Марина Нацка: „Драго ми е што сум дел од женско лоби и соработувам и запознавам успешни жени кои се пример и мотивација за останатите“

Марина Нацка е една од најмладите професори на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Покрај тоа што работи како предавач и истражувач на нејзината матична институција, Марина е вклучена во еден многу значаен проект на кој соработува со ресорните министерства и други засегнати институции, чија цел е подобрување на условите на живот на жените во руралните средини. Оваа модерна и амбициозна жена, истовремено е и посветен родител, со широки сфаќања и убедувања. Дозјнајте повеќе за нејзините ангажмани во интервјуто што следува.

Марина, работиш како професор на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје. Си одбрала област која традиционално не се поврзува со жени. Што те натера да го изучуваш земјоделството? Во кој дел од оваа област најде личен предизвик?

Бев четврта година во гимназијата „Орце Николов“, спремна да одлучам помеѓу Економски факултет или Природно-математички факултет, насока информатика, по желба на мојот татко. Тој инстистираше да се запишам на Економскиот факултет, но јас не се чувствував сигурна и се спротивставував на неговиот избор. Таков ми е карактерот, сакам јас да одлучам, да кажам кој е мојот став и што сакам, без да ми наметнуваат мислења, дури ни најблиските. Му велев: „Јас ќе одлучам. Уште не сум сигурна, но знам дека не сакам општествени науки, сакам природни науки“. Отидов на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје да разговарам со тогашниот декан. Бидејќи завршував општа гимназија, ме насочи кон новата насока на факултетот – агроекономија што подразбира изучување на економијата, односно примена на економски методи, практики и политики во земјоделството, со вклучени теренски посети, соработка со земјоделски производители и компании во секторот. Додека траеше разговорот, јас веќе одучив дека тоа го сакам и дека ми е голем предизвик да ја изучувам таа област и да го запознавам земјоделскиот сектор. Немав никави предрасуди дека сум жена. Верував и уште верувам дека најважни се воспитувањето и знаењето, а најмалку родовата припадност.

Истовремено си и семеен човек, мајка си на две прекрасни деца. Дали е тешко да се најде доволно време за справување со професионалните и семејните обврски? Дали има разбирање во твојата непосредна средина за сите активности на кои се ангажирана?

Не е лесно. Но, најважно е дека многу ја сакам и уживам во мојата работа и професија. Тоа ми е силен мотив за голема посветеност, добра организација на времето и активностите и силна истрајност да ги постигнувам сите мои поставени цели. Бев четврта година на факултет, со понудена стипендија за магистерски студии во Шведска, кога бев бремена со моето прво дете. Тогаш си поставив цели и решив дека во следните 8 години, ќе дипломирам во рокот, ќе запишам магистерски студии, ќе магистрирам па ќе се запишам на докторски студии и ќе докторирам. Тој период го поминав во читалната на библиотеката „Браќа Миладиновци“ со многу посветеност и прецизна организација на времето, но пред сё имав голема поддршка од мојот сопруг и семејството. Тој ја поддржа мојата амбиција и желба да ги остварам целите во животот и ме поттикнуваше постојано да го следам тоа што искрено го сакам и во што вложувам многу труд за да го остварам. Токму ова е најзначајниот дел кој навистина го ценам. Веруваше дека можам многу да постигнам и постојано го поддржуваше мојот ентузијазам, иако изгледаше многу амбициозно и можеби нереално во одредени периоди во тие осум години. Затоа, успеавме заедно.

Неодамна работеше на еден многу важен и значаен проект. Факултетот со поддршка на UN Women, во соработка со Националната федерација на фармери, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството,  и министерствaтa за земјоделство, и за труд и социјална политика, како и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, успеавте заеднички да издејствувате промени во креирањето на Мерка за поддршка на жените во руралните средини. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за овој проект? Дали наидовте на соработка од страна на институциите, имаа ли тие слух за тоа што го барате?

