Лекции за пичирање што нема да ги научите на факултет

Сум сретнал многу луѓе. Тоа е едно од најинтересните и најисполнителните аспекти од мојата работа. Имено, работам како гостин предавач на факултети и колеџи, одржувам предавања и говори, и консултирам институти и компании за да им помогнам да ги решат нивните најзамрсени проблеми. И во процесот на среќавање на овие луѓе, постојано слушам пичови, предлози, бизнис планови и идеи за производи. Меки пичови, консултантски пичови, инвестициски пичови, „лифт“ пичови, се` до едноставното : „Дали можам да го добијам твојот совет за нешто што работам?“. Вака Фред Даст, основач на Making Conversation LLC, и дизајнер, автор, едукатор, консултант и советник за социјални и бизнис лидери, ја започнува својата статија за бизнис сајтот Водич за претприемачи.

Советите што следат во продолжение се еден вид трикови за вашиот следен пич што повеќето економски факултети или онлајн курсеви нема да ги споделат со вас. Искористете ги, или игнорирајте ги, на сопствен ризик.

Не користете го терминот „етички“

Сфаќаме дека се обидувате да го спасите светот. Но освен ако не сте непрофитна организација, ако ми кажете дека сакате да го измислите етичкото одгледување говеда или што и да е етично, тоа ми дава сигнал дека не сте заинтересирани за правење пари.

Дали вашиот производ помага во подобрувањето на животите на луѓето на значаен начин? Да, супер. Тогаш кажете го тоа.

Дали вашиот бизнис помага да се поправи нерамнотежа на пазарот или асиметрија која доведува до обесправување на група луѓе или предизвикува ненамерни последици на средината? Одлично, кажете ми го тоа.

Терминот „етички“ е субјективен суд претворен во интересен збор што одѕвонува во мислите кога ќе го слушнете. Практичните влијанија или ефекти ми кажуваат дека треба да знам за вашата визија. Целете кон тоа.

Не уништувајте ја тишината

Има еден момент во секоја пич презентација кога основачот се соочува со непријатна тишина. Целосно е природно во тој момент да посакате да ја надминете тишината со повеќе информации, повеќе муабет, или пак со некаков саркастичен коментар или глупава шега, искажани само за да се намали тензијата. Мојот совет е: не подлегнувајте на искушението. Тишината што виси во воздух има две цели.

Прво, мене лично понекогаш ми е потребна тишина за да можам да ги процесирам и сварам информациите што ги слушам или да размислувам на продуктивни начини, така што ако ми го дозволите просторот за размислување во тишина, значи дека го почитувате моето време.

Второ, тишината исто така ми сигнализира дека постои сигурност кај основачот на бизнисот. Дека тој нема прекумерна потреба од мојата афирмација, или одговор, итн.

Ако сме завршиле или е време да си заминете, тогаш дозволете ми галантно да го сумирам состанокот. Во спротивно, прифатете го моментот на тишина за да земете воздух и да ги смирите мислите додека ми давате време и јас да го направам истото.

Не потпирајте се на вашата харизма

Премногу често среќавам основачи на бизниси или претприемачи кои се потпираат на нивната харизма, мислејќи дека таа ќе ги пополни празнините или кои било слаби точки во нивната понуда.

Баш неодамна се сретнав со еден основач кои беше еден од најпријатните, енергични и харизматични луѓе кои ги сретнав во текот на целата година. А сепак, неговиот бизнис план имаше премногу дупки. Бизнис планот се` уште ги немаше поправено местата што му беа посочени како недоволно разработени за време не процесот на пичинг. Поентата е дека на спектарот од „ќе сфатиме што да правиме кога ќе стасаме таму“ наспроти „размислив за секоја можна непредвидена ситуација и можно сценарио“, според моето искуство, луѓето со голема харизма се склони да размислуваат на првиот начин бидејќи се шармантни и можат да си дозволат да поминат со тоа.

Заклучокот е: ако тоа сте вие, ако случајно сте симпатични и отворени, и зрачите со харизма, заштитете се од ваквите мислења за себе со тоа што ќе бидете прекумерно подготвени, така што вашиот шарм ќе биде само црешата на шлагот.

Не истакнувајте го тоа што другите го зборуваат за вас

Патот на претприемачот е манијакален. Бидете отворени и флексибилни за повратни информации, но имајте и јасна, цврста визија и мотив. Бидете понизни и благодарни кога сте во процес на собирање пари или пронаоѓање инвеститори, но немојте да се претставувате себеси како себични или подредени. Линијата е тенка.

Еден од најдобрите совети што можам да го дадам на секој претприемач кој се „продава“ себеси, неговиот производ или бизнис на пичот, е дека би требало да го прифати концептот дека во моментот кога ќе ја напуштите средбата на Зум или ќе си заминете од салата, луѓето ќе почнат да ве зборуваат за вас зад грб. Една од целите на тој разговор е да се дискутираат сите можни начини на кои сте погрешиле. Секоја можна причина зошто вашата идеја не чини. Секоја можна причина зошто вашиот бизнис не би успеал. Најнадежните претприемачи и основачи и иноватори не само што знаат дека зборувањето зад грб е неопходен дел од играта, туку и го посакуваат тоа. Тие знаат дека таму лежат вистинските повратни информации.

Еднаш, еден основач си отиде од пичот со прашањето дали може да му доставивме анонимни коментари и записник од сите разговори што ќе ги имаме по неговото заминување, за да може да го подобри и пичот и производот, дури и ние да не сакаме да инвестираме во него.

Во суштина, тој бараше рани повратни информации и критики од потенцијални клиенти. Ова зборува за се` што треба да знаете за неговиот начин на размислување и отпорност.

Накратко. Употребата на интересни, примамливи зборови што не значат ништо, како „етички“, сведете ги на минимум; не плашете се од тишината; гледајте шармот да не ви биде патерица; и на крај, научете да го сакате и прифатите зборувањето зад грб.

Извор: Entrepreneur’s Handbook

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Македонската Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот со национален...

Десет македонски компании, кои заеднички изложуваат свои производи на националниот павиљон, оваа година учествуваат на дигиталното издание на Хановер Месе, пренесува бизнис...
- Advertisment -