Како стартап компании им помагаат на рестораните да опстојат

Глобалната пандемија особено ги погоди рестораните. Она што им овозможи на рестораните да ја направат транзицијата кон повторно отворање (барем во други делови од светот освен во нашата земја) е заедницата на стартап фирми кои одговорија на предизвиците.

Информативниот портал Crunchbase News разговараше со десетина лица кои работат во областа на мобилни апликации за ресторани, вклучувајќи и основачи на стартап компании и инвеститори, за да види како тие им помагаат на рестораните да додадат технологија, во некои случаи и за првпат, на нивното мени како можности да го вратат бизнисот.

Во јануари, бројот на лица кои посетувале ресторани се покачил за 2% во однос на минатата година, но во март 2020 год, тој број паднал за 60%, вели Џон Кели, извршен директор на Zenreach, компанија која го поврзува онлајн маркетингот со бројот на посетители што трговците го искусуваат во нивните продавници.

„Ниската точка се почувствува со средината на април, кога сите држави (во САД) беа под некаква форма на карантин, кога бројот на посетителите падна за 75%,“ објаснува тој во едно интервју. „Тоа се драматични бројки, и државата никогаш претходно не видела такво нешто“.

Оттогаш, бројот на посетители порасна за 50%, што е сепак малку, но е позитивен знак.

Иако државите им дозволија на рестораните повторно да отворат со намален капацитет, барем што се однесува до клиентите кои вечераат во ресторани, сите експертите кои разговараа со порталот одговорија дека освен ако рестораните не усвојат некој вид технологија како што се онлајн нарачки и достава, или изнајдат креативни начини да создадат нови приходни канали, тие можеби и нема да опстанат.

Бидејќи одредени  оброци на менито не се создадени да се чуваат во преносни амбалажи, помалку од 10% од традиционалните ресторани веќе имаа развиено бизнис со достава пред Ковид-19. Така што, кога пристигна новиот коронавирус, вечерањето во ресторани се сведе на нула, и ги остави бизнисите да се борат со пандемијата со помош на постоечките начини на работа, објаснува Тим МекЛафлин, извршен директор на стартап компанијата за плаќање преку мобилни телефони, GoTab.

Бидејќи стартап компаниите што развиваат апликации за рестораните и` помагаат на заедницата, инвеститорите почнуваат да гледаат потенцијал во иднината на овие понуди. Порталот анализирал стартап компании што ги развиле производите со помош на инвестиции и открил дека 800 милиони долари биле инвестирани во 49 зделки во 2020 год. За споредба, во 2019 год биле инвестирани 1,6 билиони долари.

Во продолжение се најважните поенти од разговорите со основачите и инвеститорите за тоа како одредена технологија им помага на рестораните во сегашната средина.

Онлајн нарачки

Numa е сервис што одговара на текстуални пораки и служи како платформа за еден вид виртуелен рецепционист. Услугите на оваа фирма ги користат многу ресторани кои одлучија нивната понуда да ја пренасочат кон текстуални нарачки бидејќи стана премногу скапо да се плаќаат цените за доставни услуги преку трети страни. Многу од тие сервиси заземаат дури и 30% од профитот од една нарачка, истакнува извршниот директор Тасо Румелиотис.

Рестораните почнаа да ја користат Numa за да ги примат текстуалните нарачки за храна, да ги искористат информациите од кредитните картички, и за да му испратат порака на клиентот кога нарачката е готова. Платформата совршено функционира за малите бизниси, така што компанијата се соочи со зголемување од 500% во однос на волуменот на нарачките направени преку текстуални пораки за време на пандемијата.

„Околу две третини од повиците се пропуштени од страна на малите бизниси бидејќи се зафатени,“ вели тој. „Ние можеме да спасиме околу половина од влезните повици. Наместо да пропуштат повик, тие ги претвораат во муштерии“.

Претседателот на компанијата SpotOn, Ар-Џеј Хорсли сподели дека во средината на март, неговата компанија за онлајн плаќање исто така најде решение за правење онлајн нарачки што е достапно за сите видови бизниси. Дополнително, бидејќи вечерите во рестораните преставуваат проблем, неговата компанија се фокусира на тоа да се наполни секоја маса со вистинскиот тип клиенти.

„Не можете да се потпрете на случајни посетители кои би требало да ги пополнат масите секоја вечер. Треба да им овозможите да нарачуваат преку телефон и да им обезбедите бесконтактно искуство доколку дојдат,“ објаснува тој. „Тоа го бара потрошувачот, и сегашното искуство мора да се прошири преку тие четири ѕида на ресторанот“.

Чираг Чоталиа, партнер во инвеститорската фирма Threshold, е еден од инвеститорите во платформата за мобилни операции BentoBox. Тој вели дека рестораните создаваат онлајн присуство и градат вебсајтови, и можности да се нарача пред време, кои во денешно време се особено важни, бидејќи овозможуваат да  се генерира приход на различни начини.

Тој е сведок на случаи во кои луксузни ресторани, кои претходно имале мал обем на услуги за понесување храна и достава, како сега нудат посебни оброци за да можат муштериите да ја понесат вечерата од три оброци дома, се` додека повторно не се вратат во рестораните. Тие исто така почнуваат да влегуваат и во полето на трговијата, па продаваат шишиња од нивните специјални сосови и маички.

За да им помогнат на рестораните да станат покреативни, BentoBox создаде простор каде менаџерите на рестораните споделуваат совети и најдобри практики.

Онлајн операции

Чанг Џу, партнер во Basis Set Ventures, беше една од инвеститорите во Workstream во 2018 година. Оваа компанија обезбедува регрутација на вработени и софтвер за ресторани, особено за угостители кои нудат брза услуга кои се враќаат назад на работа и бараат да најдат бесконтактни алатки.

„Јасно е дека рестораните посегнуваат по технологијата бидејќи треба да ги координираат вработените за да не се преклопуваат нивните обврски, но и за да имаат софтвер за правење распореди, како и алатки за ангажираноста на вработените,“ вели таа. „Гледам многу интересни работи како се создаваат поради оваа ситуација“.

Достава

Кога луѓето не беа во можност да излегуваат, многумина се потпираа на достава на храна. Virtual Kitchen, која гради кујни за оптимална достава, и curbFlow, платформа која станува партнер со компании кои работат испорака по доставено барање како што е  DoorDash, им помагаат на рестораните брзо да закрепнат од последиците на Ковид-19 и да вршат достава.

„Ова беше иднината за која веќе зборувавме, но тоа што го претпочитаат потрошувачите во смисла на испорака според доставено барање и достава дава форма на целата индустрија овие денови, бидејќи тие ја сакаат удобноста на оналјн купувањето и испорачувањето на доставата,“ истакнува Кен Чонг, ко-основач и извршен директор на Virtual Kitchen.

curbFlow пронајде оптимална можност со тоа што им обезбедува на возачите лесен начин да идентификуваат ограничен простор за пристап пред локациите на трговците, за да можат возачите да ја соберат храната што се доставува, вели основачот Али Вахабзадех. Компанијата нуди уред со компјутерски вид што трговците го поставуваат на предниот излог со цел да го покажат инвентарот или достапниот ограничен простор.

„Преплавени сме од одговорот на трговците кои сакаат да ги користат нашите бесплатни уреди за да можат возачите подобро да се координираат,“ вели Вахабзадех. „Сега, колите не држат две паркинг места и никој не чека наоколу додека истовремено испушта штетни гасови додека бараат паркинг“.

Податоци

Galley Solutions им помага на рестораните, фирмите што се занимаваат со кетеринг и друг вид на бизниси поврзани со храна да ги соберат и разберат податоците поврзани со храната позади нивните операции.

Во таа насока, компанијата забележува повисоко ниво на грижа за разбирањето на ефикасноста, вели основачот Јан Кристофер.

Рестораните често пати водат табеларни пресметки, така што Galley им помага да ги нивелираат податоците за да делегираат работни задачи на кулинарските тимови, вклучувајќи и менаџирање на инвентар и набавки.

„Разбирањето на трошоците за храна пред Ковид-19 беше работа на добра волја, не на неопходност,“ вели тој. „Ние мислиме дека повеќето ресторани не го разбираат инженерството на менито, трошоците за храната и профитната маргина, и немаат достапни податоци за да прават промислени и профитабилни одлуки“.

ZenReach исто така користи податоци со цел да се привлечат посетители во физичката продавница. Нивниот софтвер претставува слој врз безжичната мрежа на гостинот во ресторанот, така што кога некој доаѓа, телефонот алармира и обезбедува податоци поврзани со бројот на гостите, објаснува Кели.

Кога клиентот користи емеил адреса за да се „закачи“ на безжичната мрежа, компанија го споредува тој податок со јавните податоци со цел обезбедување демографски податоци што трговецот може да ги користи за рекламирање и испраќање целни пораки.

„Рестораните кои сакаат да усвојат соодветно испраќање пораки, заедно со сигурносни мерки и достава, многу повеќе напреднаа споредено со оние кои не го направија тоа,“ додава Кели.

Во која насока треба да се движиме?

Алан Хајман, претседател на консултанската фирма Хајман, вели дека рестораните кои почнаа да работат на подобрување на услугите за достава и за понесување со себе имаат најголеми шанси да ја преживеат пандемијата, но се` уште има време да се почнат одредени активности во оваа насока, се` додека рестораните служат оброци што можат да опстанат во амбалажи за достава.

„Тие ресторани што имаат менија што можат да патуваат, но се` уште не работат достава, мораат брзо да се променат,“ потенцира тој. „Сите ќе мора да се смениме, без разлика, бидејќи навиките на потрошувачите ќе се променат. Начините на организирање на доставата и можноста за понесување храна со себе ќе бидат битни и следната година“.

Но дури и со сите овие нови можности, Бред Сврлуга, ко-основач и главен партнер во Primary Venture Partners, чека да види нешто навистина ново и уникатно што ќе им помогне на рестораните да го повратат бизнисот.

„Нема одговор за отворањето на Њујорк со 25% капацитет и да им се помогне на рестораните,“ вели тој. „Можете да развиете бизнис со нарачки, и тоа помага да се пополни дупката но не е креативно. Ќе биде потребно време да се вратиме во нормала, особено за ресторан што се наоѓа во кварт во кој доминираат бизниси. Тие треба да најдат начини да бидат поефикасни или нема да опстанат“.

Извор: crunchbase.com

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -