Како работењето од дома го измени начинот на кој децата ја перципираат работата

Пред многу години, една моја пријателка која во тоа време работеше како моден дизајнер за сноуборд линија во компанија за атлетски помагала, работеше од дома. Нејзиниот седумгодишен син ја виде како работи на лаптоп, и ја праша што прави. Таа одговори дека работи. „Не, не работиш,“ инсистираше синот. „Ти си професионална сноубордерка.“ Тој беше разбрал дека таа тоа го работи, и во еден миг една прилично примамлива професија се претвори во разочарување, пишува Трејси Браун Хамилтон, американската новинарка која работи во Холандија и пишува за Вашингтон Пост.

Сега пандемијата натера голем број луѓе да работат од дома. Концептот за ист физички простор со вистински колеги станува анахрон во 2021 год. За оние кои имаат деца, постои и дополнително прилагодување. Пред училиштата да отворат во Холандија, мојата трпезариска маса беше преплавена со училишни книги и лаптопи за моите три деца, додека мојот сопруг и јас седиме на чело и се обидуваме да ја завршиме нашата работа.

Поширок поглед

Тоа беше голема промена, но исто така беше интересно да се види што работат децата и да набљудуваме КАКО тие го прават тоа.

Во исто време, децата подеднакво набљудуваа што сопругот и јас правиме по цел ден – што, исто како синот на мојата пријателка од пред неколку години, изложи некои погрешни претстави. Иако отсекогаш имале доза разбирање за тоа што го работиме со сопругот за да заработиме за живот, нашиот професионален живот пред Ковид беше само дел од тоа како тие нас не` доживуваат. Како фактот што не` гледаат по цел ден како работиме влијаеше врз нивната перцепција за нашите кариери, но и за кариерите генерално гледано?

Тоа е ситуација од која сите можат да извлечат корист, вели Кимберли А.С. Хауард, вонреден професор по терапевтска психологија и применет човеков развој на Универзитетот во Бостон. Хауард посочува дека до четиригодишна возраст, децата можат да почнат да создаваат идеи за различни занимања. „Кога работата се одвива дома таа станува поочигледна за децата, и за родителите и возрасните старатели имаат можност да водат реални разговори за нивната професија,“ Хауард истакнува во разговорот преку Зум. „Кога родителите велат: вака го поминувам денот и поради ова го правам тоа, ова ме мотивира, од тука доаѓаат корисните работи, тогаш децата можат да ги применат овие идеи врз нивниот избор за кариера.“

Моите деца ме гледаат како работам од дома откако се родија, на различни нивоа на когниција. Кога мојот син имаше 3 години (сега има 10), влезе во мојата канцеларија додека пишував една статија. Имав обид да го поттикнам неговиот интерес, но тој ми делуваше незаинтересиран. „Што всушност мислиш дека работам?,“ го прашав. „Твојата работа е да покажуваш кон квадратчиња, за да куцаш,“ одговори тој.

Фаза на фасцинација и имагинација

„Помалите деца се многу фокусирани на конкретното,“ вели Хауард. „Она што може да се набљудува. Физичкиот чин е да се допира тастатурата, но што е тоа што го обезбедувате? Дури покасно почнуваат да разбираат што овие конкретни чекори претставуваат, и тоа може да се олесни со разговор. Тоа можеме да го објасниме“.

Мојот сопруг работи во одделението за логистика во една мултинационална компанија што произведува леќи. Пред пандемијата, нашите деца гледаа како ја напушта куќата за да оди на работа – што во нивните умови беше простор исполнет со мистериозна „другост“ споредено со неговиот живот дома. Тоа беше место каде тој имаше голема, спастрена канцеларија со тегла чоколатца и магацин со роботи, каде тој познаваше луѓе кои ние не ги знаеме, и место што го посетувавме еднаш годишно, кога доаѓаше и Дедо Мраз.

Пред Ковид, моите деца веруваа дека татко им е научник кој произведува леќи со помош на роботи. Сега разбираат дека нивниот татко поголемиот дел од времето го минува на повици со колегите и зборува за работи како што се слободни магацински единици. Разбираат дека нивниот татко е дел од долг синџир што им овозможува на луѓето да дојдат до леќи, но тоа е помалку интересно. Такви откритија можат да ја срушат илузијата кај малите деца кои ги замислуваат кариерите на родителите како фаза во која, според Хауард, идеите за работните места се карактеризираат со „фантазија и имагинација“.

И возбуда. Истражување објавено во 1995 год – „Портретите на занимањата на телевизија“, испитува како телевизијата кај децата ги драматизира и ги прави работните места сензационални и привлечни. „Медицинските професионалци се прикажуваат во средини како болници (како контраст со амбулантските средини), пишува во истражувањето. „Тие ја третираат патологијата повеќе отколку што се ангажирани во активности за превенција (…)“. И насилните криминални дела како што е убиство често пати се прикажувани на телевизија, „додека криминалните дела во вистинскиот живот не се насилни и најчесто се поврзани со имот“. Децата добиваат повеќе директни погледи на баналната реалност за професиите на нивните родители, како што е случајот со петнаесетгодишниот Лео Вијендра, чиј татко работи за Европската вселенска агенција во Холандија. „Забележав дека е постојано на состаноци,“ објаснува Лео во емеил. Излегува дека вселенските истражувања од дома не се така возбудливи како што можеби си замислувате. „Знаев дека татко ми не е астронаут, но сепак бев изненаден од тоа колку малку користи знаења од физика во неговата работа. Не ви паѓа неговата работа на ум кога замислувате како изгледа работата на некој што работи на мисии во вселената“.

Каи Левин, кој има 16 години и доаѓа од Ванкувер, Британска Колумбија, се восхитува на работата на неговиот татко како корпоративен видео продуцент, но признава дека веќе не е толку „кул“ како порано. „Претходно, патуваше низ целиот свет и правеше видеа,“ вели Каи на месанџер. „Но сега е на биро во дневната соба кога се будам. И се` уште е на бирото кога се враќам дома“. Неговата сестра, дванаесетгодишната Лорен, признава дека работата на татко и` не изгледа толку гламурозна како порано. „Не оди никаде,“ вели таа, исто така преку месанџер. „Се облекуваше многу  скоцкано за на работа, но сега носи само тренерки и блузони“.

Помага ако ги потсетиме децата дека работењето од дома значи дека работиме на поинаков начин од оној на кој сме навикнале, посочува Хауард. Валентина Гултлинген, 14 години, која исто така живее во Холандија, вели дека по една година онлајн образование, дефинитивно не сака работно место што од неа ќе бара да седи пред компјутер. Нејзината мајка која работи како проектен менаџер, работи од дома. „Не знам како и` успева,“ вели таа. Со учењето онлајн, ги пропушта академските и социјалните придобивки што настануваат кога ќе наидеме на други ученици помеѓу часовите“.

Добра лекција

Она што е позитивно е што пандемијата им овозможи на децата изложеност на поширок спектар професии од тој што го имале претходно, потенцира Хауард. „Тоа го тренира нивното око да видат дека ова е заемно поврзан свет,“ вели Хауард, „и да развијат почит за голем спектар занимања, не само за тие што историски се врзуваат со престиж. Сите функционираме за некоја цел и треба да препознаеме колку е важно да се играат сите овие улоги“.

Што се однесува до моите деца, тие се` уште се во фазата кога откриваат што сакаат да прават кога ќе пораснат, и некогаш ги поврзуваат тие интереси со потенцијални кариери. Мојата најмала ќерка има 7 години и сака да биде земјоделец бидејќи сака отворени простори и сака животни. Мојата постара ќерка (9 години) е љубопитна и одлучна, и секогаш сама учи некоја нова вештина – од плетење, до акробации – но не сака овие хобија да и` бидат професија, само сака да ги совлада вештините.

Мојот син сака да биде професионален фудбалер, ако може за Манчестер Јунајтед. Го охрабрувам да цели кон спортска исклучителност, но со него зборувам и за други работни места поврзани со фудбалот а кои не се наменети за играчи, како што е инженер за спортска опрема, физиотерапевт, или спортски новинар – знаете, за да куца на лаптоп.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

- Advertisment -