Проектот „Мерење на нивото на зајакнатост на жените во  земјоделството со примена на експериментален економски метод“ е прва и многу значајна соработка меѓу Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје и телото на Oбединетите Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women. Целта ни беше да работиме на истражување со примена на напредна методологија (експериментална економија), кое ќе обезбеди резултати базирани на докази. Врз основа на резултатите дадовме препораки на институциите – креатори на политики, за потребните промени во земјоделскиот сектор кои можат да ги подобрат условите за работа и живот на жените во земјоделството и руралните средини. За таа цел, од самиот почеток на проектот, формиравме Советодавен одбор со претставници кои работат на прашањето на родова еднаквост од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за финансии, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Националата федерација на фармери. Целта беше да постигнеме хоризонтална и вертикална институционална со цел следење на проектот и активностите од самиот почеток, за да може потоа заедно да влијаеме на оставарување на препораките кои произлегоа од проектните активности и резултатите. Наидовме на голема соработка и поддршка од институциите, бидејќи институциите номинираа претставници и претставнички кои ја поддржуваат родовата еднаквост и ја препознаваат значајната улога на жените во земјоделскиот сектор и руралните средини. Сите членови силно се залагаа за остварување на проектните и теренските активности за да добиеме резултати и препораки значајни за донесување на одлуки и подобрување на дизајнот и имплементацијата на одредени политики и програми во земјоделството. Се случија суштински промени во мерката за поддршка на руралните жени, која е дел од од Националната програма за финансиска поддршка на руралниот развој.

Каква промена очекуваш да донесе имплементирањето на овој проект?

Една од препораките на проектот беше да се формира работна група за родова еднаквост и зајакнување на жените во рамките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со претставници од засегнати страни, која ќе работи на континуирано следење и вклучување на родовата перспектива во политиките и  програмите за земјоделство и рурален развој. За таа цел Министерството потпиша меморандум за соработка со UN Women со кој се формираше работната група и со кој се обврзаа да обезбедат техничка поддршка за спроведување родова анализа во стратегиите и програмите, поддршка во собирање на родово разделени податоци со цел да се анализираат ефектите на мерките и политиките, и развивање на последователни интервенции и родово специфични мерки за адресирање на препораките кои произлегоа од проектот. Исто така се изготви и студија за мерење на нивото на зајакнатост на жените во земјоделството со примена на експериментален економски метод. Работнатата група работеше и на дефинирање на критериумите за Мерката 115 од Националната програма за финансиска поддршка на руралниот развој, која се однесува на поддршка на жените – носителки на земјоделски стопанства во развивање и поддршка на нивните бизниси. Она што е значајчно за мене и тимот на професори од Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, во соработка со професори од Универзитетот во Арканзас и Земјоделскиот универзитет во Атина, е тоа што во идниот период, ќе работиме на научното истражување со примена на современа методологија за мерење на ефектите од финансиската поддршка врз зајакнувањето на жените во земјоделството и руралните средини. Со обезбедување на резултатите и нивна анализа, ќе се дадат значајни препораки во однос на постигнување на ефектот од поддршката, како и кои би биле можните потребни промени со цел постигнување директен и одржлив ефект од поддршката за подобрување на условите за работа и живот на жените во земјоделството и руралните средини.

Проектот се однесува на жените во руралните средини и нејзината вклученост во процесите на носење одлуки. Што станува со жените во урбаните средини во нашата земја, дали нивната улога е јасно дефинирана и перцепирана од страна на јавноста?

Сметам дека и во руралните и во урбаните средини постојат одредени стереотипи за тоа каква е и каква треба да биде улогата на жените. Тоа го потврдуваат и одредени теории за социјален идентитет кои ја нагласуваат улогата на средината, улогата на семејството во дефинирање на стереотипите на однесување уште во првите години од раѓањето на жените. Во руралните средини, тие стереотипи и традиционални норми се поизразени, но сметам дека сё уште се присутни и во урбаните средини, иако во градовите промените и прилагодувањата побрзо се чувствуваат.

Дали сметаш дека се променети работите во однос на жените кои се занимаваат со сопствен бизнис и дали се тие прифатени во нашето општество?

Жените кои се занимаваат со сопствен бизнис се прифатени во нашето општество. Но, она што сметам дека е пречка на жените за поголема иницијатива за почеток на сопствени бизниси, се услугите како дел од општеството, средината, системот, кои треба да им овозможат полесен пристап и еднакви услови за мотивација и почеток на сопствен бизнис. Познавам жени кои не се „осмелиле“ да ги развијат идеите во сопствен бизнис од причина што имаме „наметнати“ улоги во општеството, кои од една страна се навистина значајни за одржување на семејството, но од друга страна, не постојат доволно развиени услуги кои ќе ја овозможат распределбата на обврските и еднакви можности за жените за личен и професионален развој.

Во С. Македонија се зборува за жени претприемачи и за успешни жени од пред неколку години. Дали веруваш дека веќе постои т.н. женско лоби кое ги движи работите на прав пат?

Да, сметам дека има зголемена свесност и активност од групи кои делуваат во разни сектори. Оваа динамика ќе продолжи и понатаму, согласно глобалните политики и активни програми за поддршка на родовата еднаквост. Сепак мора континурано да се работи на одржливи резултати кои носат долгорочен ефект и суштински промени во општеството. Драго ми е што и јас сум дел од женско лоби и имам можност да соработувам и да запознавам успешни жени, жени претприемачки, жени менторки кои преку нивното искуство се пример и мотивација за останатите жени. Особено ми е драго што познавам и соработувам со успешни жени кои се занимаваат со земјоделството и живеат во рурални средини. Тие се посебни жени, со неверојатна способност, енергија и посветеност кон работата и приватниот живот. Треба да бидат пример за сите нас, а ние да продолжиме несебично да се вложуваме за да се подобрат нивните услови за работа во земјоделството и живот во руралните средини.

Дали сметаш дека е едноставно да се биде успешна жена тука во споредба со останатите развиени земји, односно дали постои вистинска родова еднаквост кај нас или таа само фигурира на хартија?

Имам можност преку студиски патувања, посети и соработки, да споредам и воочам разлики меѓу нашата земја и останати равиени земји. Нашиот факултет соработуваше 10 години со Земјоделскиот Универзитет од Упсала, Шведска. Од почетокот на соработката, започнавме со воведување на родова еднаквост во секоја проектна активност и генерално во целокупната заедничка работа. Ние бевме изнендадени како успеале родовата еднаквост да ја вградат во секој дел на нивното живење и работење, а тие беа изненадени како живееме во средина во која не се прифатени исти услови и можности за жените и за мажите и каде што не се чувствуваме рамноправни во носењето одлуки, во изборот на начин на живеење, работење, итн. Не е едноставно да си успешна жена кај нас бидејќи успехот зависи од многу фактори, а сите тие треба да се усогласат во дадени моменти. Родовата еднаквост постои на хартија (иако постои можност за подобрување на одредени стратегии и програми кои се однесуваат на политиките за земјоделстово и рурален развој). Но, потребно е системско и ментално вкоренување за нејзино применување како начин на однесување и еднакво почитување на жените и мажите во општеството.

Кој совет им го даваш на твоите студенти во насока на нивниот професионален развој?

Прво да се почитуваат како колеги и колешки, пријатели кои заедно минуваат неколку убави години од нивниот живот. Да соработуваат и да се поддржуват меѓусебно. Да бидат слободни да го кажат и бранат својот став, да бидат критични, да бидат свои и сигурни во себе, да знаат дека токму тие се силата која треба да го движи општеството. Да сфатат колку се значајни и колку можат да бидат моќни за да прават промени во општеството. Да не престанат да се борат за остварување на своите цели. Да бидат постојано будни и да ги искористуваат моментите и шансите да научат повеќе, да видат повеќе, да се здобијат со поголемо искуство. Да не се срамат од работа, да не се плашат од непознатото и да се впуштаат во нови предизвици, во посети на други земји, универзитети. Да вложуваат во своето знаење и да го пренесуваат за развој на земјоделскиот сектор.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -