Како пак да научите да воспоставувате контакт со очи

Како што почнуваме да се враќаме на деловните состаноци со физичко присуство и на нашиот личен живот, правиме голем социјални и лични прилагодувања.

Бидејќи во последните 18 месеци зјапавме во пикселите на екранот, некои од нас можеби ќе треба одново да се навикнат на контактот со очи во живо.

Состаноците со физичко присуство и презентациите повикуваат на обнова на нашите вештини за остварување контакт со очи.

Но, важноста на контактот со очите во човечката комуникација не може да биде потценет. Копнееме по директен контакт со очи.

Очите на човекот се нарекуваат „прозорци на душата“, и ни даваат прилика, како што си замислуваме, да погледнеме внатре во вистинската личност.

Бојата, формата и положбата на очите може да биде магнетна. Нивната експресивност ни дава огромна количина информации и значење.

Барање доверба

Во бизнисот и животот, бараме очи на кои можеме да им веруваме.

Дали правилно ги читаме тие сигнали е отворено прашање, но нема сомнеж дека очите играат клучна улога во комуникацијата со другите.

Поради ова, остварување директен контакт со очи е еден од, и за многумина, најтешките делови од презентирањето или зборувањето лице  в лице.

Навистина, комуникацијата со очите обезбедува смисла на поврзаност и за вас и за вашата публика.

Одбегнување контакт со очи

Обучувам клиенти кои, кога презентираат пред големи публика, имаат развиена навика да гледаат на задните ѕидови за да одбегнат да ги гледаат луѓето во очи. Тие ми кажуваат дека гледаат во лицата на нивната публика, особено во лица на луѓе кои ги познаваат, и се чувствуваат како на суд.

Во бизнисот и во животот, сеприсутноста на паметните телефони го намалува контактот со очи. Во многу случаи, наместо да гледаме директно во некој продолжен период на време за целосно да се поврземе со нив, ние од време на време погледнуваме во телефонот и најверојатно климаме со глава.

На состаноци, наместо да ги гледаме очите на присутните за да го насетиме поттекстот на значењето, ние најверојатно ѕиркаме во телефоните или компјутерските екрани.

Бидејќи текстуалните пораки и фотографиите се` повеќе го заменуваат разговорот, можно е една цела генерација да изгуби дел од способноста да го разбере и користи контактот со очите, но важно е дека контактот со очите нема да се намали.

Важноста на контактот со очите

Луѓето остваруваат врска и влечат многу информации од гледањето во нечии очи. Ако некое лице го менува правецот на гледање често или гледа надолу, претпоставуваме дека се чувствува нервозно или непријатно.

Ако луѓето одбегнуваат контакт со очи додека ги испрашуваат, мислиме дека можеби лажат. Од друга страна, добриот контакт со очи може да не` натера да се чувствуваме како лицето навистина да не` слуша и не` почитува.

Контактот со очи е моќна сила и неговата важност се покажува на рани години. Карол Кинси Гудман, професор доктор која го изучува говорот на телото, забележува дека доенчињата природно ги заклучуваат очите со нивните негуватели. Таа вели дека важноста на контактот со очите се` уште се зачувува во умот на возрасните.

Кога не ги гледаме луѓето во очи тогаш делуваме како да немаме самодоверба. Повеќето често пати гледаат надолу или одбегнуваат контакт со очи кога се нервозни. Недостаток на контакт со очи може да ја пренесе нашата непријатност и страв во одредена ситуација.

Кога зборуваме пред публика, клучно е да оддаваме впечаток на самодоверба. Гудман открила дека „ако говорник активно бара контакт со очи кога зборува пред други, тој или таа се перцепираат како поверодостојни, како да имаат повеќе самодоверба и компетенции“.

Културни и други разлики

Луѓето од различни делови на светот толкуваат и комуницираат на различен начин. Во САД и Европа, директниот контакт со очи се охрабрува. Тоа се смета како укажување почит, доверба и внимание кон она што другото лице го кажува.

Во некои други култури, контактот со очи може да се смета како безобразен и непријателски чин. Може да биде знак на почит да се одбегне контакт со очи со постари лица или лица на авторитетни позиции. Од помош е да ја имате култура на ум кога остварувате контакт со очи – или го одбегнувате.

И секако, постојат и невролошки фактори како што е лице на аутистичниот спектар што во голема мера ќе влијае на контакт со очите и во поглед на испраќање порака и во поглед на примање на истата.

Колку многу?

Контактот со очите е деликатна работа. Премногу контакт со очи може да се смета за агресија или заплашување. Премалку контакт со очи може да делува како некој да нема доволно внимание за тоа што вие го кажувате или како знак на неискреност. Вистинската количина контакт со очи создава доверба и чувство на целокупна удобност.

Станува збор за точната количина во зависност од секоја ситуација. Варијабили како што се род, личност, средина и култура – сите се фактори за успешно остварен контакт со очи. Некои истражувања покажуваат дека контактот со очите би требало да се движи од 20 до 60 проценти за време на разговорите, во зависност од контекстот.

„Финтата“

Во книгата „Моќта на шармот“, Брајан Трејси и Рон Арден зборуваат за дополнителната вештина на додавање длабочина во вашата врска и како да го направите вашиот контакт со очи уште поприроден. Тие ја дефинираат финтата како „едноставен чин на брза промена на погледот од едното кон другото око на лицето додека слушате што зборува“.

Ако сакате пример, гледајте филм во кој маж и жена зјапаат еден во друг и гледајте како набрзина го пренасочуваат погледот. Очите се движат напред – назад и покажуваат ангажман.

Техниката помага да се одбегне бледото зјапање што може да се сфати како лажно слушање. Активните очи покажуваат вклученост во разговорот.

Подобрување на контактот со очи

Во продолжение се неколку стратегии што можат да ви помогнат да ја изострите ефикасноста на вашиот контакт со очи:

Довршете ја поентата

На состанок или за време на презентација, обидете се да го одржувате контактот со очи со лицето како што ја воведувате или комплетирате вашата поента, потоа преминета на друго лице или дел од публиката за да развиете ритам за вас и вашите слушатели.

На почетокот, директно зборувајте со луѓето пред вас како да зборувате со пријател на забава. Одржувајте контакт со очите што е подолг од вообичаениот со нив додека ја објаснувате вашата поента. Тоа ќе создаде конекција и ќе ви помогне да се чувствувате смирени.

Најдете лица кои ве поддржуваат

Слично на погорекажаното, најдете луѓе во публиката кои ве поддржуваат преку нивниот говор на тело, како што е насмевка или климање со главата. Поврзете со нив. Користете ги како контактна точка и опкружете ги луѓето околу нив. Ќе создадете сфера на добра волја во тој дел од публиката.

Скенирајте ја просторијата

Големата публика поделете ја во три или четири дела и ротирајте околу нив, гледајќи ги поединците близу предниот дел кон средината на тој дел. Луѓето позади нив ќе се чувствуваат како да ги гледате нив. Немојте да гледате само од едната до другата страна, туку менувајте го образецот низ целата просторија.

Барајте повратни информации

Создадете свесност за тоа како правите контакт со очите и како ги судите контактите со очите на другите. Дали одбегнувате очен контакт? Дали контактот со очи на другите го доживувате како агресивен чин?

Прашајте ги луѓето на кои им верувате да ви дадат фидбек за вашиот личен контакт со очи. Дали премногу го правите тоа? Дали премалку?

Комункацијата со очи е комплексна и на многу начини мистериозна. Оваа недела, обидете се да развиете одреден степен свесност за тоа како комуницирате со вашите очи и бидете понамерни во вашиот пристап.

Можеби ќе откриете дека вашите очи навистина се „прозорец на душата“ и ќе поканите повеќе лица вистински да ве запознаат.

Автор: Џон Милен, експерт од областа на лидерството, раскажување приказна за бренд и претприемништво.

Извор: johnmillen.com

поврзани статии

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде

прочитај повеќе

Недоволно ценет лидерски стил со 3 огромни предности

Кои од овие лидери сметате дека има поголемо влијание во неговиот тим? Лидер А: Џон единствено има фокус на поставените цели. Тој исто така има репутација...
- Advertisment -