Независноста и професионалноста на Народна банка клучни за задржување на финансиската стабилност

Македонската банкарска асоцијација одржа состанок на којшто се дискутираше за сигурноста на банкарскиот систем и улогата на Народната банка, следејќи ги најновите настани и дискусии во јавноста.

Членките на Македонската банкарска асоцијација едногласно заклучија дека македонскиот банкарски систем е стабилен и укинувањето на дозволата на една мала банка не ја доведува во прашање стабилноста на системот.

Понатаму, беше усвоен ставот дека банките и штедилниците продолжуваат да се грижат за клиентите – штедачите и кредитокорисниците и во услови на ковид-пандемија.

Апел да се користат електронски канали за пристап до банкарските услуги

Поради зголемениот број на новозаразени лица, Асоцијацијата апелира граѓаните што повеќе да користат електронски канали за пристап до банкарските услуги и да плаќаат со картички во малопродажната мрежа, бидејќи на тој начин се намалуваат ризиците за ширење на коронавирусот.

Членките заклучија дека независна и професионална централна банка е еден од столбовите на стабилноста на банкарскиот систем.

„Во изминатиот период сме сведоци на обиди за задирање во професионалниот пристап на работење на Народната банка. Со тоа се доведуваат во прашање и европските постулати и високите меѓународни стандарди на централнобанкарското работење, коишто се гаранција за макрофинансиската стабилност. Оттука, Македонската банкарска асоцијација во името на сите банки и штедилници во земјата, изразувајќи загриженост од ваквите појави, апелира до сите општествени чинители да не се дозволи да се доведува во прашање поставеноста и начинот на работа на централната банка, коишто во согласност со европските стандарди и регулатива се законски гарантирани,“ велат од Асоцијацијата.

Важноста на независноста и професионалноста на Народната банка, постојано се нотирани од меѓународните финансиски институции, како и од Европската Унија. Истовремено, континуирано се високи и позитивни и нивните оцени за остварувањето на целите и задачите на Народната банка, како и за усогласеноста на севкупното нејзино работење со највисоките меѓународни стандарди и најдобрите меѓународни практики. Вклучително и во текот на актуелната ковид-криза, кога уште еднаш се потврди дека Народната банка, суштински е стожерот на финансиската и севкупната макрофинансиска стабилност.

Впрочем, благодарение на вложениот максимум од Народната банка, македонската економија досега успеа да одговори на бројни предизвици и да совлада повеќе епизоди на криза. Доколку Народната банка не го дадеше својот максимум, во изминатите децении, македонската економија можеше да се соочи со низа негативни и подолготрајни ефекти од случувања коишто ја засегаа и коишто креираа неизвесност кај економските субјекти. Без финансиската и макрофинансиската стабилност коишто со своето успешно, професионално и законито работење ги гарантира Народната банка, не може да се очекува ни просперитет на економијата.

Стабилноста на централната банка клучна за евроинтегративниот процес

Истовремено, како што апелираат од Асоцијацијата, не треба да се заборави дека независноста и професионалноста коишто се клучни за успешното работење на централната банка се и важен предуслов за евроинтегративниот процес на земјата, имајќи ги предвид европските стандарди и принципи, како и европското законодавство, коешто во голем дел е транспонирано во македонската регулатива.

Според нив, независна централна банка е клучен столб за стабилност, раст и развој на секоја економија и претставува јавно добро од висок интерес за секое општеството.

Извор: biznisinfo.mk

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Македонската Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот со национален...

Десет македонски компании, кои заеднички изложуваат свои производи на националниот павиљон, оваа година учествуваат на дигиталното издание на Хановер Месе, пренесува бизнис...
- Advertisment -