Ладен туш наутро – рутината на најпродуктивните луѓе

Можеби за тие кои се навикнати да си кажуваат себеси „уште 5 минути“ кога ќе се разбудат наутро на звукот на алармот, под пуфкаст јорган и во топлот кревет, оваа идеја им е далеку од умот. Но, не станува збор за ништо ново и голем број од најпродуктивните извршни директори во светот ја применуваат рутината: стануваат веднаш, без двоумење, многу рано и се тушираат со ладна вода, пишува Даниел Коломбо, фасилитатор и мастер обучувач за ЛинкедИн.

Оваа практика е позната уште од антички времиња. Хипократ, грчкиот доктор роден во 460 год п.н.е., кој важел за еден од најголемите доктори на сите времиња, им ја препорачувал оваа практика на пациентите како лек против многу болести.

Во денешно време, Кристијано Роналдо е еден од првите спортисти кој се тушира со ладна вода за да ги опорави воспалените мускули. Лејди Гага е многу пати фотографирана како ја применува оваа активност во сопствена варијанта, т.е. таа се капе во лед.

Исто така, капењето во ладна вода во мугрите има свои следбеници и во корпоративниот свет. Еден таков случај е Џек Дорси, ко-основач на Twitter, кој не само што припаѓа на т.н. „Клуб за 5часот наутро“, за оние кои стануваат кога пее петелот, туку и првото нешто што го прави е долг туш со ладна вода. Тој потоа оди во сауна околу 15 минути, а потоа вежба медитација и свесно присуство. Дополнително, пешачи 8 километри секој ден до канцеларија и назад.

Кога топлата вода била луксуз

Во старо време, топлата вода била сметана за луксуз, па било вообичаено луѓето да се капат со ладна вода.

Првите тушеви биле развиени од Атињаните, додека Спартанците спиеле на дрвени подови, редовно вежбале по два часа дневно и потоа оделе во бања со ладна вода.

Некои култури користат ладна вода како дел од нивните церемонии, како што е јапонската шинто религија и ритуалот на телесно и духовно чистење под водопад; додека пак старите самураи си истурале кофи ледена вода на глава наутро со истата цел, а и како начин на зголемување на телесната енергија. Во Русија и Финска, популарен обичај е во текот на зимата да излезете од сауна и веднаш да се нурнете во смрзнати езера, опколени со снег.

Во мојот случај, јас веќе ја имам рутината да се капам со ладна вода секое утро, споделува Коломбо. На почетокот имате чувство на вистински термален шок, но како поминуваат деновите, телото се привикнува и почнувате да уживате. Научниците посочуваат дека се потребни во просек 10 дена еден по друг за телото да се навикне.

Секако, пред да ја направите оваа промена во навиките, неопходно е да се консултирате со лекар професионалец. На пример, тушевите со ладна вода не се препорачуваат за бремени жени или жени во менструален циклус, бидејќи женското тело е веќе во стресна ситуација и не би било соодветно да се изложува на уште еден стрес фактор. Или пак, доколку се чувствувате настинати, грипосани или имате хронични болести поврзани со срцето и белите дробови, тогаш не треба да посегнувате кон оваа практика.

Користа од капењето во ладна вода

Голем број истражувања за користа од капењето во ладна вода по утринското будење биле спроведени до сега. Еден од главните бенефити е инстантно освестување, што моментално ја отстранува типичната утринска поспаност.

Исто така, целиот организам добива повеќе енергија побрзо, и се чувствувате поагилни и силни во текот на целиот ден.

Поголема јаснотија е уште една опиплива последица бидејќи вашите неврони брзо испалуваат и вие сте на повисок степен на готовс. Токму затоа, многу извршни директори, амбициозни луѓе и супер-продуктивни лица се склони да ја применуваат оваа рутина наутро.

Доколку сакате вие да го започнете денот на овој начин, во продолжение се бенефитите од ладните тушеви рано наутро.

Го подобруваат здравјето

Бидејќи срцето чука побрзо и мускулите малку се напрегаат, дотокот на крв по целото тело е подобрен, што ја помага целата циркулација.

Го стимулира лачењето на хормони против депресија

Депресијата и нејзината физичка манифестација се пропратени со промена на одредени хормони во телото, конкретно серотонин, допамин и норадреналин, ендорфин и кортизол. Бањите со ладна вода, во некои случаи, помагаат да се спречи или да се третира ова заболување. Запомнете дека секогаш треба да се консултирате со медицински професионалци на оваа тема.

Ја зголемуваат енергијата

Допирот на ладната вода со кожата ги зголемува нивоата на енергија, бидејќи нервните завршетоци се активирани, вие дишете побрзо и срцето чука посилно.

Подобра толеранција на стрес

Изложувањето на ладна вода помага да се подобри менаџирањето на стресот, и како последица на тоа, севкупниот имун систем станува посилен. Од медицинска гледна точка, бањите со ладна вода се користат за намалување хронична болка, подобрување на функцијата на бубрезите и квалитетот на сонот, особено поради чувството на добросостојба и опуштање по шокот од ладната вода. Овој вид бања исто така го подобрува изгледот на вашата кожа и коса.

Го зголемува респираторниот капацитет

Природно е да хипервентилирате кога влегувате под туш од ладна вода, односно дишете брзо и длабоко. Тоа е телесниот одговор на термалниот шок, и бидејќи сакате да се смирите и да го направите искуството попријатно, почнувате да земате длабоко воздух, на истиот начин кога нешто ве вознемирува и го одбирате токму овој метод да се смирите.

Ја прави вашата волја посилна

Ако не сте навикнати, туширањето со ладна вода на почетокот воопшто не е пријатно. Така што, вашата одлука да ја воведете оваа практика во утринската рутина изискува храброст и волја. Со повторувањето на ова дејство на дневна основа, волевиот центар во вашиот ум станува посилен, и потоа можете овој принцип да го примените во различни области во вашиот живот.

Надминувате предизвик

Секое дејство што ве предизвикува ви помага да ја развиете самопочитта. На почетокот можеби ќе ви делува тешко, но ако сте упорни доволно долго и го правите ова со спартанска редовност, ќе почнете да чувствувате поголема безбедност и регулација на сопствените емоции кога ќе сте соочени со нови предизвици. Кога се изложувате на ладната вода има процес на аклиматизација, и нивоата на норадреналин и тироксин се зголемуваат, односно двата хормони на т.н. „добар стрес“.

Како да го направите туширањето со ладна вода навика

Како и секоја друга навика, морате да ги генерирате вистинските тригери и мотиватори за да бидете во можност да ја истерате докрај.

Направете го тоа или наеднаш или малку по малку

Вие одбирате како ќе почнете. Можете да почнете со топла вода, како што вообичаено правите, и кон крајот на туширањето, постепено да ја намалувате температурата на водата во текот на една недела, додека да успеете да останете под ладна вода барем три минути. Или пак, веднаш застанете под млазот ладна вода.

Почнете во лето

Приспособувањето на вашето тело во период на високи температури ќе ви помогне да ја издржите праксата во зима.

Имајте на ум дека е потребно време и истрајност

Ако мислите дека засекогаш ќе се капете на овој начин, тогаш најверојатно центарот за награди во вашиот мозок ве ограничува во стекнувањето енергија што ви е потребна да го постигнете ова. Наместо овој пристап, размислувајте за туширањето со ладна вода како нешто што го правите „само денес“, и ќе видите дека овој пристап ќе ви донесе подобри резултати.

Подобро е ако претходно се испотите

На пример, некоја рутинска каква било вежба пред да се туширате со ладна вода ќе ве однесе далеку. Всушност, тоа е техника за опоравување што се користи од елитните спортисти за да го спречат заморот на мускулите.

Дишете, земајте длабоко воздух

Еден предлог е постојано да се фокусирате на дишењето. Земете длабоко воздух преку нос, а испуштајте го преку уста. И повторете. Ако сакате да пеете, ова е моментот кога тоа можете да го правите со сета ваша сила. И, исто така можете да го истегнете телото на различни начини. Ова се стратегиите што ќе ви помогнат да ја инкорпорирате навиката.

Извор: Entrepreneur

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -