Назад во канцеларија: како да бидете поврзани а да одржувате социјална дистанца

Компаниите низ целиот свет дебатираат како и кога да се вратат назад во канцеларија. Здравјето и безбедноста достигнаа нова димензија на важност во ерата на коронавирусот. Со цел враќање на вработените назад во канцеларија на безбеден начин, опциите за ново дизајнирање на канцеларискиот простор се збунувачки, во најмала рака. Како треба да се наместат бироата за да се овозможи социјална дистанца, а истовремено да се запази користа од работење во ист простор? И дали вработените треба да се вратат во канцеларија пет дена неделно?

Голем број компании бараат начини да овозможат непречен тек на работата со тоа што некои од нивните вработени би работеле од дома, барем одредено време. Но ако овие работи не се испланираат како што треба, претпријатијата ризикуваат да бидат заглавени, и да не успеат да ја постигнат користа од работење во традиционална канцеларија, ниту пак безбедноста на домот.

Размислете, на пример, за концептот на канцеларија со запазена далечина од 2 метри. Овој концепт беше развиен од мултинационална  фирма за недвижен имот, Cushman and Wakefield, и целта на замислата е вработените да бидат 2 метри оддалечени едни од други во секое време. Оваа оддалеченост се постигнува со поставување на бироата на соодветни места, создавање на еднонасочен проток на луѓе и вклучува и визуелни знаци на подот околу секое биро што ги тера вработените и посетителите да одржуваат соодветна дистанца.

Но оваа идеја е ризична. Експертот по архитектура Керстин Сејлер истакнува дека оваа комбинација на оддалечен мебел, поттици и предупредувања исто така може да ја стигматизираат социјалната интеракција, да доведат до тоа целата комуникација да се одвива онлајн, дури и во канцеларија. Во овој случај, зошто тогаш да не се продолжи со работа од дома?

Компаниите треба да инкорпорираат една основна лекција од времето на карантинот: Zoom функционира зачудувачки добро. Но сепак има голема корист и од неформалната интеракција – нешто што претходно договорен видео повик не може да го реплицира. Во поглед на ова сознание, постои и хибриден систем на најдобрите аспекти од двата света. Ако помалку вработени доаѓаат во канцеларија и одржуваат социјална дистанца, најдобро е да имате претставник од сите тимови. Секако, распоредот на мебелот во канцеларијата мора да ги олеснува врските меѓу вработените наместо да ги држи одвоени.

Планирана и непланирана комуникација

Постои важна разлика меѓу планираната и непланираната комуникација на работа. Непланираната комуникација вообичаено се одвива преку случајни средби, и важно е да се напомене дека таа вклучува разговори на различни теми. Во овој случај потребна е блискост.

Овој вид комуникација е потребен бидејќи различни тимови не секогаш се дел од истиот принцип на репортирање, така што комуникацијата зависи од непланираните ангажмани како што се случајно слушање кога разговараат членови на други тимови или случајни средби во ходник. Овој вид интеракција може да има реална корист за бизнисот. Непланирана социјална интеракција помеѓу бироата во близина на една трговска фирма на Вол Стрит ја подобрува употребата на финансиските модели, наведува Даниел Беунза во неговата книга „Заземањето на подот: Модели, морал и менаџирање на трговска соба на Вол Стрит“.

Во случајот на планирана комуникација, технологијата што овозможува одржување на состаноци на далечина ја направи блискоста помалку важна. Причината е што комуникацијата во рамките на еден тим се одвива врз основа на план и рутина, така што се` што и` е потребно на оваа интеракција е дигитална платформа.

На еден настан организиран неодамна во Центарот за системски ризик во Лондон, Чарлс Бристов, глобален експерт за трговија со стапки во инвестициската банка Џи-Пи Морган, и еден од панелистите на настанот, објаснува дека „тим на луѓе кои заедно тргуваат за еден единствен производ добиваат прашања преку истите канали“, и „користат исти алатки“. За таа причина, комуникацијата на далечина е неверојатно лесна и дури може да биде и поефикасна.

Оттука, физичката блискост е во принцип потребна за непланираната комуникација. Тоа значи дека работењето на далечина може да продолжи со пониски трошоци отколку планираната комуникација. И тоа потенцијално може да значи дека ако компаниите сакаат да вратат ограничен број вработени назад во канцеларија, тогаш тие треба да се фокусираат на присуството на барем еден член на секој тим. Ваквиот план ќе овозможи комуникација помеѓу тимовите, што пак се потпира на физичката блискот.

Сите треба да бидат ангажирани

Уште еден важен елемент што дизајнот на канцеларискиот простор треба да го има предвид е опсегот во кој канцеларијата го олеснува ангажманот на вработените – дали луѓето треба да станат од бироата за да имаат контакт лице-в-лице. Ова е важно за создавање поквалитетни односи помеѓу колегите и културата на компанијата.

За да се овозможи ова, фокусот на социјалната дистанца мора да прави разлика меѓу оддалеченоста и пристапноста. Иако оддалеченоста го намалува опсегот во кој луѓето може да се впуштат во интеракција едни со други и да соработуваат, истражувањата од архитектурата покажуваат дека лесен пристап и лесно движење може делумно да надомести за дистанцата.

Сејлер заклучува дека во една куќа каде секоја соба има пристап до друга преку врата, конекцијата е многу полесна отколку во куќа во која можете да влезете во одредена соба само од собата до неа. Истиот степен на оддалеченост меѓу луѓето, со други зборови, може да доведе до драстично различни нивоа на ангажман.

За да се постигне оваа поврзаност (додека истовремено се одржува и социјалната дистанца), компаниите можат да го израмнат несигурното враќање на вработените со отстранување на неколку бироа и создавање коридор околу периферијата на канцлериите уредени според принципот на океан-систем, за да им овозможат на вработените да имаат полесен пристап еден до друг. Средбите и разговорите можат да бидат дополнително олеснети со катчиња за пауза или ќошеви надвор од овој коридор, така што вработените ќе можат да имаат брзи разговори без да го блокираат протокот.

Враќањето во канцеларијата по месеци поминати во работа на далечина им дава на компаниите можност да ги уредат работните простори на најефикасен начин. Фирмите можат да ја инкорпорираат користа од работењето на далечина, а во исто време да се осигураат дека вработените влегуваат во интеракција и разменуваат идеи на безбеден начин отколку слепо да ги имитираат нивните работни простории во период пред пандемијата.

Извор: theconversation.com

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -