Навики што треба да ги отфрлиме во 2021ва за да создадеме нови

Со пристигнувањето на 2021 година,  кога правиме осврт на навиките што сме одлучиле да ги напуштиме во 2019 година, и да усвоиме нови со почетокот на 2020 година е речиси… привлечно. Секако, огромните предизвици и промени во последните месеци не ги предвидовме кога ја составувавме најискрената листа на она што сме сакале да го постигнеме со почетокот на годината.

Но пишувањето новогодишни одлуки во ова време од годината е честа пракса кај многу од нас. Оваа навика ни дава надеж дека подобри денови ќе дојдат. Така што, во интерес на прифаќање на настаните од минатата година, и можеби на научените лекции, како и надежта за подобро утре, во прилог се неколку навики што сметам дека се непотребни оваа година, пишува Гвен Моран, писателка за бизнис, лидерство и финансии, уредник и сопственик на сајтот BLOOM ANYWHERE наменет за луѓе кои сакаат да напредуваат во кариерата.

Напуштете ја навиката да ја предвидувате иднината, туку планирајте да се приспособите

„Мислам дека ако има една главна навика што треба да ја оставиме, тоа е самодовербата за она што ќе се случи во годината што доаѓа,“ вели Брус Фејлер, смеејќи се. Но сериозен е. Авторот на „Животот е во транзиции: усовршување на промената на секоја возраст“ и „Совет од татковци: моите ќерки, мојата болест и мажи кои би можеле да бидат јас“, која послужи и како инспирација за телевизиски серии во продукција на Ен-Би-Си, верува дека треба да и` пристапиме на новата година со поголема доза понизност.

Тоа не значи дека не можеме да правиме планови или да поставуваме цели, но не очекувајте нештата да се случат совршено како што сте предвиделе, па дури и бидете подготвени да ги смените првичните концепции. „Линеарниот живот е мртов,“ вели Фејлер. „Се замени со она што го нарекуваме ,не-линеарен живот’. И не-линеарниот живот има многу повеќе пореметувања, свиоци, вртлози, назадувања, кризи – нешто како ,живот со потреси’“.

Навратете се на одлуките што сте ги донеле минатата година, предлага тој. И нека „ви служат како потсетник да бидете малку повеќе понизни, да го очекувате неочекуваното, и психолошки да се подготвиме себеси дека патот назад ќе биде исто толку тежок како и патот што не` донесе тука“.

Оставете ја зад вас навиката телефонот да биде господар на вашиот ден и подгответе се за успех

Знаете како оди тоа: се превртувате во кревет, го земате телефонот и проверувате што се случило додека сте спиеле.

Престанете да го правите тоа, вели експертот за професионална ефикасност Џим Квик, автор на книгата „Без граници: надградете го мозокот, научете се` побрзо и отклучете го вашиот исклучителен живот“. На тој начин создавате мозочни патишта за нешта што ви го одвлекуваат вниманието. „Секое ѕвонење, динг, пинг, лајк, споделување, коментар и видео со мачка го програмира вашиот мозок да дозволи да му биде одвлечено вниманието. И потоа се прашувате зошто не можете да се концентрирате кога читате нешто или учите нешто ново или кога сте на повик на зум, вели тој.

Дополнително, го трошите времето кога вашиот мозок е во најопуштената состојба и е флексибилен, објаснува тој. Што и да примате во себе, дали е „скролање“ по социјалните мрежи или се опседнувате со последниот иритантен меил од работа, овие активности го одредуваат расположението во текот на денот.

Наместо тоа, усвојте некои навики што не вклучуваат телефон во првиот час од вашиот ден за да си помогнете себеси да имате успешен ден. Сите ги знаеме навиките што се сметаат за најздрави: вежбање, медитација, хидрирање и обилен појадок, читање  но не во дигитална форма. Но навистина, ова време е за вас. Најдете утрински ритуали што функционираат за вас и што ќе ви помогнат да го започнете денот силни.

Напуштете ја навиката да правите обемни распореди, напротив почнете со постојано едитирање на вашиот работен ден

За време на пандемијата, бројот на состаноци се зголеми за 13% во просек, вели истражувањето спроведено од Универзитетите Харвард и Њујорк. Дополнително, знаеме дека работниот ден стана подолг. Така што, комбинацијата од подолги работни часови без паузи, и прекините кога треба да организирате или да присуствувате на повеќе состаноци, може да предизвика застој во продуктивноста, вели Ај Моа, експерт за продуктивност и ко-основач на апликацијата Boomerang.

Моа вели дека кога повторно ќе имате контрола на вишокот работа и пренатрупаниот распоред, тогаш ќе можете да бидете попродуктивни. „Почнете да одвојувате претходно одредени термини за состаноци секоја недела. Оваа навика ќе ви помогне да ги одбегнете постојаните прекини од испраќање и примање мејлови за закажување состаноци и да престанете со работата на една специфична задача за да присуствувате на состанок,“ вели таа.

Блокирањето на времето, кога оставате доволно време за тривијални активности и промени во текот на денот, исто така може да биде ефикасна алатка во справувањето со преголемиот број состаноци и преголемиот работен товар.

Престанете се` да спојувате, напротив, поставете повеќе граници

Нова норма за пандемијата е целосната конвергенција на професионалниот и домашниот живот, особено за вработените кои преминаа целосно на работа на далечина, вели Камил Престон, основач и извршна директорка на AIM Leadership, фирма која обезбедува консултантски услуги. Одеднаш, семејствата и другите кои живеат во ист дом се најдоа сите под еден покрив во исто време, што доведе до претопување на сите видови обврски, почнувајќи од училиштето, до работата и хобијата.

Престон го користи нејзиниот сопствен живот како пример. Нејзиниот омилен час по јога и` давал енергија за целиот ден. „Ќе си отидев од таму одново наполнета со енергија и подготвена за она што ми го носи денот,“ споделува таа. Но сега, таа вежба јога преку видео повик. „Последниот пат кога бев на час, морав да му направам сендвич на син ми на сред час. Мојот сопруг го чистеше снегот надвор,“ вели таа. „Не е исто“.

Време е одново да се постават одредени граници, за да можете соодветно да ги задоволите сопствените потреби, додава таа. Станува збор за оние активности што сметате дека треба да ги правите за да се грижите за вашето физичко и ментално здравје. Се` уште ви се потребни, вели таа. Не би требало да „вадите пари“ од вашата „енергетска банка“ без притоа да ги обновите и да останете здрави, објаснува.

Така што, работете на воведување структура што ќе ви овозможи да имате време за различните животни барања. Секако, некогаш е полесно е да се каже отколку да се направи. Но, ако можете, повикајте помош кога ви треба време за себе. Одредете време кога завршува работата и избегнете го моментот да се вратите назад на бирото навечер, бидејќи тоа е многу лесно.

Престанете прекумерно да се изолирате, и најдете нови начини да се поврзете

Дури и најголемиот интроверт кој го сака времето поминато со себе чувствува дека му е доста од изолација. Осаменоста достигна пик пред пандемијата, а таа со себе носи и здравствени ризици. По некое време, изолираноста може да стане навика сама по себе, особено кога одржувате врски во општество каде се почитува социјалната дистанца.

„Карантинот не мора да значи дека губиме контакт со другите. Искористете ја новата година како изговор да им пишете порака или да им се јавите на пријателите со кои би сакале да сте во контакт,“ советува Лин Морис, главен оперативен директор во компанија која дава услуги поврзани со менталното здравје – Услугите за ментално здравје на Диди Хирч. Има неколку начини како да ја створите оваа навика: за време на викендите, одредете време навечер кое ќе го искористите како „состанок“ на далечина на кој ќе разговарате со пријателите или членовите на семејството, на неделна основа; организирајте „ноќ на презентации“ каде секој член на друштвото зборува кратко време за некој негов или нејзин специјален интерес; или згответе едноставно јадење заедно преку видео повик. Исто така, најдете време да излезете надвор секој ден. Дишете свеж воздух и мавнете им на соседите.

Клучно е да најдете начин да одржувате контакти и да се грижите за односите со пријателите додека сите се вратиме во традиционалните форми на комуникација. Обидете се со различни редовни начини на комуникација со вашите блиски и следете ги методите што најдобро функционираат за вас.

Оставете го зад себе она што не функционира, и најдете време за подобри навики

Ако искрено не процените што не функционира и ја напуштите таа навика, тогаш таа практика ќе продолжи да излегува на површина и ќе ве спречува да создадете нови навики што ви се потребни за да бидете посреќни, поздрави и позадоволни. Ова значи дека ќе треба да се соочите со вашите стравови, тага или срам предизвикан од некоја загуба или ќе се соочите со застој во почнувањето со нивното справување за да можете да ги промените. Справувањето со транзициите, вклучувајќи ги и тие што несомнено ќе дојдат оваа година, се случува во три фази, според Фејлер:

  • „Долгото збогување“, што подразбира тажење по минатото и ритуално одбележување на моментот дека минатото нема да се врати
  • Хаотичната средина, што значи одвикување од старите навики и создавање нови, приспособување на она што се случува сега
  • Новиот почеток, кога го откривате вашето ново Јас

Во процесот на отфрлање на губитокот, навиката или што и да е тоа што ве прави да застанете на патот на напредокот, потребно е да смислите ритуал за да го прифатите тој факт, објаснува Фејлер. Запишете го губитокот на лист хартија и изгорете ја. Направете торта. Планирајте прослава. Или пронајдете нешто друго што функционира за вас. Ритуалот ќе ви помогне да ја направите транзицијата вистинска, и ќе ви помогне во создавањето нови и подобри навики.

„Важна и недоволно ценета вештина во новата година, е кажувањето ,збогум’ на минатото. Понекогаш сме толку многу вовлечени во носењето одлуки и планирањето за новата година, што забораваме да тажиме, и да кажеме ,збогум’, и да го оставиме зад нас животот што нема да се врати,“ објаснува тој. „Ако не го направите тоа соодветно, нема да ги видите можностите во иднината“.

Извор: Fast Company

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -