Како пандемијата ќе ја диктира организацијата на работната средина во 2021 год

Во 1930 год, економистот Џон Мајнар Кејс предвидел дека нашите работни обврски ќе се намалат до 15 часа неделно бидејќи технологијата ќе ни овозможи да бидеме попродуктивни. Не само што ова не се случи, туку и почнавме да поминуваме дополнително време надвор од дома поради патот што треба да го поминеме до и назад од работа и живеењето во приградски населби, а често пати ги забораваме и скорашните историски изуми, пишува Дејв Кук, докторанд по антропологија при Универзитетскиот колеџ во Лондон, за бизнис порталот The Conversation.

Но, 2020 год донесе големи промени. За време на мојата лична историја на работа на далечина за време на Ковид-19, се чудам во колкава мера пандемијата ни го потресе животот и колку многу бевме навикнати да земаме се` здраво за готово. Моето истражување исто така посочува кон неколку нови трендови што ќе му дадат форма на работниот живот во 2021 год, споделува тој.

Ќе заврши „до Божиќ“

На почетокот на минатата година работата на далечина постепено се претвори во долгорочен тренд. Тогаш, само 12% од работниците во САД работеа со полно работно време на далечина, и 6% во Велика Британија. Се подразбира дека светот беше неподготвен за масовно работење на далечина.

Но Ковид-19 веднаш докажа дека работата на далечина е возможна за голем број луѓе. Правилата и нормите на работните места се срушија како домино. Работата во канцеларија, состаноците со физичко присуство и дневните патувања до и назад од работа први заминаа. Потоа се напушти работењето од 9ч до 17ч, а одморите и приватниот живот дома беа под закана. Земјите дури почнаа да издаваат визи за работа на далечина за да ги охрабрат луѓето да ја поминат изолацијата работејќи на нивна територија.

Како што исчезнуваа старите норми, новите технологии маршираа непоканети во нашите домови. Моравме да го совладаме бон-тонот на состаноците на Зум, да пишуваме сочувствителни мејлови, да се справуваме со надзорот, но и со одговорностите поврзани со грижата за членовите од нашите семејства. И списокот не е исцрпен.

Соочени со обесхрабрувачка статистика – Обединетите Нации предвидоа дека 195 милиони лица ги изгубиле работните места – се чини дека само тие кои не ја прифаќаат моменталната состојба се жалат на работењето од дома. Сепак, Ковид-19 го предизвика најголемиот експеримент за работа на далечина во човечката историја.

Во јули 2020 год, британскиот премиер Борис Џонсон сонуваше дека ќе го вратиме чувството на нормалност „до Божиќ“. Го поминавме летото и стасавме до второто целосно затворање и фантазијата дека експериментот ќе трае само 12 недели се претвори во бледо сеќавање. Еден интервјуиран жител на Обединетото Кралство на телевизија дури и низ смеа изјави: „Навистина мислев дека ќе се вратиме во канцеларија до јули, какви будали бевме!“

Дали сте дисциплинирани?

Компаниите во Силиконската Долина како Google, Apple и Twitter беа меѓу првите организации чии вработени можеа да работат од дома. Пред сите останати, тие беа добро подготвени за ова. Како што можеше да се предвиди, тие имаат и модерен термин за тоа – нарушено работење. Во 2021 год, концептите како нарушено или хибридно работење ќе се зголемат.

Но повеќето компании не беа толку добро подготвени како претходноспоменатите технолошки гиганти. Во март објавив извештај за четиригодишното истражување во кое ги следев работниците на далечина. Предупредив дека за некој да биде успешен работник на далечина треба да поседува високо ниво на само-дисциплина, инаку ризикува да пати од прегореност од работа, истакнува Кук.

Сега го разбираме тоа. Но за време на првото целосно затворање, трпеливо разговарав со медиумски куќи зошто работењето од дома е толку тешко. Кога споменав дека враќањето во канцеларија може да се смета како луксуз, бидејќи им помага на луѓето да ги структурираат деновите, еден од водителите на вестите се насмеа. За добро или за лошо, дискусиите за дисциплинските рутини ќе се интензивираат во 2021 од.

Веќе во мај минатата година, почнаа да се појавуваат се` повеќе извештаи за заморот предизвикан од онлајн состаноците. Наивно предвидов дека употребата на Зум ќе се намали.

Ќе бев во право доколку се вратевме во канцеларија. Наместо тоа, потребата налагаше уште повеќе да го користиме Зум иако ни ја црпи енергијата. Зум истовремено го спаси и го уништи работењето од дома, и овој тренд нема да замине во брзо време.

Парадоксот на патувањето до и назад од работа

Работниците на далечина, кои се благодарни што се` уште имаат работа, исто така изјавија дека ги мачи чувство на вина поради тоа што „преживеале“. Прекумерната работа е еден начин да се манифестира таа вина. Многумина мислеа дека ако работат дополнителни часови, работното место ќе им биде гарантирано.

Во април мината година, се приклучив на група академици кои ја истражуваа рамнотежата помеѓу приватниот и професионалниот живот преку еден проект наречен eWorkLife. Податоците од истражувањето открија дека се зголемува бројот на работните часови и дека не е јасно кога завршува работниот ден.

Во моето четиригодишно истражување забележав чудна шема. Учесниците првенствено рекоа дека „избегнувањето на патот до и од работното место“ е клучна придобивка на работењето на далечина. Сепак, неколку месеци подоцна истите тие работници почнаа да создаваат мини траектории.

Проектот eWorkLife дојде до слични откритија. Луѓето сакаа да создадат „јасна разлика помеѓу работата и домот“. Водачот на проектот, професорката Ана Кокс, ги поттикнуваше учесниците да се преправаат дека патуваат до и од работа за да можат да ја одржат рамнотежата помеѓу приватниот и професионалниот живот. Во оваа година, рамнотежата помеѓу приватниот и професионалниот живот мора да биде препознаена како прашање од интерес за јавното здравје и токму овој проект ги тера институциите кои работат на создавање политики во оваа област да делуваат.

Правото да се од-поврземе

Што се случи со времето што претходно се поминуваше во пат до и назад од работа? Многумина го користат за да надокнадат со неодговорените меилови или да се погрижат за одредени административни обврски. Ова почнува да се претвора во загрижувачки тренд.

Предупредувањата пред пандемијата во врска со втемелувањето на работната култура 24/7 се зголемија. Социјалните научници понудија аргумент дека современите работници се претвораат во хибрид од работник и паметен телефон. Во 2016 год, работниците во Франција дури добија и легално право да не одговараат на мејловите од работа надвор од работните часови.

Листа со желби за 2021 год што би ни дало надеж вклучува постојано зголемување на активизмот на работното место, а што се однесува до компаниите и владите, тие треба да јавно да ги споделат нивните политики за работењето на далечина. Twitter и 17 други компании веќе најавија дека нивните вработени ќе работат на далечина на неодредено време. Најмалку 60% од компаниите во САД се` уште ги немаат јавно споделено нивните политики со вработените во врска со работењето на далечина. Работниците на далечина велат дека се` додека нивните шефови не ги откријат нивните политики за работењето по пандемијата, планирањето на нивната иднина е невозможно.

Починатиот активист Дејвид Гребер го опиша неуспехот да работиме 15 часа неделно како пропуштена можност, „лузна врз нашата колективна душа“. Ковид-19 можеби ги започна дебатите за алтернативна иднина во која има поголема рамнотежа помеѓу професионалниот и приватниот живот.

Но таквата иднина нема лесно да се случи. Ќе треба ние да се избориме за неа.

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

- Advertisment -