Кога продуктивноста станува зависност

Реза Џафери отсекогаш бил еден вид воркохолик, уште од прво одделение. Кога и да имал задача за домашна работа, тој веднаш ќе се упател кон библиотеката на крајот на денот и ја пишувал задачата пред да си оди дома. Учењето во елитно училиште во Дубаи уште повеќе ја засилила неговата желба да биде успешен, како и желбата на неговите вредни родители. Но, неговиот поттик доаѓал од некој вид компулсивност а не од љубовта кон учењето, и тој се соочувал со чувство на анксиозност ако немал план што требал да го оствари, пишува Би-Би-Си.

„Се чувствував дека треба да достигнам одредени прагови до одредена возраст, во спротивно не бев успешен,“ раскажува 27-годишниот Џафери. „Си велев себеси дека нема да треба да работам волку многу кога ќе станам успешен, дека ќе бидам среќен. Но, немав одредено што точно значи успех, и животот беше постојана трка“.

Тој сега живее во Лос Анџелес, и самопрогласениот зависник од продуктивност има две работи: тој е директор во компанија што се занимава со крипто валути и основач на дигитална агенција. Џафери работи многу часови – „90% од времето“, што значи дека работи до полноќ и за време на викенд и спие само 5 часа во текот на неколку недели.

Според генералниот директор на Центарот за мозочно здравје при Универзитетот во Тексас, д-р Сандра Чепман, мозокот може да стане зависен од продуктивност исто како што може да биде зависен од попознати извори на зависност, како што се дрога, коцкање, јадење или шопинг.

„Луѓето можае да копнеат по признание што го добиваат од работата, или од зголемување на платата, “ вели Чепман. „Проблемот е што, исто како кај сите зависности, со време луѓето имаат потреба од повеќе и повеќе за да бидат задоволни и тогаш тоа чувство почнува да работи против вас. Симптомите на откажување вклучуваат зголемена анксиозност, депресија и страв.“

Зависноста е болест на мозокот што го напаѓа системот на доделување награди, а резултатот од неа е компулсивно однесување и покрај штетните последици. Сепак, комплицираниот фактор со зависноста од продуктивност е фактот што општеството го наградува таквото однесување, или во најмала рака, има позитивно гледиште за него. „Тоа се сфаќа како добра работа: што повеќе работите, толку подобро,“ вели Чепман. „Многу луѓе не ја сфаќаат сторената штета се` додека не се соочат со развод или растурено семејство, или пак последици по однос на менталното здравје“.

Според д-р Марк Грифитс, реномиран професор по бихевиорална зависност на Универзитетот Трент во Нотингем, зависноста од работа е нешто што некои експерти го нарекуваат „зависност со мешовит благослов“. „Воркохолик може да заработува многу пари, исто како што зависник од вежбање е во многу добра кондиција. Но работата со која било зависност е дека долгорочно гледано, штетните ефекти се секогаш поголеми од краткорочните придобивки“.

Грифитс е ко-автор на една од само двете репрезентативни истражувања на национално ниво за стапката на зависноста од работа во светот во денешно време. Неговата студија во Норвешка покажува дека присутноста на зависноста од работа е скоро 80%, што е сличен резултат со студија спроведена во Унгарија. Без повеќе истражувања во оваа област, невозможно е да знаеме дали стапките на присутност се зголемуваат, но 80% се` уште претставува незамисливо висок број на лица кои секој ден го трчаат со полна брзина.

„Ако 80% е вистинската стапка на присутност на зависност од работа, тогаш тој податок треба да не` загрижи,“ вели Грифитс. „Во моментов, последиците од зависноста од работа како да се рекласифицираат во нешто друго: ако некој умре од инфаркт, тогаш причината за смрт не се гледа неопходно како нешто што има врска со зависноста по себе – тоа може да се должи на оптовареноста.“

Немаме време за „губење“

Во коренот на опсесијата на Џафери со продуктивноста лежи стравот од потрошено време. Се` што прави тој го класифицира како продуктивно или непродуктивно, и се обидува да го минимизира второто. Купувањето намирници е продуктивно бидејќи тие го одржуваат во живот, додека имањето хоби е непродуктивно.

„Ја имам таа лоша навика да ги претворам непродуктивните работи во продуктивни,“ вели тој. На пример, тој ужива да игра видео игри, па така основал компанија за онлајн спортски игри во 2016 год, која се` уште ја менаџира иако таа веќе не е негов главен фокус.

Како сите зависници, и зависниците од продуктивност се претерано фокусирани на еден единствен аспект од нивниот живот – нешто што е познато како „еднодимензионалност“. Компулсивноста да ја задоволи зависноста надминува други можни извори на задоволство, како што е поминување време со лицата кои ги сакаме. Според еден труд од Шахрам Хешмат, доцент професор на Универзитетот во Илиноис, „оваа желба е толку силна што други видови мотиви реално не можат да се натпреваруваат со неа.“

Во случајот на Џафери, тој знае дека поминувањето време со неговиот партнер е клучно за неговата среќа, но тој сепак се бори со идејата да ја прифати таа опција како продуктивно поминато време. „Ова звучи ладно, но за времето поминато со мојот партнер размислувам на истиот начин како кога размислувам за јадење или вежбање. Дури и да не сакам да го направам тоа во моментот, знам дека треба да го направам за да бидам среќен.“

Ова е честа тема помеѓу лицата кои поседуваат изострен фокус, вклучувајќи го и Метју Чрч, кој има 24 години и кој себеси се опишува како „зависник од работа во фаза на опоравување“. Тој ја одби шансата да учи право на факултет за да се вработи во коучинг компанија за голема плата, и во рок од 2 години, тој беше унапреден во втор човек во фирмата. Цели 6 години, неговото семејство и романтичен живот го заземаа далечното второ место. „Работев 70 часа неделно и го резервирав календарот со состаноци од 5 минути. За време на долготрајната врска што ја имав, на мојата партнерка и` дадов пристап до мојот календар и и` кажав дека може да го користи за да резервира време со мене. После тоа, не истрајавме долго.“

Чрч истовремено разви и зависност од алкохол и доживеа нервен слом во 2018 год. Со поддршката на терапевт, тој го помина периодот на жалење по работите што ги изгубил. „Потрошив 6 години од мојот живот бидејќи немав пријатели или романтични искуства и ја изгубив врската со моето семејство. Чувствував срам затоа што не сум ги изградил тие нешта.“

Чрч сега користи скриншотови од неговиот стар календар за да им покаже на клиентите во компанијата за коучинг и јавно говорење што ја оформил во 2019 год за тоа што не треба да го прават за да успеат. „Не мислам дека ништо добро може да се создаде во петминутни состаноци,“ дополнува тој.

Со помошта на неговиот терапевт, Чрч создал голем број граници што го спречуваат повторно да се лизне во штетни навики. „Се справувам само со три проекти дневно, и не зборувам со повеќе од три клиенти на ден, и работам три и пол дена неделно. Три се чини дека е добар број за мене“.

Тој апелира и други луѓе да се разбудат од реалноста на штетни работни навики. „Создадов многу правила поврзани со работата за да се заштитам себеси од повторно лизгање. Не сакам да наполнам 70 години и да се чувствувам на начинот на кој се чувствував кога сфатив дека сум ги изгубил годините кога сум бил млад,“ вели тој.

Три вида зависност од работа

Екстремната продуктивност е феномен што авторот и експерт за продуктивност Сирил Пепион од Синдеј го забележал кај голем број клиенти во големи и средни компании во текот на годините. „Повеќето луѓе кои доаѓаат кај мене се многу исполнителни и многу успешни. Но често пати зборот што го користат за да го опишат нивниот работен стил е „неодржливост“ и им треба помош да се вратат назад на правиот пат“.

Пепион им помага на тимови и индивидуалци да ја подобрат нивната ефикасност преку менување на нивните работни навики и осигурување дека напорот што го вложуваат на работа е во согласност со широката бизнис стратегија, наместо потенцијално создавање работа само поради работа. Тој одредил три типа на екстремна продуктивност: „опседнатиот со ефикасност“, „себичниот продуктивен тип“ и „опседнатиот со квантитет“.

Опседнатиот со ефикасност е премногу организиран и опседнат со детали, објаснува тој. „Нивните бироа се супер средени и нивните пенкала најверојатно се наредени по боја. Тие се господарите на емаил сандачиња со нула непрочитани мејлови. Но тие изгубиле смисла за големата слика и не ја знаат разликата помеѓу ефикасност и ефективност.“

Себичниот продуктивен тип е опседнат со сопствените цели и одбива соработка. „Тие толку многу се фокусирани на сопствениот свет што ако ги замолите да направат нешто надвор од него, тие не се заинтересирани. Тие ја имаат големата слика на ум, но сликата во голема мера се однесува на нив.“

Лицата опседнато со квантитет по грешка ставаат равенка помеѓу продуктивноста и исходот. „Тие мислат: на што повеќе мејлови одговорам, на што повеќе состаноци присуствувам, што повеќе задачи извршувам, толку е поголема мојата ефикасност. Тие се соочуваат со вистински ризик од преоптовареност.“ Искуството на Пепион го носи до заклучок дека овој е најчестиот тип, бидејќи постои општо прифатено верување дека „повеќе“ работа значи „подобро“ работа.

Пепион го крои неговиот пристап кон секој индивидуален предизвик со кој се соочува вработен или тим, но општо земено, тој ги води своите клиенти преку еден процес составен од три чекори. Овие чекори се состојат од реорганизација на физичкиот работен простор, на мејловите и архивските системи, потоа одново поставување приоритети и правење планови, и на крај, им помага на клиентите да одлучат како да бидат лидери во нивната организација и како да управуваат со времето за да не бидат бомбардирани со обврски што би ги умориле. Како што процесот продолжува, тој потоа работи на прашања поврзани со начинот на размислување кој може да стане проблематичен, како што се лекции за клиентите преку кои учат дека продуктивноста значи попаметно работење, а не повеќе работа.

Одложување на откажувањето

Професорот по бихевиорална зависност Грифитс вели дека без разлика колку еден зависник смета дека е продуктивен, секогаш ќе има точка во која нивната ефикасност ќе пати и ефектите од истото можат да бидат опасни по живот.

„Може да има почетен период кога зависникот од работа е попродуктивен од некој кој не е зависен од работа, но ќе стигне до точка кога тој веќе не е продуктивен и негвото здравје и врски се погодени. Тоа може да дојде по една година, или по пет. Но ако не направите ништо во врска со тоа, ризикувате инфаркт.“

Клучно е да се зафатите со предупредувачките знаци, како што се брзо јадење ручек за да се вратите на работните обврски, и да преземете чекори да ги промените компулсивните навики. Чепман предлага да се ограничи количината време што ја поминувате на индивидуални работни задачи на 45 минути или помалку, да не дозволувате прекини во работата за да создадете можност за длабоко размислување.

„Тоа време ќе го искористите поефикасно и ќе постигнете исходи со повисок квалитет. Зависниците од продуктивноста најверојатно ќе поминат драгоцено време правејќи нешто неважно отколку да се фокусираат на вистинската работа,“ објаснува таа.

Таа исто така препорачува составување листа на работи што не треба да ги правите за да избегнете преоптоварен календар, и за да му дозволите на мозокот да има клучни можности за обнова за да се засили ефикасноста. Според едно истражување на писатели и физичари од 2019 год, една петина од најважните и најкреативните идеи биле создадени за време на период во кои умот лута – односно, кога се вклучени во активност која е различна од работата. Идеите што се појавиле за време на овие паузи исто така имале најголема шанса да му помогнат на професионалецот во надминување на ќорсокакот во проблемот, отколку идејата што се појавила за време на работа.

„Одвојте пет минути барем пет пати дневно за целосно да застанете. Исклучете ја технологијата и излезете надвор,“ советува Чепман.

А што станува со жртвувањето на врските за работата? Мозокот се развива преку забава, смеа и суштински врски – така што нејзиниот совет е да направите место во вашиот ум за овие нешта по секоја цена. „На крајот на животот, луѓето не сакаат да работеле повеќе часови. Тие сакаат да имаат поминато повеќе време со нивното семејство или да уживале во патувањата што им биле возможни, но никогаш не биле ментално присутни бидејќи го проверувале нивниот телефон“.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -