Клучни мерки за премостување на кризата предизвикана од Ковид-19 во Македонија

Зачувување на работните места, помош за ранливите категории граѓани и одржување на функцонирањето на компаниите е клучно за премостувањето на кризата од Ковид-19, смета министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

„Раст на гарантираната минимална помош за 300 %, раст на минималната и просечната плата, стабилизација на пензискиот систем, воведување на социјалната реформа која значи и социјални услуги и воведување социјална сигурност, односно социјална пензија за граѓаните кои немаат доволен број години стаж, е она што го работеше оваа Влада и претходниот мандат и продолжува и во тековниот,“ истакна министерката Шахпаска во гостувањето во емисијата „Што мисли народот“ на ТВ Стар од Штип.

Овозможени се повисоки пензии и надоместоци за најранливите

Според неа, пензионерите сега добиваат усогласување на пензиите два пати во годината и дополнително со раст на бруто домашниот производ над 4%. Пензијата од половината на 2017 година, со промените и усогласувањата порасна од 13.400 денари на 15.700 денари, согласно трошоците на живот и раст на БДП.

На прашањето за финансиската помош за најранливите категории на граѓаните од 6.000 денари како дел од четвртиот пакет економски мерки, министерката посочи дека тука влегуваат 182.000 пензионери кои добиваат пензии пониски од 15.000 денари, 84.000 пасивни баратели, 7.590 приматели на социјална пензија, самохраните родители, студенти кои не влегоа во претходниот пакет мерки, естрадни и културни уметници.

Но, овој пат наместо на картички, средствата ќе бидат директно префрлени на нивните сметки, сè со цел да се поддржи домашната економија и граѓаните.

„Во време на пандемија, сите заложби се насочени кон премостување на кризата преку зачувување на работните места, да се помогне на најранливите граѓани, да се одржи функционирањето на компаниите. Преку олеснети критериуми за влез во системот за ГМП, детски и образовен додаток, граѓаните полесно остваруваат право на помош“, истакна министерката.

Нови права ќе можат да се остварат преку изменетиот Закон за работни односи

Во однос на прашањето за новостите од Законот за работни односи, министерката потенцираше дека се работи за системски закон, односно дека се работи на законско решение кое ги опфаќа сите прашања од сферата на трудот, вклучувајќи ја должината на работното време, флексибилното работно време, работа на далечина, сезонска работа, бенефиции, породилно боледување. Во работните групи кои работат на ова законско решение вклучени се претставници на синдикатот, на работодавачите и на владата.

„Во врска со боледувањата, каде што првично исплатата за јавниот сектор беше 100%, за заболените од Ковид-19 и оние во изолација, имавме жестока реакција, затоа изработивме информација во која се повикуваме на Законот и колективни договори. Со тоа ги изедначивме сите работници, без разлика дали се јавен или приватен сектор,“ образложи Шахпаска.

Работодавачите имаат обврска, согласно Колективниот договор, да исплатат К-15, но сепак тоа зависи од финансиската состојба на компанијата.

„Човечкиот капитал, човечкото здравје е приоритет број еден. Ако состојбата со пандемијата се влоши, нема по секоја цена да ги држиме градинките отворени. Будно ја следиме состојбата и се покажа дека почитувањето на протоколите и мерките за заштита од коронавирусот е единствениот начин да се заштитиме,“ истакна Шахпаска.

Извор: biznisinfo.mk

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -