Најчестите совети како самите да ја подобрите личната добросостојба не функционираат

Индустријата која нуди алатки за само-помош е бизнис кој цвета. Се состои од славни личности со малку талент но големо разбирање за тоа како да заработат пари преку проблемите на другите. Којзнае од каде доаѓаат тие луѓе, но нивната среќна судбина е производ на зголемениот интерес за личен развој, пишува ЛаРеј Кај, поранешен агент за ФБИ која работела на регрутација странски шпиуни 24 години и автор на книгите „Тајните на силниот ум (второ издание): Како да создадете внатрешна сила за да ги пребродите животните пречки“ и „Ментална силина за жени лидери: 52 совети како да ги препознаете и користите најголемите моќи“.

Читатели вимавајте сепак, бидејќи повеќето од „практичните совети“ се надуени облачиња полни со ништо. Банални зборови на инспирација во најдобар случај, и плиток пат кон лечење, во најлош.

Вообичаените статии за добросостојба и книгите не се во можност да ви помогнат да се справите со коренот на вашата анксиозност, страв или недостаток на самодоверба. Зошто? Бидејќи станува збор за напорна работа што морате вие самите да ја завршите. Тоа е како да ставате фластер на рак – гнилежот одоздола може да биде скриен одреден период. Сепак, ако тоа што гние не се излечи, ќе завршите како старо лице изедено од бес бидејќи не сте еволуирале во личноста која сте сакале да постанете во животот.

Добросостојбата има врска со станување подобра личност, преку учење од неуспесите и растење со личните искуства.

Во продолжение се најчестите совети за добросостојба што не функционираат:

Развивајте позитивни утрински навики

До трето одделение веќе сме научиле како да станеме наутро и како да го започнеме денот. Единственото нешто што го предизвикува овој совет е што не` прави да се чувствуваме лошо што не сме развиле повеќе „позитивни утрински навики“ кои магично ќе ни го сменат животот.

Не можам да ви опишам колку многу статии сум видела за утринските навики на богати и успешни луѓе како Ричард Брансон, Бил Гејтс и Стив Џобс. Секоја статија го уверува читателот дека и тие исто така ќе живеат сменет живот ако ги следат истите ритуали. Речено ни е дека начинот на кој го започнуваме утрото го одредува тонот на денот. Секоја статија е засилена со сликата на некој кој има спокоен и мирен изглед на лицето.

Ќе ве разочарам. Тие се спокојни и мирни бидејќи добиваат голема сума пари за нивното позирање.

Не дека утринските ритуали не се важни, но има работи во животот што ги викаме „итни ситуации“, како кога треба да одговориме на телефонски повик, да се справиме со личната криза на детето, или да исчистиме откако кучето ќе заврши работа – животот се случува, а ние треба да одредиме приоритети и да направиме избори.

Како да направите да функционира во ваша корист: одберете животен стил во кој сте возбудени кога наутро станувате од кревет. Без разлика дали станува збор за вашата работа, вашето семејство или проектот во дворот што го мислите подолго време, започнете го денот со потсетник за тоа што е важно. За многумина, утрото е време за молитва или медитација. Други сакаат да пишуваат дневник или да вежбаат.

Поентата е: не додавајте уште една рутина на тие веќе испланирани неколку часа освен ако таа искрено не го нахрани вашиот животен стил и вредностите што ви се важни.

Дигитална детоксикација

Сериозно? Како веќе да не знаеме дека поминуваме премногу време пред компјутер и телефон. Технологијата темелно го смени начинот на кој комуницираме. Функционира како секојдневна неопходност со која ги обавуваме задачите и во домот и на работа.

Исклучувањето на дигиталните апарати може да доведе до повеќе стрес бидејќи тие се врзани со важни аспекти на нашиот живот. Идејата дека треба да ги напуштиме мобилните апарати и да „се симнеме“ од нив е наивна.

Проблемот не е технологијата, туку начинот на кој и` дозволуваме да ни го контролира животот. Не ни треба детоксикација“. Ни треба да поставиме граници во начинот на кој ја користиме нашата технологија. Ние треба да ја држиме контролата, не технологијата.

Како да направите да функционира во ваша корист: бидејќи терминот „детоксикација“ има голема негативна конотација, фокусирајте се на тоа да се одвоите од технологијата во кратки периоди. Дури и кратки паузи можат да помогнат. Американската академија за офталмологија објаснува дека луѓето вообичаено трепкаат околу 15 пати во една минута. Кога зјапате во екран, овој број се намалува за половина или третина. Тоа може да доведе до суви, иритирани и уморени очи.

Користете го правилото 20 – 20. Во основа, на секои 20 минути што ги поминувате пред екран, обидете се да го свртите погледот кон нешто што е на 20 стапки (околу 6 метри) од вас, за 20 секунди.

Длабоко земање воздух

Ова е мојот омилен лош совет. Како тоа длабокото земање воздух ќе ми овозможи некаква добросостојба?! Видете, јас сум голем љубител на длабоко земање воздух кога влегувам во период на медитација или молитва бидејќи длабоките здивови можат да го сменат нашето расположение од нервозно во опуштено.  

Ако имате време 60 минути да вежбате јога, тогаш длабокото дишење е клучно, но ми се грчи стомакот кога читам статија како самите да си помогнете во која се воспева доблеста на правење кратки паузи и земање длабок воздух кога се чувствувате под стрес или сте анксиозни.

Луѓето кои се под стрес насред ден преполн обврски ја читаат статијата и бараат совет бидејќи се загрижени за нивната добросостојба. Тие заслужуваат одговори што се базирани на наука, не на некаков психолошки меур.

Ајде да се договориме за едно нешто: земањето длабоки здивови може да не` опушти во вистинските околности. Науката ни кажува дека вистинската причина поради која треба да застанеме за момент и да земеме длабок здив насред ден преполн обврски кога се чувствуваме под стрес или анксиозни е сосема различна.

Нашиот мозок навикнат на емотивни драми е побрз од нашиот бавен размислувачки мозок. Лимбичниот мозочен систем е дом на нашите емоции и тој почнува со работа кога сме под стрес. Тој може да ни го киднапира логичното размислување и да не` доведе до паника додека се обидуваме да најдеме решение.

Вистинската причина поради која длабоките здивови се паметен потег е поради тоа што му даваат време на бавниот размислувачки мозок да го стигне побрзиот емотивен мозок. Тоа е механизам на застој чија цел е да се намалат шансите да направиме нешто глупаво или да се препуштиме на преплавени емоции за кои подоцна би зажалиле.

Како да направите да функционира во ваша корист: разберете дека вашиот емотивен мозок нема да одговори со зборови и табели. Емпатијата е единствениот јазик што го разбира. Мислечкиот мозок често пати е засрамен од предизвиканите емоции – лутина, љубомора, алчност, завист, итн. Така што, се` додека искрено не прифатите што чувствувате, двата мозоци нема да се сложат за ништо.

Расчистување на работниот простор

Воопшто не сум задоволна од препишаните чекори што ветуваат дека кога ќе си го расчистите бирото, магично ќе можете да си го реорганизирате умот во исто време. Примери: ставете се` на свое место; чистете и бришете прашина; ставете етикети; инвестирајте во варијанти за складирање; одржувајте…

Мудреците кои се расфрлаат со овие баналности се интелектуални минималисти – чисти линии, неутрални бои и никакви купчиња различни предмети што не` потсетуваат дека постојат вистински луѓе.

Да, точно е дека алкавите и мрзливите луѓе дозволуваат купиштата ѓубре да ги скријат важните работи. Но, најуспешните луѓе до сега научиле дека само затоа што нечие биро изгледа „пренатрупано“, тоа не значи дека лицето е неорганизирано.

Ова е слично со муабетот дека „ако сакате нешто да направите во моментот, треба да се обратите кај некој кој е постојано зафатен“. Ефикасните луѓе ги чуваат работите на дофат. Тие знаат кој документ се содржи во кој куп хартии на бирото.

Како да направите да функционира во ваша корист: Само вие знаете дали вашето биро е извор на стрес и анксиозност. Организирајте го како вам најмногу ви одговора.

Извор: SmartBrief

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

- Advertisment -