Нина Николиќ: „Квалитетното и паметно работење ќе го надвладее тоа што се сметало за машка или женска работа. “

Запознајте ја Нина Николиќ чија мисија е да го зацврстува и развива домашниот стартап и иновативен екосистем. Таа работи во оваа област од 2014 година преку заедницата  #MKstartups  и како извршен член на одборот на советници и ко-основач на Асоцијацијата „Startup Macedonia“.

Нејзината страст за поддржување на стартап заедницата во земјата и регионот е заразна, а нејзината посветеност кон здружување на оние кои учествуваат во екосистемот ја насочи кон станување superconnector низ целата земја и регионот. Во моментов таа е член на #SwissEP тимот – агенција на швајцарската амбасада за поддршка на претприемништвото, каде има влијателна позиција која за неа значи многу повеќе од само месечна плата. По дипломирањето Е-бизнис, Нина стана раскажувач на стартап приказни и редовен соработник на Huffington Post преку иницијативата #StartUpSelfie. Таа континуирано го промовира и подржува иновативното претприемничко размислување во регионот. Преку нејзините патувања, таа стана вешт набљудувач на успешните практики и отворено го споделува своето знаење со партнери и членови на екосистемот. Неодамна, Нина ги зајакна своите трансатлантски односи со воведувањето нови партнери од САД во стартап екосистемот во државата. Нејзината последна иницијатива ги слави инспиративните жени во бизнисот преку Womenpreneurs Stories и поддржува жени кои првпат основаат бизнис преку петдневниот bootcamp, т.е. практична работилница.

Особено младите идни претприемачи ја познаваат добро поради бројните настани и конференции што ги организирала во врска со поддршка на новосновани иновативни бизниси кај нас. Ја познаваат и како мотивирачки говорник, модератор, панелист, бидејќи е вредна и успева да стигне секаде. Нина менторира стартап основачи, тимови и социјални претприемачи преку програмата за социјално претприемништво – „Награда за социјален импакт“ (Social Impact Award), програмата „Од идеја до бизнис“ (From Idea to Business), Европскиот предизвик за социјални иновации (European Social Innovation Challenge), па дури обучува и на шпански јазик со стартап компании од Лима, Перу. Нејзините таленти и интереси се во доменот на раскажување приказни (storytelling), смислување маркетинг содржина, иновативно размислување, презентирање, growth hacking, lean startup, А/B тестирање, пронаоѓање на потрошувачи, бизнис модел „Канвас“, развој на бизнис…

Дали преку твојата работа се организираат конкретни активности што го поддржуваат женското претприемништво

 Како дел од тимот на SwissEP, во 2017та год, за првпат имав чест и задолжение да носам македонска делегација на жени претприемачи, лидери, менаџери, на работна недела во Швајцарија, каде што имавме можност да учиме од експерти од тој екосистем, како и да се поврземе и соработуваме со делегациите од српскиот, албанскиот, босанскиот, виетнамскиот и перуанскиот стартап екосистем. По нашето враќање, на една од нашите месечни средби се роди идејата за она што е денес Womenpreneurs Stоries – иницијатива која се одржува во нашата држава, па и регионално. Две години подоцна, месечните инспиративни настани прераснаа во 5-дневен буткамп, на барање на голем дел од учесниците. Концептот за Womenpreneurs Stories Start It Up – петдневната работилница е да се поддржат жени кои за првпат започнуваат да водат сопствен бизнис. Најчесто, повеќето од нив се обесхрабруваат на почетокот, бидејќи немаат доволно информации, не знаат каде да се обратат за поддршка и сл. Затоа подготвивме програма која ги поддржува при нивните први чекори и која вклучува запознавање со стартап и иновативниот еко-систем во државата, правни аспекти, бизнис модел „Канвас“, формирање тимови, креирање на презентација, инвестициски можности…

Дали треба да има конкретно женско лоби што ќе се бори за поголеми права, посилен женски глас и повеќе бизниси?

Сакаме да постојат еднакви можности за сите. Во моментов постојат неколку групи, организации, иницијативи, за кои знам дека постојат, меѓутоа сето тоа треба да е поструктуирано и треба стратешки да се работи, заеднички.  Со нашата иницијатива и преку асоцијацијата „Стартап Македонија“, секогаш сме отворени за соработка и се трудиме гласот на стартапите да е чуен, со цел да се направат потребните промени за подобри услови при водење бизнис.

Што мислиш дека треба да се направи во иднина за да се крене свеста за женското претприемништво кај нас?

Само преку креирање можности, успешни примери за инспирација и соработка. Само од нас зависи. Индивидуално е. Кога ќе почнеме да го менуваме начинот на кој размислуваме, околината во која сме опкружени, да истражуваме, да се самоедуцираме, да сме самоиницијативни, да посетуваме повеќе настани кои се од интерес на кариерата која сакаме да ја градиме, тогаш ќе ја изградиме и самодовербата дека можеме да успееме во тоа што сакаме да го постигнеме. Потребни се многу измени во нашето општество, од образование, до животна средина и основни човекови права (чист воздух како едно од нив), до компетитивни работни места…  Од друга страна не постои подобар момент да се започне со бизнис од овој сега. Тоа најмногу се должи на технологијата и поврзаноста која интернетот ни ја овозможува. Денес, познавам многу млади луѓе кои со минимални трошоци изградиле успешни стартапи дома, вработуваат други млади луѓе со одлични работни услови и креираат можности… Глобално, борбата за еднакви плати продолжува, како и поддршката на жени да се на лидерски позиции во бизнисот, политиката… Ние сме генерацијата која докажува дека квалитетно и паметно работење, ќе го надвладее тоа што некогаш се сметало за машка или женска работа. И драго ми е дека сум и сведок и активен учесник во ерата на овие општествени промени.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -