Кои лекции ги научивме во карантин

Деновиве сите слушаме како луѓето се возбудени во врска со „враќањето кон нормала“. Но, Ким Перел, извршен директор на Perell Ventures и колумнист за Entrepreneur.com, вели дека новата нормала е последното нешто што би требало да го сакаме.

Перел сака нашите животи да бидат подобри од порано. Таа сака сите ние колективно да се движиме напред, не назад. Таа сака целото човештво да ги искористи лекциите што ги научивме кога животот ни се најде во застој, и да ги употребиме со намера да ја направиме нашата заедничка иднина многу посветла.

Таа сака да продолжиме да издвојуваме време за работите што се важни наместо да се враќаме кон работите што во суштина никогаш не ни биле важни.

Како што животот полека се враќа во „нормала“, размислете за работите што сте ги научиле во текот на изминатите неколку месеци и посветете се на промената на едно нешто што ве тера да туркате нанапред. Има толку многу лекции, но со одбирањето на едно нешто што ќе го правите поинаку во иднина, вашите шанси за успех драстично ќе се зголемат.

Во продолжение се неколку извлечени лекции од карантинот, и насоки што можеме да ги примениме за да ги правиме работите поинаку од сега па натаму

Малите работи прават голема разлика

Кога животот забавува, тогаш забележувате повеќе. Иако вообичаено ја пропуштаме, ние сме опколени со многу убавина постојано. Во случајот на Перел, нејзината мајка ì ги отворила очите за овој аспект на животот.

Кога започна пандемијата, мајката на Перел се преселила да живее во нејзината семејна куќа на неколку месеци и заедно со неа, дошло позитивното расположение. Секое сабајле, мајката на Перел излегувала на прошетка и ги фотографирала убавите нешта што ќе ги зебележела надвор. Потоа, секој пат ги покажувала фотографиите на членовите на семејството. Таа фотографирала текстури од кората на дрвјата, полжави во тревата, виножита, или разнобојни диви цвеќиња. Нејзиниот ентузијазам бил заразен. Таа ја научила Перел дека среде промена, или можеме да најдеме убавина во она што животот е, или да се жалиме за тоа што не е. Оттогаш, Перел почнала да ги цени малите работи многу повеќе – од заразната смеа на сопствените деца, до прекрасните зајдисонца, до чинијата со омилениот сладолед.

Обидете се да создавате моменти на неподвижност, моменти во кои можете да ја забележите околината и да ја цените нејзината убавина.  

Љубезноста доаѓа на прво место

Ковид-19 можеби го потресе нашиот свет, но пандемијата е појава со која се справува скоро целото човештво. Перел признава дека била импресионирана и трогната од едноставните чинови на љубезност што доаѓаат од нејзините пријатели, семејство, па дури и целосни странци на интернет. Кога се фокусирате на доброто, доброто станува подобро. Кога се посветувате на нешто што е вон самите вас и се ставате во служба на некој друг и некоја повисока цел, вашите проблеми како да ја губат тежината.

Секако, љубезноста е многу повеќе од едноставно делење комплименти или пишување картички за благодарност. Некогаш, љубезноста значи борба за промена и јасно и гласно говорење против неправда.

Направете напор секогаш да бидете љубезни. Никогаш не знаете низ што поминува другиот, особено за време на овие неизвесни околности. Бидете дарежливи во секоја пригода. Перел ветува дека нема да зажалите.

Вие одлучувате како ќе го поминете времето и со кого

Колку пати сте си кажале на себеси: „Премногу сум зафатена да го правам ова“, или „Посакував да имам време да го направам тоа“? Вака стојат работите: сите ги имаме истите 24 часа во текот на денот. Но она што го правите со времето зависи единствено од вас.

За време на пандемијата, многумина се најдоа во ситуација да имаат повеќе време од порано. Време за мечтаење, создавање, размислување, планирање… Но како што животот почнува одново да се забрзува, не треба да го предадете целото тоа време. Бидете намерни во однос на начинот на кој го планирате денот. Размислете внимателно за работите што ќе почнете да ги правите и работите што ќе престанете да ги правите.

Истовремено, бидете внимателни кого пуштате назад во вашиот близок круг. Продолжете да ја одржувате дистанцата од луѓе и врски кои не се навистина здрави за вас.

Имате способност и моќ да носите одлуки во секоја област од вашиот живот. Вие сте одговорни за вашата среќа, вашите пријателства и работа. Ако не ви се допаѓаат, и сакате да промените некои од нив, можете.

Промената е неизбежна – прифатете ја

Немојте да се опирате на промената. Прилагодете се заедно со неа. Иднината може да делува особено неизвесна овие денови, но искрено, отсекогаш била таква. Кога Перел завршила факултет, работела за компанија која мислела дека е „стабилна“. Неколку години подоцна, компанијата банкротирала. Единственото сигурно нешто е несигурноста. Планирајте за иднината на најдобар можен начин кој ви е познат, но бидете флексибилни кога работите нема да испаднат така како што сте очекувале. Сфатете ја промената како шанса, не како пречка.

Овој заклучок е посебно применлив ако имате бизнис кој требало да исплива од кризата предизвикана од Ковид-19. Ако работите што порано сте ги правеле не функционираат, ова е одлично време да воведете иновација во бизнисот која ќе го лансира во следен успех. Искористете го ова време за да испробате нови работи и експериментирајте. Сè што ќе се обидете да направите нема да успее, и тоа е во ред. Можеби ќе ви се потребни повеќе обиди за да видите што најдобро функционира. Никогаш порано немало подобро време да се проба нешто ново. Опирањето на промените го сопира напредокот, а прифаќањето на промената стимулира раст.

Најважните нешта во животот не се материјални

Сите познаваме родители кои поминале повеќе време со нивните деца и семејство отколку кога било пред пандемијата. Перел патувала многу во последните 20 години, и последните 3 месеци во карантин за неа се вистински подарок.

Целта на животот не се пари, па дури не е ни успех. На крајот на краиштата, врските се тие кои ни се најважни. Како што ќе стануваме сè позафатени, осигурајте се дека посветувате време на она што е најважно. Подарете им го на вашето семејство, сакани лица и пријатели дарот на вашето време. Сакајте го вашето семејство и самите себе до тој степен да можете да одбиете работи што не ви се приоритет. Бидете намерни во вашите врски и инвестирајте време во нивната нега.

Како што нашите животи почнуваат одново да забрзуваат, Перел се надева дека сите можеме да бидеме намерни во врска со начините на кои го трошиме времето, и работите на кои одлучуваме да се сконцентрираме.

Наместо да се враќаме во нормала, ајде да се движиме заедно напред.

Кои лекции оваа никогаш до сега видена ситуација ве научила вас? Како планирате да ја промените сопствената перспектива или вашите навики како што животот почнува повторно да се забрзува? Одговоот лежи во вас…

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -