Марија Ристовска: Потребни се мали и флексибилни фирми што можат да одговорат на потребите на модерниот купувач

Марија Ристовска е млада, амбициозна, пријатна за разговор, отворена за нови идеи и предизвици. Таа е вистински професионалец кој зад себе има разновидно работно искуство најнапред во областа на маркетингот и односите со јавност во различни индустрии вклучително и издаваштвтото и угостителството. Во моментов работи како менаџер на проектот за развој на електронската трговија во нашата држава, во чии рамки функционира платформата за е-бизнис – ecommerce4all, се организираат едукативни настани за е-трговија, и се обезбедува консултативна и финансиска поддршка за сите оние кои се заинтересирани за овој вид бизнис.

Марија, прилично си млада, ама имаш релативно богато професионално искуство, но постојано се движиш во областа на маркетингот, односите со јавност, комуникациите… Зошто овие области се твој професионален предизвик? Што е тоа што за тебе е возбудливо во овие полиња?

Маркетинг комуникациите ми беа пасија уште додека студирав на Економскиот факултет во Скопје на одделот за е-бизнис, па потоа почнаа и моите први работни искуства во оваа област, каде што се дооформи љубовта и желбата за надградба во оваа насока. Маркетинг комуникациите се поле во кое постојано се учи и се надградува и предизвикот доаѓа од тоа што секој ден е неизвесен сам по себе, носи нови задачи, нови препреки – едноставно ниту еден ден не е ист како претходниот.

Сега си проектен менаџер на проектот на УСАИД за развој на е-трговијата. Вебсајтот на Асоцијацијата вели дека таа се залага за инклузивна е-трговија. Што се подразбира под овој термин и во тој контекст, кои се твоите секојдневни предизвици?

Да, во рамки на АЕТМ, водам еден неверојатно добар проект за развој на е-трговијата во нашата земја, којшто е поддржан од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Особено е значаен и корисен во овој период, откако бројот на нови е-продавници драстично се зголеми со започнување на здравствената ситуација со КОВИД-19 и сите бизнис напори на компаниите се насочени кон е-трговија и дигитална трансформација на процесите.

Инаку, инклузивна е-трговија подразбира онлајн трговија која е фер и еднаква за сите, без разлика на големината на бизнисот, без разлика дали бизнисот е предводен од претприемач маж или жена, без разлика на етничката или верската припадност, итн. Морам да признаам дека во нашата асоцијација, не се соочуваме со вакви предизвици во однос на инклузивноста, но затоа главниот предизвик ни е едукацијата на крајните корисници.

Дел од тимот на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија

Сметаш ли дека македонските претприемачи се модернизираат (дигитализираат и усвојуваат нови вештини, потребни да се успее на пазарот во 21виот век) во доволна мера?

Сметам дека домашните претприемачи не беа целосно свесни за бенефитите кои со себе ги носи дигитализацијата и модернизацијата на бизнисите. Она што ја прави е-трговијата толку значајна се можностите за претворање на мала фирма во глобален гигант, како и можностите за носење нови, подобри и поевтини производи до потрошувачите, можностите за отворање нови пазари за секој кој има добра идеја, стабилен интернет и компјутер или мобилен телефон. Дополнителните предности се тоа што овозможува неверојатна флексибилност во работењето во смисла на локација и во смисла на работно време.

Но, глобалната здравствена криза со Ковид -19 успеа да ги забрза овие процеси и голем дел од македонските претприемачи, се` повеќе се насочуваат кон дигитална трансформација на своите бизниси и кон едукација на своите тимови.

Доказ за тоа е и зголемениот интерес за сите наши едукативни „learn-a-thons“ тренинзи и други настани кои се наменети за зголемување на дигиталните вештини на вработените во компаниите кои работат со е-трговија.

Исто така, оваа година по трет пат ја организираме и годишната конференција за е-трговија, за која уште од сега има навистина голем интерес кај сите чинители во екосистемот на е-трговијата.

Интересот за е-трговија е во постојан пораст, особено по почетокот на пандемијата

Објасни ни малку повеќе за проектот на УСАИД во чии рамки се развива платформата за ecommerce4all.mk? Зошто е корисна и какви поволности нуди? Дали би им ја препорачала на сите видови претприемачи?

Иницијативата „ecommerce4all” е создадена за да ги информира, едуцира и да им помогне на домашните претприемачи полесно да се впуштат во светот на е-бизнисот. Проектот се фокусира на три поголеми активности и тоа: развој на интерактивна веб платформа за е-трговци, едукативни „learn-a-thon“ тренинзи за зголемување на неопходните дигитални вештини за водење на бизнис со е-трговија и консултативна и финансиска помош за отворање нов продажен канал, односно поддршка на 40 домашни компании да отворат своја е-продавница. 

Интерактивната веб платформа www.ecommerce4all.mk е наменета за сите граѓани и опфаќа насоки за тоа како да се основа една онлајн продавница, какви се условите што ги нудат банките за започнување со онлајн продажба, кои се поштите што нудат достава и по кои цени, кои се процедурите за увоз или извоз на производи, кои се правата за заштита на купувачите итн.

Платформата се развива во различни делови и покрај овие информации за регулатива, плаќање и достава, ќе содржи и еден вид регистар на легални е-продавници што ќе овозможи граѓаните да можат да ја проверат е-продавницата, пред да направат онлајн нарачка и со тоа да се посигурни и позаштитени при правењето на онлајн нарачки.

Самата платформа е многу корисна за сите оние кои сакаат да заштедат време и енергија, и на едно место да ги изнајдат информации што би им биле од корист, а се во врска со започнување или водење на свој онлајн бизнис. Платформата е бесплатна и дефинитивно ја препорачувам и на оние кои се решени да започнат свој бизнис онлајн, но и за оние кои што  се љубопитни или само сакаат да се едуцираат повеќе за онлајн купување и продавање на производи или услуги.

Според тебе, какви видови компании се потребни во моментов на македонскиот пазар, споредено со твоето меѓународно искуство?

Во денешно време не треба да бидете големи за да бидете глобални. Интернетот го смени тоа засекогаш и затоа сметам дека само треба да имате добра идеја, желба за непрекинато надоградување и учење, упорност и истрајност.

На македонскиот пазар сметам дека постои простор да се создаваат компании кои ќе го стимулираат домашно производство и евентуален извоз на производите. Не зборувам за компании од големи размери, туку за мали и флексибилни компании што можат да одговорат на потребите на модерниот купувач и на интернационалната побарувачка.  Особено гледам потенцијал во компании кои би работеле со прекугранична е-трговија, кои можат да се водат од комфорот на својот дом, канцеларија или било која друга неутрална локација.

Лани, во рамките на активностите на Асоцијацијата за е-трговија, организиравте мастерклас за жени во е-трговија? Зошто сметавте дека е важно да се организира настан посветен исклучиво на жените во оваа индустрија?

Атмосферата по успешно одржаниот мастерклас

Со цел да инспирираме што повеќе жени и да им помогнеме на жените претприемачи да имаат место и глас при креирањето политики за поинклузивна дигитална економија, го организиравме овој мастерклас кој беше наменет за жени од сферата на дигиталната економија од Западен Балкан. Настанот го организиравме заедно со UNCTAD и со Министерството за Финансии на Република Северна Македонија, односно Нина Ангеловска која е една од првите 7 амбасадорки за е-трговија во светот.

Мастеркласот беше совршена можност за учесниците да се вмрежат со други жени од регионот, да можат да ги покажат своите е-бизниси меѓу себе, да научат важни нови работи од искусни и докажани говорници на забавен и интерактивен начин, како и да ги споделат своите успешни приказни, предизвици и искуства при работењето.

Сметам дека одржувањето на еден ваков настан треба да стане традиција, која ќе ја подигнува свеста за можностите, предизвиците и решенијата поврзани со е-трговијата во земјите од Западен Балкан, за да даде поттик на што повеќе жени од нашата земја и регионот да отворат свои е-бизниси, да се вмрежуваат и соработуваат повеќе, како и да се поддржуваат и да ги охрабруваат другите жени, создавајќи моќен глас за жените во дигиталната економија.

Колку за тебе е важна поддршката за жените претприемачи, во рамки на подигање на целокупната економија на земјата? Дали постои доволна поддршка за жените претприемачи и менаџери кај нас? Што би требало дополнително да се направи во оваа насока?

Поддршката на секој претприемач му е од големо значење, но сепак би кажала дека на жените им е од особено значење. Можеби затоа што не секогаш се толку храбри како мажите, иако се еднакво добри и вредни. Инаку, сметам дека постои поддршка, но секогаш  постои простор за повеќе. Дефинитивно би било од голема корист спроведувањето на повеќе јавни повици за финансирање и грантови со финансиска и нефинансиска поддршка за жените сопственици на бизниси, како и настани за вмрежување каде би се споделувале искуства и инспиративни приказни, како и настани за стимулирање на соработката и на локално и на регионално ниво.

Умни млади жени одоговорни за развојот на електронската трговија кај нас

Како жена на менаџерска позиција која соработува со други жени, дали веруваш дека овој сегмент од прептриемачкото работење е доволно освестено кај нас? Дали има доволен број жени на клучни функции во компаниите? Доколку не, како може да се надмине оваа ситуација?

Свесни сме дека пред 20тина години се` уште беше табу тема жените да бидат поставени на менаџерски позиции, но сметам дека тој тренд се` повеќе избледува и компаниите стануваат се` пофлексибилни и поотворени во однос на доделување на менаџерски позиции. Мислам дека особено во последно време, се` повеќе и почесто има жени на клучни позиции во компаниите ширум Македонија, но секако постои и простор за зголемување на овој број.

Во Македонија има голем број успешни примери на жени претприемачи и менаџери, но имам чувство дека нивните успеси не се промовираат доволно силно и не се истакнуваат премногу ако ги споредиме со успесите на нивните колеги мажи. На што мислиш дека се должи оваа ситуација?

Не сум сигурна дека се согласувам со ова. Мислам дека со доаѓањето на интернетот и социјалните медиуми на сцена, голем број на жени и особено млади девојки, воопшто не чекаат да бидат промовирани или пофалени од некој друг, едноставно работат на себе, се развиваат, растат професионално и притоа ги споделуваат своите успеси со остатокот од светот. Мислам дека барем кај помладите генерации сосема е неважно дали некој е маж или жена, туку дека на крајот на денот се сведува на тоа колку некој е вреден и соодветен за извесна работа или пак колку е храбар за отворање на сопствен бизнис.

Кој е твојот совет за жените кои сакаат да основаат сопствен бизнис и сакаат да напредуваат во кариерата?

Би сакала да ги охрабрам сите жени да веруваат во себе и во својата идеја, да започнат со бизнисот што одамна сакаат да го отворат и да се насочат кон тоа што би можеле да го добијат доколку успеат и напредуваат во кариерата и сопствениот бизнис.

Исто така, би сакала да ги советувам да се обидат да работат во различни тимови и да експериментираат со различни сектори за да стекнат интердисциплинарно искуство, но притоа и да бидат истрајни и посветени и да не се откажуваат од својот сон. Трудот секогаш се исплати!

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -