната заедница на светот“.

Откако се зачленила во септември, Томалин го има структуирано нејзиниот работен ден во две сесии. „Сметам дека многу помага на текот на мојот ден. Немам ситуации кога треба да седам на биро и да се мислам што треба да направам.“ Нејзините цимери кои работат во истото време кога работи и таа почнаа да ги препознаваат моментите кога таа „е во пештерата“. „Мислат дека е навистина чуден концепт,“ објаснува таа. „Но јас сум најпродуктивната од сите нас“.

Компанијата Caveday е само една од неколкуте стартап фирми што се занимаваат со работа на далечина и што се отворија за време на пандемијата. Услугите на компанијата Focusmate можете да ги добиете на ваше барање, а се состојат од корисници кои се состануваат за време на еден час за да работат еден на еден. Ultraworking’s Work Gym ја стуктуира работата во триесетминутни „циклуси“. Order In Club има за цел да им го врати на корисниците чувството „кога беше убаво да се гледаат луѓето во живо“ и нуди „пријателче за одговорност“.

Сепак сме социјални битија и во виртуелниот свет

Иако работните проблеми со кои се идентификуваат овие компании се разликуваат, од осаменост, ниска продуктивност, одлагање на обврските до поставување приоритети, сите генерално ги решаваат проблемите на повеќе или помалку истиот начин: со структура и социјална одговорност. Паралелата што често се нуди е групна вежба. „Можеш да вежбаш и дома,“ вели еден од тројцата ко-основачи на Caveday – Џејк Кахана, „но понекогаш помага кога имате тренер“.

Најмногу привлечени од услугите се професионалци кои работат на далечина, често во областа на креативните индустрии или технологијата, кои пак бараат начин да се справат со голем обем на работа или сакаат да остварат некаква амбициозна цел. Кахана вели дека „жителите на пештерите“ се обединуваат многу повеќе поради нивната желба да се туркаат себеси напред како дел од тим, отколку од фактот што се амбициозни луѓе. „Постои имплицитен натпревар што потекнува од припадноста во една заедница. На добар начин“.

Caveday започна како еден настан во Менхетен, во јануари 2017 година, како ден во кој нема случки што можат да ви го одземат вниманието, наменет за обавување на професионалните обврски. Настанот беше претставен како шанса да се почнат подолгорочни проекти, како што е основање сопствен бизнис настрана или пишување роман – активности што човек лесно може да ги одложи за друго време.

Луѓето ја прифатија идејата со ентузијазам и настанот се претвори во бизнис. Со почетокот на 2020 год, Caveday одржуваше пет сесии неделно во живо и три преку Zoom. Кога пандемијата зеде замав, целиот бизнис почна да се одвива на далечина и интересот порасна до небо.

Кахана не сака да споделува колку луѓе се нивни членови, но вели дека компанијата пораснала за осум пати од февруари, земајќи ги предвид членството, неделната посетеност, просечната големина на „пештерата“ и приходите. Компанијата сега одржува 38 сесии неделно, а лицата кои живеат во САД вообичаено се дел од сесии на кои присуствуваат понекогаш и 100 луѓе.  

За Томалин, социјалниот елемент на Caveday, па дури и тој да се сведе на препознавање познати лица и водење празни муабети во одделните соби за време на пуазата помеѓу вежбите, помогнал да се пополни празнината создадена од професионалните настани за време на пандемијата. Ритуалите како што е групното ракоплескање што го одбележува почетокот на секоја „пештера“ бара време да се навикнете, но „2020 год сите не` направи помалку свесни за себе“, вели таа. „Дали навистина е важно ако група луѓе ме гледаат како правам вежби за истегнување во пижами?“

Во светот на онлајн продуктивноста, срамот го одвлекува вниманието. „Мултитаскингот е мит,“ вели Дру, уметник од Колорадо, на почетокот на неговата тричасовна сесија во пештерата. По секој спринт, тој ја охрабрува глобалната група од 63 лица „да направат био-пауза“ или да направат неколку вежби за дишење, и потоа на крајот на сесијата да направат „да пукне“ со жителите на пештерата од двете страни на приказот на екранот на Zoom.

Се чувствуваме подобро и сме повеќе продуктивни кога припаѓаме со слични како нас

Основачот и извршен директор на Focusmate, Тејлор Џакобсон, вели дека употребата на неговата услуга пораснала за четири пати оваа година, бидејќи пандемијата го засили чувството на осаменост што доаѓа со работата на далечина. Неговата компанија одржала 111000 сесии во ноември, а до сега има околу 60000 регистрирани лица. Џакбсон исто така одбива да даде информација за растот на приходите.

Focusmate се роди од хроничната борба на Џакобсон со одложување на обврските и од „настанот што му го променил животот“ кога го оставил отворен видео повикот со пријател додека работел. Тој вели дека компанијата ја препознава нашата вродена потреба да припаѓаме на племе, и ги користи ефектите од позитивни социјални интеракции во нервниот систем со цел подобрување на среќата и ефикасноста. „Се споредуваме себеси со машини – велиме: „Брзо ќе го завршам ова“, но ние воопшто не сме создадени на тој начин. Ако почнеме да размислуваме за себеси дека сме програмирани за социјализација, можеме да го искористиме тоа за да си помогнеме навистина да бидеме нашата најдобра верзија“.

Работењето со уште еден партнер на развојот на Focusmate, што нуди многу поинтимно искуство во споредба со Caveday и многу поевтино, создава амбиент на пријателство што може да се сретне во некоја удобна кафетерија каде се собираат хонорарни работници. Еден нивен редовен корисник е Стив Лејн, кој почнал да ги користи нивните услуги кога бил самовработен и работел од дома за време на генералното затворање. „Услугите беа како пратени од бога поради причини поврзани со менталното здравје, спречување на изолацијата и како некој кој пати од недостаток на фокусирано внимание, навистина ми помага да ги премостам симптомите“.

Се работи за менаџирање време

Но покрај социјалниот елемент, овие услуги функционираат со фокусирање на вашиот ум на она што е возможно да се стори или сработи во текот на еден час, или три. Едноставното одделување на временските единици го изоструваат поимањето на тоа колку долго време е потребно да се заврши одредена задача, што набрзина се претвора во стекната смисла за контрола.

Идејата е дека со тек на време фокусирањето ќе прерасне во навика што ќе ви помогне да ги одредите приоритетите, да знаете што е важна, а што итна работа. Но овој концепт некако не се поклопува со ветувањето на Caveday дека ви овозможува да сработите повеќе во пократок временски интервал. Ова ја истакнува очигледната тензија кај Caveday и Focusmate кои се позиционираат себеси како повлекување од културата на постојано итање кон нови зделки, начин на отпор против „замката на продуктивноста“, додека истовремено се промовира идејата дека вас ќе ве направи попродуктивни.

Ела Хафермалц, професор асистент во КИН центарот за дигитална иновација при Универзитетот во Амстердам и експерт по работа на далечина, вели дека постојаното врамување на одложувањето на обврските како личен неуспех во текот на последната деценија, не` доведе до точка во која се однесуваме со себеси како менаџер кон вработен.

За неа, порастот на стартап компании кои работат во областа на работењето на далечина покажува „дека таа динамика станала до тој степен внатрешен дел од нашето битие што мораме да ја спроведуваме со надзор“.

Поривот да се постигнуваат успеси исто така може да доведе до усвојување цели за кои природно не се чувствуваме мотивирани да ги остваруваме. Брус Дајсли, домаќин на радио емисијата „Јади, спиј, работи, повтори“ се сеќава на стрипот „Калвин и Хобс“, каде Калвин создава клон од самиот себе кој ќе ја пишува неговата домашна.

„Создаваме листи и потоа сакаме нашата „добра“ верзија да сака да ги сработи, а потоа не сакаме да ги сработиме,“ вели Дајсли. Стуктурата, „социјалниот доказ“ и вината се докажани ефикасни мотиватори, но тие можат толку да направат за нас.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -