Науката вели: комбинација од „машки“ и „женски“ мозок овозможува предност во професионалниот и приватниот живот

Во сите аспекти од професионалниот живот, од рекламните кампањи до работната средина, често се претпоставува дека мажите и жените се различни во корен, односно дека едните доаѓаат од Марс, а другите од Венера. Секако, сите познаваме луѓе кои се на некој начин андрогени, односно поседуваат мешавина од карактерни особини што стереотипно се сметаат за машки, односно за женски. Важно е дека таквата „психолошката андрогеност“ долго време се поврзува со особини какви што се подобра когнитивна флексибилност (менталната способност да преминувате од една на друга различна задача или мисла), социјални компетенции и ментално здравје, пишува Барбара Жаклин Сахакијан, водечки истражувач на студијата за мозочна андрогеност, за бизнис порталот The Conversation.

Но како овие особености се поврзуваат со мозокот? Дали луѓето кои покажуваат андрогени карактеристики во нивното однесување одат против сопствената биолошка природа, и дали прават работи кои не се оптимални активности за нивните мозоци? Долго време не се знаеше дали постои нешто такво како мозочна андрогеност. Но, едно ново истражување објавено во Cerebral Cortex покажува дека постои, и дека е честа појава.

Психолошката андрогеност се смета за психолошки заштитник. На пример, знаеме дека таа се поврзува со помалку проблеми со менталното здравје какви што се депресијата и анксиозноста. Таа исто така се поврзува и со поголема креативност.

Сите сме запознаени со особините што стереотипно се класифицираат како машки или женски. На пример, мажите не се охрабруваат да ги искажуваат сопствените чувства или да плачат кога се вознемирени. Наместо тоа, од нив се очекува да бидат силни, самоуверени, рационални и добро да се снаоѓаат со визуелни и просторни задачи, како што е читање мапа. Жените од друга страна често се очекува да бидат емотивни, грижливи и подобро да се снаоѓаат со јазик.

Но овие разлики најверојатно делумно се должат на социјалните норми и очекувања бидејќи сите сакаме да бидеме сакани, па оттука и сите сме конформисти во овој поглед. Ако на пример, на девојче му е кажано дека не е културно или прифатливо да има висок степен на самодоверба, таа може да го промени однесувањето за да се прилагоди на ова гледиште, што пак ќе има влијание врз нејзините кариерни избори во иднина. Жените адолесценти најчесто не се охрабрувани од нивните пријатели или семејство да размислуваат за поблагодарни но опасни кариери како што е војската или полицијата, на пример.

Полот во мозокот

Научниците долго време полемизираа за тоа колку навистина се различни мозоците на мажите и жените. Во литературата ќе сретнете многу извештаи и студии за разликите помеѓу машките и женските мозоци. Сепак, други истражувачи ценат дека овие разлики се минимални и дека категориите не се апсолутни. Едно истражување покажува дека психолошки, поголемиот дел од нас сме всушност некаде на спектарот на она што стереотипно се смета за „машко“ и „женско“.

Но дали тоа значи дека луѓето кои спаѓаат некаде на средината се повеќе андрогени во нивниот мозок како и во нивното однесување? За да се тестира оваа хипотеза, создадовме мозочен континиум за кој користевме машинско учење и податоци добиени од невролошките снимки. Додека мозоците на мажите и жените се слични, поврзаноста помеѓу различни мозочни области се разликуваат. Ги искористивме овие маркери за поврзаност за да ги карактеризираме мозоците на 9 620 учесници (4 495 мажи и 5 125 жени).

Откривме дека мозоците се навистина дистрибуирани низ целиот континиум наместо да се концентрираат на двата спротивни краја. Во еден под-примерок, речиси 25% од мозоците беа идентификувани како машки, 25% како женски и 50% од нив беа распределени низ целиот андрогин дел на континиумот. Уште повеќе, откривме дека учесниците кои ги поставивме во центарот на овој континиум што ја претставува андрогеноста, покажуваа помалку симптоми на проблеми со ментално здравје, како што се депресија и анксиозност, во споредба со тие што ги заземаа двата спротивставени краеви.

Овие откритија ја поддржуваат новата хипотеза дека постои концепт со невролошки слики за мозочната андрогеност, што може да се поврзе со подобро ментално здравје на сличен начин како и психолошката андрогеност.

Зошто андрогеноста овозможува предност

За да научиме нови нешта со цел да се прилагодиме на глобалната средина подложна на чести и брзи промени, мораме да сме способни да го  набљудуваме и да внимаваме на светот околу нас. Исто така мораме да имаме ментално здравје, флексибилност и да сме во можност да користиме широк спектар животни стратегии.

Овие вештини ни овозможуваат брзо да го разбереме надворешниот контекст и да се одлучиме кој е оптималниот одговор на него. Ни помагаат да ги искористиме ограничените временски можности и да создадеме отпорност. Оттука, овие вештини создаваат предност за луѓето со андрогени мозоци, додека е поверојатно другите да не се развиваат на истиот начин.

Зошто е ова важно? Мета анализа на 78 истражувања со околу 20 000 учесници открива дека мажите кои ги следат типично машките норми, на пример мажи кои никогаш не се потпираат на други и спроведуваат моќ врз жените, боледуваат од повеќе психијатриски симптоми од другите, вклучувајќи и депресија, осаменост и злоупотреба на дрога, алкохол или медикаменти. Тие исто така се чувствуваат изолирани во поголема мера и им недостасуваат социјални врски со другите.

Жените кои се обидуваат да ги задоволат нормите исто така плаќаат цена, можеби во случај кога се откажуваат од работата од нивните сништа само затоа што во индустријата доминираат мажи или се зафаќаат со поголемиот дел од досадните домашни обврски. Андрогено лице нема да трпи влијание од родовите норми во иста мера.

Ова не значи дека нема надеж за тие кои се сместени на двата спротивставени краеви на спектарот. Мозокот исто така се менува, односно е пластичен во одредена мера. Најверојатно андрогениот мозок е под влијание и на генетските и на срединските фактори, како и интеракцијата од двата. Нашата студија предлага дека нивото на мозочна андрогеност кај луѓето може да се смени со текот на времето.

Идните истражувања ќе треба да ги разберат влијанијата врз мозочната андрогеност во текот на целиот животен век и како срединските фактори, како што е образованието, може да влијаат. Со оглед на тоа што откривме дека андрогините мозоци нудат подобро ментално здравје, логично следува дека за оптимална ефикасност во училиште, на работа и за подобра добросостојба во текот на целиот живот, мораме да избегнуваме екстремни стереотипи и да им понудиме на децата урамнотежени можности во текот на нивниот раст и развој.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -