Корисниците на социјалните мрежи се „бомбардирани“ од наградни игри

Како потрошувачи постојано сме изложени на рекламирање од страна на трговците и давателите на услуги кои својата продажба на производи или понуда на услуги што ги нудат ја зголемуваат преку наградување со уште еден производ или организирање наградни игри. Сигурно како потрошувач сте се затекнале како во некој од маркетите купувате дополнителни производи кои не ви се потребни, за да имате сметка на повисок износ со која можете да учествувате во наградната игра. Ги чувате фискалните сметки и ја чекате посакуваната награда. Некои од тие маркети се можеби и подалеку од вашето место на живеење, но вие сепак одите таму, бидејќи собирате поени на картичките издадени за таа намена и со тоа добивате износ на пари кои можете да го искористите во наредното купување, анализираат од Организацијата за потрошувачи на Македонија (ОПМ) во магазинот ЗИП.

Купувате одреден вид кафе иако тоа не го користите вообичаено, бидејќи има наградна игра па кодот на сметката го праќате на порака која, исто така, чини пари. Купувате јогурт кој е поскап од оној кој вие го вообичаено го пиете бидејќи за два купени јогурта следува стаклена шолја која можеби и не ви треба. На тој начин несвесно дозволувате да ве зафати наградна еуфорија, иако можеби понекогаш производот кој ќе го добиете чини исто толку во продажната мрежа и без наградата која ви следува.

И, ако сте тип на потрошувач кој вообичаено учествува во сите организирани наградни игри од трговците и даватели на услуги, тогаш би требало да ги познавате и законските прописи во таа сфера, со цел да ги заштитите вашите права. Согласно со Законот за заштита на потрошувачите, трговецот кој при понудата на производот или услугата на потрошувачот му ветува награда, дека со купување на производот или давањето на услугата ќе добие награда, должен е таа награда да му ја даде на потрошувачот најдоцна во рок од осум дена од денот на купувањето на производот или давањето на услугата.

Познавајте ги вашите права

Доколку трговецот организира наградна игра, должен е ветената награда да му ја даде на потрошувачот во рок од осум дена од завршувањето на наградната игра. Кога станува збор за наградните игри, потрошувачите треба да ги имаат предвид и одредбите од Законот за организирање на игрите на среќа. Ако во моментот купувате кафе или сокови и испраќате пораки со бројот на фискалната сметка и истата ја чувате, собирате поени за награда и ги внесувате во апликацијата посочена од организаторот на наградната игра, треба да знаете дека при организирање на наградната игра организаторот мора да ги исполнува следните услови:

  • На учесниците во играта треба да им бидат достапни целосните и точни правила на играта и да им биде даден точен увид во можностите за добивање на награда.
  • На учесниците треба да им бидат презентирани целосни податоци за бројот и видовите на награди, како и податоците за оние награди кои веќе им се доделени на учесниците.

Личните податоци често се злоупотребуваат

Новото време носи нови предизвици, па како корисници на социјалните мрежи често сме „бомбардирани“ од понуди за наградни патувања, каде наградата се состои од производи како книги, облека, обувки, различни услуги како билети за кино, билети за концерти, па дури и здравствени услуги. Понекогаш наградата може да биде и во одреден износ на парични средства. За да ја добиете наградата, секогаш мора да оставите и ваши лични податоци, како име и презиме, адреса, телефонски број, е-пошта и сл. Во оваа сфера, Дирекцијата за заштита на лични податоци ги советува потрошувачите да бидат исклучително внимателни при откривањето на своите лични податоци преку интернет на непознати или недоволно познати лица, без да проверат дали објавената информација за наградна игра е точна, затоа што постои зголемен ризик да бидат злоупотребени за други незаконски цели.

Во овој контекст од ОПМ истакнуваат дека во вакви случаи најчесто се користат техники на компјутерски базиран социјален инженеринг како што се phishing и pharming. Овие облици на измама опфаќаат збир на активности од неовластени испраќачи, преку користење лажни пораки од е-пошта или користење на лажни веб-страници, обидувајќи се притоа да добијат доверливи лични податоци од корисниците.

За жал, голем е бројот на потрошувачи кои не се запознаени со овој вид измами, при што доколку натрапниците еднаш дојдат до доверливите податоци, тие или сами ги користат за одредени, најчесто незаконски цели или пак ги продаваат. Во пораките најчесто се повикуваат на лажни веб-страници кои според изгледот целосно одговараат на веб-страниците на легитимните компании (фирми). Оттука, од ОПМ апелираат, при вакви активности на интернет, сите граѓани да постапуваат со соодветно зголемено внимание и да направат целосна проверка пред да одлучат да ги откријат своите лични и други податоци.

Извор: biznisinfo.mk

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -