Надежта не е само позитивно размислување, туку вредна алатка што можеме да ја користиме за време на криза

Пандемијата на Ковид-19 што во моментов го коси светот поттикна губење на работни места и затворање на голем број бизниси, како и зголемено ниво на стрес и анксиозност за време на карантините што ги одвоија луѓето од нивните пријатели и семејства. Стана јасно дека се бориме да го одржиме нашето ментално здравје додека светот околу нас се менува, а стабилноста на приходите и социјалниот живот ветрее. Негативните ефекти врз нашето колективно ментално здравје најверојатно ќе се зголемат, со оглед на индикациите дека голем број делови од светот се соочуваат со втор бран инфекции, и потенцијални дополнителни карантини, пишува Кристијан Ван Нојвербург, професор по позитивна психологија од Универзитетот Источен Лондон за theconversation.com.

Во вакви времиња важно е да не се губи надеж. Но можеме да направиме повеќе од само „да се надеваме на најдоброто“. Теоријата за надежта, како гранка на позитивната психологија, нуди увид и практични стратегии што можат да бидат од голема помош.

Американскиот психолог Чарлс Снајдер, истакнат истражувач на феноменот на надежта, во неговата книга „Психологија на надежта: можете да стасате од тука таму“ пишува дека надежта се појавува кога луѓето создаваат врски меѓу нивната моментална ситуација и идната посакувана состојба. Идејата на Снајдер е дека откако ќе се идентификува посакуваната идна состојба, потребни се две работи за да се постигне напредок: способност за идентификување можни патишта кон идната посакувана состојба и смисла за дејство што и` овозможува на индивидуата да верува дека може да го постигне тоа. Кога овие три елементи се на едно место, надежта создава мотивација за промена во самите нас и го подобрува нашето чувство за добросостојба.

Овој пристап не мора да се применува само кај оние кои се чувствуваат очајно или кај оние кои ние сметаме дека имаат најголема потреба од „надеж“. Аргументот на Ван Нојвербург е дека во суштина, улогата на искусните извршни тренери е да им помогнат на нивните клиенти во идентификувањето на искрени причини да имаат надеж во иднина.

Ползување на надежта

Овој пристап кон надежта сега има значајни импликации за нас кога сме во екот на пандемијата. Бомбардирани со лоши вести, потресителни статистички податоци и хипотетички најлоши можни сценарија, треба да го пренасочиме нашето внимание кон можноста за попозитивна иднина. Ова не значи дека сегашната реалност треба да се игнорира – многу е нормално да постојат чувства на грижа кога се соочуваме со смртоносна закана. Станува збор за развивање здрава рамнотежа помеѓу искусувањето соодветна анксиозност и замислувањето подобри денови пред нас. Во суштина, клучно е да го направиме ова, за наше сопствено добро.

Владите исто така треба да ја одработат нивната работа во насока на создавање средини кои овозможуваат гаење надеж со тоа што ќе понудат веројатна и позитивна слика за тоа што може иднината да донесе по Ковид-19. Сепак, поверојатно е да бидеме мотивирани од идеја отколку што ни се чини возможно во моментот. Тврдењата дека Ковид-19 едноставно „ќе го снема“ или ветувањата за масовно тестирање според кои ќе има доволен број тестови пред појавата на вакцина делуваат премногу далекусежни со оглед на сегашните околности. Кога такви ветувања неизбежно нема да се одржат, надежта се заменува со чувство на очај и беспомошност.

Важно е да можеме да и` веруваме на понудената визија за иднината, но таа иднина исто така треба да биде посакувана. Ако луѓето се привлечени од идејата за подобра иднина, тие полесно ќе ги прифатат непријатностите поврзани со придржувањето до здравствените насоки, поверојатно е дека ќе преземат дополнителни мерки за претпазливост, дека ќе имаат поголема волја и желба да им помогнат на припадниците на загрозените заедници, и општо земено, ќе бидат повеќе посветени на заеднички договорените колективни дејства. Така што, начинот на кој владите ги идентификуваат нивните клучни цели е особено важен.

Психолозите Ендру Елиот и Кен Шелдон сугерираат дека врамувањето на целите како начин да се избегнат непосакувани исходи може да доведе до негативни чувства и намалено задоволство од животот воопшто. Тие открија дека, наспроти ова, целите што се фокусираат на постигнување на посакуваниот исход водат до зголемен ангажман и поголема енергија.

На пример, сегашните цели на владата во Велика Британија би можеле да се окарактеризираат како „цели на избегнување“: да не се преоптоварува здравствениот систем, да не се надмине бројката од 20 случаи на 10 000 лица, да не се предизвика масовна невработеност, да се избегне второ воведување карантин. Овие мерки може да ги натераат луѓето да дејствуваат, но тие создаваат негативно влијание врз нашата колективна добросостојба. Владите би требало да се советуваат наместо ваков, да усвојат алтернативен пристап, односно одново да се осмислат владините приоритети на позитивен начин: соодветно справување со Ковид-19 за да можат училиштата безбедно да се отворат, воведување на систем на тестирање на аеродромите за да се овозможи побезбедно меѓународно патување, или работење во насока на создавање ефикасна вакцина што ќе биде широко достапна.

Потребна претпазливост

Ван Нојвербург посочува дека практичната примена на надежта е важна – но таа исто така може да не ни дозволи да одиме напред. Концептот е интегрален дел од многу верувања, и нашироко се разбира во контекст на виша сила и очекувања дека постои живот после смртта. Но во секојдневните разговори терминот се користи со пошироко значење, од „се надевам дека ќе оздравиш“ до „се надевам дека времето ќе биде убаво“. Употребен на овој начин, мотивирачкиот ефект е драстично поткопан – таквата надеж е едноставно позитивно размислување, бидејќи исходите не се нешто врз што индивидуалниот напор може да има влијание.

Мораме да развиеме заедничка визија за позитивна иднина. На пример, можеме да се согласиме дека до декември ќе имаме јасни и заеднички насоки што ќе ни дозволат да работиме и да учиме на безбеден начин додека истовремено се заштитуваат најранливите граѓани во нашето општество, така што луѓето ќе можат да уживаат во зимскиот распуст со нивните сакани. Веројатни и позитивни заеднички цели ќе ја зголемат нашата тенденција да имаме надеж за иднината, и ќе ни ја дадат енергијата и поттикот да работиме во насока на остварување на овие цели, истовремено создавајќи повисоко ниво на ентузијазам и надеж кога гледаме дека се прави напредок.

Надежта може да не` води низ овие времиња полни предизвици и да ни помогне да го одржиме нашето ментално здравје и добросостојба. Има една изрека: „Надевај се на најдоброто, подготви се за најлошото“, која што во моментов не може да ни помогне. Подобро е да ја замениме со нешто што ќе покаже што надежта може да направи: „Надевај се на подобра иднина, почни да делуваш за да го оствариш тоа“.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -