Македонија: Субвенции во висина од 500 евра за семинари, обуки и конференции организирани во домашните хотели

Министерот за економија Крешник Бектеши на прес конференција денес најави уште една мерка за поддршка на туризмот која што беше најавена во третиот сет мерки на Владата, од програмата за справување со последиците од Ковид 19,во рамките на Министерството за економија.

Министерот Бектеши истакна дека поддршката на домашниот туризам, кој е еден од најпогодените сектори од коронакризата, е главен приоритет на Министерството за економија, а од почетокот на пандемијата, Владата по предлог на Министерството за економија, донесе низа мерки за поддршкa на на овој сектор.

„Денеска сакам да ве информирам дека стартуваме со уште една мерка за поддршка на туризмот. Министерството за економија до Владата предложи Програма со која ќе се субвенционираат настани кои ќе се организираат во категоризирани угостителски објекти во државата. Мерката предвидува покривање на 50% од трошоците, но не повеќе од 30.000 денари по апликант за организирање на обуки, семинари, конференции во домашни туристички капацитети од страна на сите, здруженија, компании, како и институции кои планираат да организираат настани во рамките на своите активности“, истакна министерот Бектеши и потенцираше дека мерката предвидува покривање на трошоците само за изнајмување на просторот за организирање на настанот во домашните хотелско-угостителски објекти.

Услови за аплицирање

„За реализација на оваа програма, Министерството за економија ќе објави Јавен повик за доделување на субвенции за кофинансирање на трошоците за организација на настани, а за реализирање на истата се обезбедени 15 милиони денари или 245 илјади евра. Еден апликант може да поднесе најмногу до 3 (три) барања за кофинансирање на трошоците за организација на настани. Апликантот до Министерството за економија доставува барање со прилог резервација на сала за обуки, семинари, конференции и слично и договор со угостителскиот објект со прилог фактура и краток опис за настанот. Министерството за економија потпишува Договор со организаторот на настанот и во рок од 7 дена по потпишување на истиот, одобрените средства се префрлуваат на сметка на организаторот на настанот,“ појасни министерот Бектеши.

Платформата domasiedoma.gov.mk (pushimenevend.gov.mk) ќе биде функционална неделава

Министерот кажа дека тековно се реализираат и останатите мерки во рамки на Министерството за економија за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор.

„Сакам да информирам дека во завршна фаза е Платформата domasiedoma.gov.mk и pushimenevend.gov.mk, преку која ќе се реализира мерката за ваучери за домашен туризам на Министерството за економија. Платформата ќе биде оперативна до крајот на неделата.Преку оваа Платформа Министерството за економија ќе ги испрати ваучерите за домашен туризам на сите граѓани кои ги исполнуваат условите. Ваучерот кој ќе содржи QR код ќе биде испратен по емаил кој што граѓаните го имаат доставено до Управата за јавни приходи,“ кажа Бектеши.

Тој појасни дека мерката предвидува сите вработени граѓани кои имаат приходи кои не надминуваат 15.000 денари месечно да добијат ваучер од 6.000 денари кој ќе можат да го искористат во домашните туристички објекти, но и платежна картичка од 3.000 денари која ќе може да ја користат во сите угостителски објекти во државата.

„Граѓаните ќе може и на Платформата да проверат дали се на листата, односно дали ги исполнуваат условите за ваучер за домашен туризам, а исто така ќе можат да изберат каде, односно во кој туристички и угостителски капацитет низ државата ќе може да го употребат. На Платформата ќе бидат објавени понудите на сите катагоризирани туристичко-угостителски објекти низ државата, односно капацитетите со кои располагаат за да примат туристи,“ потенцираше министерот.

Граѓаните ќе можат да ги користат ваучерите за одмор во домашните туристички капацитети од 15 јули до 15 декември 2020 година, а предвидено е мерката да опфати над 115 илјади граѓани.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -