Која е целта на канцеларијата и дали се` уште ни е потребна?

Вработените во LendingTree, компанија која работи како пазар за заеми онлајн, лоцирана во Шарлот, Северна Каролина, се` уште работат од бироа и каучи, во дворови и во библиотеки. Но, наместо да го прават тоа на далечина, тие се наоѓаат во корпоративните канцеларии што се повторно дизајнирани за да вклучуваат средини што го имитираат работењето од дома, пишува Кејт Морган за Би-Би-Си.

„Станува збор за мешавина од домашно и комерцијално чувство,“ вели Џил Олмстед, одговорна за човечки ресурси и администрација во комапниајта. „Идејата е дека тука е удобно и дека сакате да сте тука исто толку колку што сакате да сте дома“.

Кога светот премина на работа на далечина со почетокот на пандемијата, способноста на вработените да се прилагодуваат брзо стана очигледна. Огромен број луѓе, кои наеднаш беа приморани да работат од дома, беа способни добро да ја извршуваат работата, а во некои случаи, дури и подобро отколку во канцеларија. Една анкета која опфаќа близу еден милион работници во САД вработени во компании на листата Фортун 500, покажува дека продуктивноста била стабилна или се зголемиле откако вработените почнале да работат на далечина.

Накратко, работниците докажаа дека работењето на далечно ем е возможно, ем е профитабилно. Некои големи, воглавно технолошки компании,  вклучувајќи ги Фејсбук, Апворк и Слек, преминуваат кон трајно работење на далечина.

Многу други, од друга страна, го охрабруваат враќањето назад во канцеларија, или половина или целосно работно време.

Но, сега кога гледаме дека можеме да ги извршуваме работните обврски ефикасно од дома, и најдовме методи да бидеме поврзани со колегите, зошто навистина служи канцеларијата – и дали е возможно да ги натерате вработените да сакаат да бидат таму? Ова е прашања за кое компаниите се трудат да најдат одговор.

Што нуди канцеларијата

Во однос на ефикасноста, вели Итан Бернстеин, вонреден професор на Факултетот за бизнис на Харвард кој предава деловна администрација, канцеларијата не е неопходна за продуктивноста. Но, само затоа што не треба да сме во канцеларија за ефикасно да ги извршуваме нашите задолженија, не значи дека таа е непотребна. Има неколку функции што физичкиот канцелариски простор може да опслужи, вели професорот, дури и кога луѓето сработуваат голем дел од работата дома.

„Ако размислувате за канцеларијата како за додаток, тогаш се запрашувате што можат канцелариите да сторат што работата на далечина не може,“ вели Бернстеин, „но, како можеме да ја користиме канцеларијата што може да го направи тоа што го работиме на далечина поефикасно? Ако работата на далечина стане нешто што се подразбира, тогаш можеби канцеларијата е тука за да засили одредени врски, за да овозможи запознавање меѓу луѓето и намерно создавање долгорочни односи“.

По повеќе од година со работа на далечина со полно работно време, Олмстед од LendingTree вели дека новата канцеларија е отворена за ограничен број луѓе пред само неколку недели. Вработени беа замолени да наведат денови кога сакаат да дојдат и да работат во канцеларија, а Олмстед и нејзиниот тим не биле сигурни што да очекуваат.

„Кога ги отворивме термините и кажавме ,дојдете ако сте подготвени’, во рок од два часа ги пополнивме сите,“ вели таа. „Има околу 550 луѓе кои ќе се вратат назад и повеќе од половина се подготвени да се вратат сега. Бевме изненадени од таа бројка и дека има толку многу вработени што толку бргу кажаа ,подготвен сум’, што ни кажува дека им недостасува нешто“.

Што точно им недостасувало на тие луѓе а што е поврзано со канцеларијата е „различно за различни луѓе,“ додава таа. За некои, примарната функција на канцеларијата е социјализацијата. „Знам дека луѓето можат да имаат социјализација во нивните домашни животи, но не секој има,“ вели Олмстед.

За други, канцеларијата обезбедува средина каде што вниманието не им се одвраќа, што можеби не е случај со домашниот работен простор.

„Еден човек ми кажа: ,имам мали деца, жена која исто така работи и работиме од плакарот во спалната веќе цела година’,“ вели Олмстед. „За некои луѓе, кога се во канцеларија се чувствуваат фокусирани, и имаат потреба да избегаат“.

Некои едноставно подобро функционираат на место што е строго наменето за работа, вели Марк Диксон, основач и извршен директор на Меѓународната групација за работна средина (International Workplace Group), со седиште во Велика Британија која издава канцелариски простор во повеќе од 3500 згради во 120 земји.

„Некои луѓе можат да работат од дома, и добри се во тоа и навистина се дисциплинирани. Други се многу поефикасни во канцеларија,“ вели тој. „Можеби дома имаат премногу прекинувања. Лично, сакам да одам во канцеларија бидејќи ако не го правам тоа, ќе работам по цел ден и ноќ. Можноста да си одам од канцеларија е важна ментална пауза“.

Голем број луѓе едноставно не сакаат да работат од дома, вели Бернстеин, или имаат домашни ситуации што им отежнуваат. „Има простор што им дозволува на некои, кои се покомотни поради која и да е причина во простор што не е нивен дом, да работат од други места,“ вели тој. „Има некои луѓе кои би сакале да работат во заеднички простор или канцеларија“.

Со други зборови, се` уште ни се потребни физичките простори – некои надвор од нашите домови – за да ја сработиме работата.

„На луѓето и на компаниите им треба некој вид база,“ посочува Диксон.

Крајот на отворената канцеларија

Иако добата на канцеларијата не е завршена се` уште, улогата што таа го игра во животот на работници се менува и се чини природно дека и распоредот во просторот треба да се смени исто така.

Првичните повратни информации што менаџментот во LendingTree го доби од вработените е дека „тие сакаа различни видови простор,“ вели Олмстед. „Сакаа места каде можат да соработуваат на различни начини; бироа или места каде можат да седнат и да се напијат кафе. Простори налик дневни соби каде можат да седнат и да разговараат. Традиционални простории за конференции. Места каде интровертните можат да побегнат. Места за собирање каде луѓето можат да се сретнат на неформален начин“.

Резултатот е строго напуштање на планот на „отворената канцеларија“ што доминира уште од почетокот на 1096 год, кога Френк Лојд Рајт ја дизајнира административната зграда на Ларкин во Њујорк. Наместо да има голем патос полн со бироа и наведнати вработени врз нив, Олмстед вели дека вработените кои работат во зградата се распределени во широк спектар различни простории.

„Во моментов, можам да проверам во работните простории и да видам третина од нашиот тим,“ вели таа. „Не знам дали и остатокот вработени работат од дома или дали се тука или се во фитнес центарот или некаде во библиотеката“.

Иако International Workplace Group има повеќе од 8000 бироа во нивната широка мрежа деловен простор, Диксон признава дека иднина со во голема мера работа на далечина не само што е возможна, туку и веројатна.

„Веќе се напушта одењето во централните канцеларии на големите компании и стотиците или илјадниците бироа во голема висока зграда, каде луѓето доаѓаат да користат лаптоп и телефон што можат да ги користат исто така добро таму од каде и да доаѓаат,“ вели Диксон. „Чекорот напред се случи благодарение на невидениот научен експеримент што настана во цел свет во еден замав. И функционираше! Знаеме дека едноставно веќе не ни е потребен тој вид канцеларија“.

Да се долгорочни корпоративните седишта

Но, тоа не значи дека на компаниите воопшто не им е потребен канцелариски простор. Всушност, вели Диксон, побарувачката за нашите канцелариски простории во САД порасна за 43% споредено со бројките пред пандемијата. Голем број фирми се селат во модел на хаб, објаснува тој, со многу мали сателитски канцеларии што се достапни за вработените и една голема централна канцеларија што служи како главно седиште на компанијата.

„Владите се` уште бараат да имате адреса. Се` уште постои аналоген свет што ја бараа таа адреса,“ вели тој. „Но, се` повеќе и повеќе, станува збор за хаб каде се обавуваат операциите што е многу помал, каде неколкумина помагаат да се координираат тие кои работат од сите различни места“.

Идејата за такво физичко, централно седиште ќе опстои уште некое време, вели Диксон. Всушност, тој мисли дека тоа ќе биде едно од последните наследства на физичката канцеларија, како што работите ќе продолжат да се обавуваат онлајн.

„За сега, целта на канцеларијата е се` уште да обезбеди идентитет за компанијата. Супстанца. Старовремски работи,“ вели тој. „Тоа е место со нивното име на вратата. Им дава на луѓето смисла за припадност. Ослободувањето од неа е како да имате војска која нема база. Морате да имате место каде можете да ја соберете војската“.

И покрај новостекнатата умешност за користење онлајн алатки за соработка за луѓето кои работат заедно кон заедничка цел, поминувањето време во истата физичка локација најверојатно е непроценливо.

„Веруваме дека голем дел од спонтаната соработка која зависи од конкретниот момент се случува кога ќе налетате еден на друг,“ вели Олмстед. „Мислам дека станува збор за конекцијата со други луѓе кои го работат тоа што и вие. Можете да се поврзете по Зум или телефон до одреден степен. Верувам дека креативната искра се случува поприродно кога сите луѓе се заедно“.

Секогаш ќе има корист од споделувањето физички простор со колеги, вели Диксон, но начинот на кој го дизајнираме и користиме канцеларискиот простор ќе треба целосно да се смени, наместо да нуди алтернатива на работата на далечина. Тоа може да дојде во форма на хибридни модели што им овозможуваат на луѓето флексибилност да работат каде се чувствуваат најпродуктивни и да ја користат канцеларијата главно за социјални и колаборативни активности.

Компаниите што мислат дека можат да направат долгорочно враќање кон вообичаеното водење бизнис, додава Диксон, можеби ги имаат закопано главите во песок. Скорашна студија спроведена од неговата компанија открива дека речиси една третина од сите работници велат дека размислуваат да работат само за компании што нудат флексибилна работна средина.

„Ова е фундаментална промена и ќе ги погоди сите компании,“ вели тој „Го поврзувам со времето кога првпат се појави е-мејлот. Некои луѓе рекоа не, ќе ја користам поштата и факс машините. На крај сите се сменија; имаше само период на мала ефикасност кога даваа отпор“.

Но, тој предвидува дека колегите сепак ќе се собираат. Можеби ќе го работиме поголемиот дел од работата сами позади екраните. Но, без разлика колку дигитално зависна е иднината, сепак сме социјални суштества и физичката канцеларија, во некоја форма, се` уште служи на одредена цел.

„Кога некој вели благодарам на Зум, не е исто како кога некој се ракува со вас и остварува контакт со очите и вели: ,благодарам, навистина го ценам тоа’,“ вели Диксон. „Не можете се` да правите виртуелно. На луѓето им се потребни луѓе“.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -